СДСМ вети дека социјалните станови ќе ги дава само на користење, иако тоа веќе е решено со закон

ВЕТУВАЊЕ: Ќе предложиме законски измени со цел да воведеме право на користење, не на сопственост, на социјалните станови. Социјалните станови ќе прераснат во колективни станбени заедници коишто ќе бидат управувани од локалната самоуправа. Право на користење ќе имаат граѓани кои се во системот на социјална заштита и граѓани со ниски примања, како и млади партнерски заедници и лица со попреченост кои не поседуваат друг имот.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр. 54 – датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ вети дека со законски измени ќе овозможи социјалните станови да се даваат на користење, без можност корисниците да ги откупат, иако вакво решение веќе постои во измените на Законот за домување, кои беа на сила и во периодот кога социјалдемократите го дадоа ветувањето. Со оглед на тоа, ова изборно втување на СДСМ го сметаме за недоследно.

Инаку, дополнително, според планот на СДСМ, требаше да се промени и улогата на општините во управувањето на социјалните станбени згради, но тоа не се оствари. Единствено што успеа да реализира Владата за овие две и пол години од мандатот е да изгради неколку од планираните згради наменети за давање на социјално загрозени граѓани.

Ветувањето на СДСМ е сместено на стр. 54 од Планот за живот во Македонија, а Владата го вметна во својата Програма за работа за периодот 2017- 2020 година (стр.10), во делот за социјална политика. За неговото реализирање Владата требаше да направи измени на Законот за домување, во делот непрофитно домување, каде што се регулира и прашањето за откуп на стан во општествена сопственост. Досега (04.03 2020 година) нема информација дека Министерството за транспорт и врски подготвило измени на Законот за домување со кои е опфатено ова ветување. Во собраниска процедура, до предизборното распуштање на Собранието, имаше закон за измени на Законот за домување, но кои се однесуваат на усогласување со Законот за прекршоци и промени во делот на управителите со станбените згради.

Меѓутоа, прашањето за користење на социјалните станови и неможност на нивен откуп од страна на корисниците е решено со измените и дополнувањата на Закон за домување од 2011 година и измените на Законот во наредните години 2012, 2013, 2014 и 2016 година, каде што се регулира прашањето на продажба на становите во државна сопственост. Така, во членот 42 од Законот за изменување на Законот за домување објавен во „Службен весник бр. 36/2011) се нотира дека не може да се продаваат становите:

    • во објект од времен карактер, кој не се задржува со урбанистичкиот план,
    • во експроприран објект,
    • наменет за социјално домување;
    • во објект опфатен со Законот за денационализација,
    • даден на користење согласно со Уредбата за начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија и
    • соби во објекти кои не се сметаат за станови, во смисла на овој закон.

Во членот 145 од измените на Законот за домување објавени во Службен весник број 38 од 15.03.2012 година се додава посебен став на членот 42, кој гласи: „(2) По исклучок од ставот (1) алинеја 5 на овој член предмет на продажба може да бидат станови за кои во актот за доделување и/или во договорот за закуп е утврдено право на откуп, стои во членот 145.“

Според овие измени, откупот, односно продажбата на социјалните станови не се дозволени, што значи дека тие можат да се даваат само на користење. СДСМ ги превиде овие измени кога се обврза дека со законски измени ќе воведе право на користење, не на сопственост на социјалните станови.

Владата, сепак, утврди нови категории на социјално загрозени граѓани кои можат да аплицираат на огласите за распределба на социјалните станови. Ова е решено со новиот Закон за социјална заштита, донесен во мај 2019 година, а почна да се применува со повторениот оглас за распределба на социјалните станови во Струмица од крајот на февруари годинава. Според овој оглас, за социјален стан можат да аплицираат:

    • Деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родител;
    • Корисници на правото на гарантирана минимална помош;
    • Лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта.
    • Лица со попреченост и семејства со лица со попреченост.
    • Лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени (согласно „Стратегијата за Ромите на Република Македонија“)
    • Самохрани родители со малолетни деца.

За време на мандатот, Владата продолжи со реализација на планот за изградба на социјални станови од 2009 година. Тоа се потврдува и од информациите објавени во медиумите, но и од владината Програма за изградба, продажба и одржување на станбен простор во сопственост на Република Македонија од 2019 година која ја спроведува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката (АДСДП).

Според оваа програма, во 2019 година требаше да се градат 10 објекти со 722 стана и тоа: еден објект во Пехчево со 34 стана, еден објект во Виница со 36 стана, еден објект во Свети Николе со 48 стана, еден објект во Скопје – општина Бутел со 312 стана, еден објект во Пробиштип со 48 стана, еден објект во Неготино со 62 стана, еден објект во Сарај со 58 стана, еден објект во Дебар со 46 стана и еден објект во Велес со 29 стана. Останатите 161 стан во Шуто Оризари, Куманово и Тетово треба да се реализираат во периодот 2020-2021 година.

Беше најавена и ревизија на распределбата на социјалните станови од претxодната влада, но извештаи дека тоа е направено од страна на институциите не можат да се најдат. Нема ниту информации за такво нешто во медиумите.

Имајќи ја предвид оваа аргументација, особено фактот што  СДСМ во предизборието во 2016 година ветува „законски измени со цел да воведеме право на користење, не на сопственост, на социјалните станови“, и покрај тоа што во тој момент веќе постојат такви зконски измени, според методологијата на „Вистиномер“ ветувањето го оценуваме како недоследно.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција