Се воведува нова стипендија за идните одделенски наставници

Студентите за наставен кадар во основното образование ќе се стимулираат со стипендии од 6.000 денари Фото: Педагошки факултет „Св.Климент Охридски - Скопје“ (Прв академски час 2017/2018)

Ќе ги стимулираме завршените гимназијалци да се запишуваат на Педагошките факултети со доделување на посебни стипендии за студирање и гарантирање на работно место за оние што ќе го завршат факултетот на време и со добар успех. Ќе ги подигнеме критериумите за упис на Педагошките факултети.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.225)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма: „План за живот во Македонија“ (стр.225) со која социјалдемократите излегоа на предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), СДСМ  вети дека  ќе се  стимулираат завршените гимназијалци да се запишуваат на Педагошките факултети со доделување на посебни стипендии за студирање и гарантирање на работно место за оние што ќе го завршат факултетот на време и со добар успех. Ова изборно ветување на социјалдемократите  е делумно исполнето.

Деновиве (23.01.2017) од Владата информирааа дека се воведува нова стипендија  во износ од околу 100 евра, за идните наставници во основните училишта уште од самиот почеток на студирањето. Во соопштението објавено на веб-страницата на Владата е наведено дека на 50-та владина седница:

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата ја усвои информацијата за воведување нова стипендија за студенти за наставен кадар за основно образование уште од првата година на студиите во висина од 6000 денари. 

Истата информација  ја пренесоа и медиумите.

Министерството за образование и наука ќе воведе нова стипендија за студенти за наставен кадар за основно образование уште од првата година на студиите во висина од 6.000 денари. Оваа иницијатива на министерството денеска беше усвоена на Владината седница.

Сепак, во оваа мерка, за која од Владата сметаат дека „ќе придонесе  за унапредување на квалитетот на наставните кадри во основното образование“, не се споменуваат студентите на студиските програми за предучилишно воспитание и библиотераство (кои  се дел од Педагошкиот факултет). Исто така, досега (24.01.2018), нема информација дека е донесена некаква одлука за  гарантирање на работно место за оние што ќе  завршат  педагошки факултети на време и со добар успех“, како што е наведено во програмата на СДСМ „План за живот во Македонија“ (стр.225). Па, имајќи го сето ова предвид, споменатото изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција