Сериозна дебата претворена во текст „гранапче-муабет“

23-098700996665009-098000-crop-resize

[Рецензија: Целосна доминација на Иванов во телевизиската дебата,

Пендаровски без контрареплики (ВИДЕО)]

Многу, многу „тенок“ текст, со целосно навивачки карактер, без каква било изграденост на тези и уште помалку нивна соодветна аргументираност. Имаме јасно отсуство на правилен „тек“ во раскажувањето на приказната без продлабочено и аналитично објаснување зошто толку „цврсто“ се тврди дека имало „целосна доминација на Иванов на на телевизиската дебата“. Сето тоа, пак, зачинето со „искасапено“ видео-парче од соочувањето на четворицата претседателски кандидати, недвосмислено укажува дека имаме работа со партиски материјал пуштен во „оптек“ исклучиво заради пропагандни цели.

2 Линк до оригиналниот напис: Целосна доминација на Иванов во телевизиската дебата, Пендаровски без контрареплики (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 05.04.2014, 22:03

Датум на рецензирање: 07.04.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

КОЈ ТОА ВЕЛИ ДЕКА НЕКОЈ ДОМИНИРАЛ?!

Кој тоа вели дека еден од четворицата кандидати доминирал и тоа целосно? Не ми е јасно дали е тоа мислење на некој експерт, познавач на состојбите или, пак, можеби став на непознатиот автор,кој својот новинарски кредибилитет го „подметнува“, во овој случај, за претседателскиот избраник на власта. Значи, ако веќе се тврди за некаква си „доминација“, тоа или треба да биде соодветно поткрепено со аргументи, или да биде темелно обработено во анализа со низа конкретни примери и кредибилни соговорници, или, пак, да биде професионален став на некој „новинар – тешкаш“ со децении работа зад себе, со огромно искуство, со „покриени“ десетици изборни циклуси и дебати, кому ќе му веруваме на зборот дека „едниот кандидат потклекнал, додека другиот победил“. Но, овде тие компоненти ги немаме и за сметка на нивното отсуство гледаме нечија верзија на настанот која треба да ја прифатиме како апсолутна вистина.

Тоа не оди така, а секако во прилог на вистинитост(а) многу не помага ни кусото, селективно „исечено“ видео-парче од целата речиси двочасовна дебата, кое би требало да нѐ убеди дека некој некого „растурил“ во дискусијата. Ако некој не ја гледал дебатата, од ова „материјалче“ сигурно нема да го добие целосниот и вистинскиот впечаток за настанот. На пример, други медиуми се потрудиле темата каде-каде поквалитетно да ја сработат и дошле до поинаков заклучок. Значи, претходно кажаното упатува на тоа дека имаме значителна доза спин – елементи, но речиси никакви извори на информации.

„Вечерва на јавниот сервис, ја доби таа дебата. Но тој беше оној кој молчеше пред можноста за контрареплики. Тој немаше како да ги оспори зборовите кажани од Иванов, поткрепени со факти, образложенија, дела и резултати“.

Чии се и што значат ваквите зборови кои многу потсетуваат на слоганите на владејачката партија?

 

OБИД ЗА „ДУБАРА“ УШТЕ НА САМИОТ ПОЧЕТОК – ВО НАСЛОВОТ

Кон една исклучително сериозна тема, во овој текст се пристапило како на гранапче-муабет: „Глеаше синоќа? Глеав, овој тапа, оној го уби“! Новинарски е многу тешко добро да се „спакува“ двочасовен настан во текст од половина страница, накусо на публиката да ѝ се објасни содржината и главните поенти. Овде во тоа не се успеало, зашто имаме пример на крајна селективност: се вадело само она што некому му требало. Неизбежен е впечатокот дека сѐ е правено наврат-нанос, набрзина, а тоа го покажува и тајмингот на објавување на написот, само десетина минути по завршувањето на дебатата. Значи, „некој“ бил на готовс и без многу мислење, работа, ангажираност и аналитичност го „спружил“ текстот на насловна. Затоа го имаме конечниот резултат – партиска нарачка без трошка објективност во пристапот, бидејќи контрареплики имаше! Можеби некој сакал повеќе, но на крајот на краиштата тоа е проценка на кандидатите и нивните тимови, а не на медиумите чија основна задача е да ИНФОРМИРААТ онака како што навистина било.

„Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија“ – Кодекс на новинарите на Македонија.

Всушност, обид за „дубара“ се прави на самиот почеток – во насловот. Со употребата на таквата конструкција се создава погрешна слика кај јавноста, онаа која не го гледала претседателското соочување, за тоа кој кандидат настапил со аргументи, а кој не.

Конечно, без многу да должиме, ова што го имаме е патетичен обид за новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција