Рецензија: Зимско чудо – Галичник без снег

23-0099887700-098-crop-resize

За репортажата, познатиот новинар, публицист и учител на бројни новинарски генерации Душан Ѓуриќ вели:

„Заедничкото на мнозинството дефиниции е правилото дека репортажата вистински опишува стварен настан – верно, живо, занимливо, со многу поединости, со името и презимето на актерот, со називот на местото, со адресата. Уметноста на детали како карактеристика на репортажата не го ослободува репортерот од тоа дека треба да ја разбере целината и суштината, а изразот „убавица на новинарските редови“ не значи дека репортерот смее да му се препушти на површниот лов на ефекти“.

Во конкретниот случај што го разгледуваме се забележува запазување на главните елементи на репортажата, кои Ѓуриќ ги „стилизира“ во еден пасус, а тоа се содржајност, актуелност, аналитичност, писменост, атрактивност, убедливост, ангажираност и затоа може да се заклучи дека станува збор за квалитетен прозивод. 

2Линк до оригиналниот напис: Зимско чудо – Галичник без снег

Датум и време на објавување:  17.01.2014, 18:37

Датум на рецензирање:  19.01.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Текстот нема никаков проблем со вистинитоста. Од прво читање јасно е дека напишаното е убедливо, бидејќи авторот навистина и го доживеал. Затоа го имаме чувството на автентичност, а не „извештаченост“. Едноставно, авторот бил во Галичник и од терен, а не од канцеларија, ни ја доловил атмосферата од Мијачијата. Што повеќе, како аргумент на страна на вистинитоста, од формулацијата:

„Се движиме низ селото, застануваме да уживаме на панорамата што ни се покажува пред нас. На запад се издига Крчин, кој е под снежна покривка, сончевите зраци отсјајуваат и глетката е невообичаена. Долнореканскиот крај е во магла, не се гледа Дебарско Езеро. Но, на јужната страна, исто така, планината Стогово е под снег. Уживаме и се восхитуваме. Сите сетила ни се исполнети со прекрасни чувства на убавина. Среќаваме туристи, посетители, како нас, дошле на еднодневен излет за да ги почувствуваат убавините, да се надишат чист планински воздух, „побегнале“ од маглите и смоговите кои ги оковале градовите и котлините“.

 

Извори на информации: Ако за една репортажа од исклучителна важност е автентичноста и убедливоста, исто така, значајни се и изворите. Во овој случај се забележуваат неколку – од патници-намерници, па постојани жители на селото, сѐ до поранешни колеги. Сите тие кај публиката го дополнуваат впечатокот на присутност. Преку нивните изјави читателите полесно самите се пренесуваат во нечепнатата природа.

Содржајност: Во овој сегмент најмногу се истакнува информацијата, која е „ударна“ во насловот, дека во Галичник сѐ уште нема снег. Таа вест е дополнета и со соодветна фотографија од селото во кое, за изненадување за јануари, нема ниту „с“ од снег. Интересна е формулацијата:

„Во минатиов половина век од крајот на октомври или од почетокот на ноември, по првите врнежи на снег патот беше блокиран, а се расчистуваше во почетокот на мај, и тоа со тешка градежна механизација. Галичник беше отсечен од светот, од Митровден до Ѓурѓовден“.

„Од Митровден до Ѓурѓовден“ – термин од минатото за да се означат тешки „снежни месеци“.

Оригиналност/Плагијат: Од понуденото апсолутно е јасно дека станува збор за оригинална репортажа потпишана од автор.

Квалитет на насловот: Добро смислена насловна конструкција „Зимско чудо – Галичник без снег“ која, според теоријата, ја исполнува задачата во една репортажа – да привлекува.

Фотографија: Станува збор за две употребени фотографии кои коректно ја вршат работата на илустрација на текстот. Забелешката би била дека написот без проблем можел да издржи барем уште некоја дополнителна фотографија.

Заклучок: Добар пример за квалитетна репортажа која успева да ги исполни основните елементи задолжителни за ваков новинарски жанр. Штета што во нашите медиуми ги нема повеќе, бидејќи, како што вели Ѓуриќ, репортажата е „убавицата на новинарските редови“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција