Рокот за информации од јавен карактер уште чека да биде преполовен
Водечката владејачка партија во предизборната програма најави дека ќе го преполови овој рок од 30 на 15 дена, што беше дел од приоритетите наведени во првите 6 месеци од формирањето на владата, меѓутоа тоа сè уште не се случило, иако веќе изминаа 4 месеци од истекот на овој рок
Ќе го преполовиме од 30 на 15 дена законскиот рок за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер според искуствата во Хрватска, Латвија, Србија, институциите на ЕУ и други. Секоја информација ќе биде достапна за 15 дена.
[Предизборна програма на СДСМ, „План за живот“ (стр.232)]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Пред да ја преземе власта на средината на минатата година, СДСМ најавуваше дека еден од нивните главни принципи на владеење ќе биде транспарентноста на институциите и отчетноста на функционерите.
Во духот на ваквите заложби, новата влада на социјалдемократите воведе функција министер без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, на која го именуваше поранешниот новинар Роберт Поповски.
Покрај тоа, Владата воведе нови практики, како што се постојаните гостувања во медиумски дебати со политички противници и неистомисленици, редовни информативни брифизни со новинарите, подетално информирање за владини седници.
Исто така, Владата преку Министерството за информатичко општество и администрација подготви листа на 21 документ што секое министерство имаше обврска да ги објави на својата интернет страница – буџет, стратешки план, ревизоркси извештај, план за јавни набавки, правилник за внатрешна организација, список на вработени лица…
Во таа насока, големо внимание привлече Алатката за отчетност што ја промовираше владата, која ги покажува трошоците што ги направиле владините министри, замениците-министри и државните секретари за авионски патувања, хотелски сместувања, телефонски сметки, угостителски услуги…
Наспроти тоа, едно од поважните предизборните ветувања на СДСМ, за зголемена транспарентност, сè уште не е исполнето. Станува збор за намалување на законскиот рок во кој институциите мора да одговорат на прашањата упатени согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Моментално, Законот предвидува дека институциите и органите, што се иматели на информации од јавен карактер, мора да достават одговор во рок од 30 дена, доколку барањето е испратено по пошта или по електронски пат, како и 10 дена доколку е поставено усно.
Вообичаено, новинарите ја користат опцијата да ги испраќаат барањата по електронски пат, но најчесто не ги добиваат одговорите во пропишаниот рок од 30 дена, па покренуваат жалбена постапка пред Комисијата за заштита на правото на информации од јавен карактер, што дополнително ја одолговлекува постапката, која неретко знае да трае со месеци.
Водечката владејачка партија во предизборната програма најави дека ќе го преполови овој рок од 30 на 15 дена, што беше дел од приоритетите наведени во првите 6 месеци од формирањето на владата, меѓутоа тоа сè уште не се случило, иако веќе изминаа 4 месеци од истекот на овој рок.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на СДСМ – „План за живот во Македонија“ (стр. 232) (пристапено на 30.03.2018) http://sdsm.org.mk/Gis/Upload/PDF/Plan%20za%20zivot%20vo%20Makedonija.pdf
- А1 он (29.03.2018) Бошњаковски: Со принципите на транспарентност и отчетност Владата воспоставува нови практики (пристапено на 30.03.2018) https://a1on.mk/archives/873488
- Макфакс (31.10.2017) МИОА подготви листа на документи што министерствата имаат законска обврска јавно да ги објавуваат (пристапено на 30.03.2018) https://makfax.com.mk/daily-news/%D0%B2%D0%B8%D0%B4%D0%B5%D0%BE-%D0%BC%D0%B8%D0%BE%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B3%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%B8-%D0%BB%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B4%D0%BE%D0%BA%D1%83%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D1%82/
- Пина (23.02.2018) Сопки на патот кон слободниот пристап до информации (пристапено на 30.03.2018) https://pina.mk/2591-sopki-na-patot-kon-slobodniot-pristap-informatsii/
- Официјален сајт на Влада на република Македонија (пристапено на 30.03.2018) http://vlada.mk/otchetnost-troshoci
- Официјален сајт на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (пристапено на 30.03.2018) http://komspi.mk/%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%B8/
- Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер (пристапено на 30.03.2018) http://komspi.mk/297-2/
Оцени: Влатко Стојановски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар