С. Македонија има црвени линии во врска со спорот со Бугарија

Т. Муцунски. Фото: скриншот

Тимчо Муцунски, високопозиционирана личност во ВМРО-ДПМНЕ, искажува невистина во интервју за медиум, дека земјава немала цврсти национални црвени линии во спорот со Бугарија

Тимчо Муцунски, високо позиционирана личност во ВМРО-ДПМНЕ, искажува невистина во интервју дека земјава немала цврсти национални црвени линии во спорот со Бугарија

 

Пратеникот Тимчо Муцунски даде изјава во рамки на интервју, во која детектираме невистина:

…Од страна на Бугарија имаме доста предвидлива и транспарентна позиција, односно од тоа што го слушнавме од бугарскиот министер  за надворешни работи пред неколку дена Бугарија останува на декларацијата усвоена во бугарскиот парламент што значи дека на сите ни е јасно кои се преговарачите позиции на Бугарија. Од страна на Република Македонија имаме флоскули, имаме многу кажани зборови, многу ветувања, но никако цврсто воспоставени национални црвени линии за што ние не сме подготвени да преговараме, односно кажуваме дека идентитетот, историјата, јазикот, но често пати од оваа актуелна власт на СДСМ и ДУИ сме виделе да се ветува дека не се преговара за одредени прашања а токму за тие се преговара, кажа Муцунски.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб-Муцунски, датум: 09.06.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пратеникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Утрински Брифинг“, пренесено и во „Слободен Печат“, невистинито тврди дека С. Македонија немала црвени линии во решавање на спорот со Бугарија.

Појаснувајќи ги протестите што ги прави неговата партија во Скопје и други градови во земјата во траење од два часа секојдневно, Муцунски вели дека станува збор за предупредувачки протести токму поради тоа што во земјава биле кажани „флоскули, многу кажани зборови, ветувања, но никако цврсти воспоставени национални црвени линии“.

Муцунски, кој воедно е и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, притоа заборава на бројни изјави токму од двајцата највисоки претставници на државата, премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски. Тука ќе биде посочено само на некои во последните неколку месеци:

Стево Пендаровски на 29.10.2020:

Тоа што можам категорично да го повторам е дека нема отстапки и нема, ниту ќе има преговори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа е наше чувство и секако преговори за нашиот идентитет не треба да има.

 

Зоран Заев на 29.10.2020 година:

Се согласувам со претседателот Пендаровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот. Но, меѓусебното разбирање внатре не носи кон она што го викаме реалност. Факт е дека имаме заедничка историја и ако бидеме паметни со доминантен фокус на иднината имаме можност да го искористиме тоа.

 

Зоран Заев на 01.03.2021 година:

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и јазик

 

Зоран Заев на 05.05.2021 година:

По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ?

 

Зоран Заев на 05.06.2021 година:

Апелирам за трезвеност затоа што илјада пати потврдивме, додека стоеше до мене потпретседателот на ЕУ, Борел, или Тимерманс или претседателката Фон Дер Лајн или кој било од луѓето кои се лидери во ЕУ, вклучувајќи и претседатели и премиери на земји членки на ЕУ, експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри ќе се знае за што е разговарано. Тоа е за 18 дена од денеска

 

Како што може да се види од приложените неколку изјави од октомври 2020 година до јуни 2021 година, С. Македонија, претставна од Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, консеквентно и постојано истакнуваат ист став, кој де факто говори за македонските црвени линии – прашањата поврзани со идентитетот и прашањата поврзани со македонскиот јазик не се и нема да бидат тема на преговори со Република Бугарија.

Сосема друго прашање е дали партијата на Муцунски е вклучена во сите детали од решавањето на спорот, чиј исход се очекува најдоцна за десетина дена, кога ќе се види дали ќе биде тргнато бугарското вето за започнување пристапни преговори со ЕУ.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека изјавата на Муцунски дека земјава немала цврсти црвени линии е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција