Северна Македонија претставена како слаба точка на НАТО во написот на „Foreign Policy“

Порталот Foreign Policy (Надворешна политика) од САД, кој го издава истоимениот магазине за меѓународна политика уште од 1970 година, објави напис со наслов „НАТО има нова слаба точка која Русија би можела да ја експлоатира“, чиј основен аргумент е дека Северна Македонија претставува „дефиниција“ за слаба точка во синџирот на земји во Алијансата, која би претставувала лесна цел за ангажиран противник.

Порталот Foreign Policy (Надворешна политика) од САД, кој го издава истоимениот магазине за меѓународна политика уште од 1970 година, објави напис со наслов „НАТО има нова слаба точка која Русија би можела да ја експлоатира“, чиј основен аргумент е дека Северна Македонија претставува „дефиниција“ за слаба точка во синџирот на земји во Алијансата, која би претставувала лесна цел за ангажиран противник.

 

Написот, иако на места ги симплифицира работите, многу лесно доделува не сосема соодветни етикети (ВМРО-ДПМНЕ е директно наречена како „про-руска партија“) и не зема предвид извесни факти кои покажуваат дека земјава и не баш толку лесна мета (граѓаните на С.Македонија во огромно мнозинство од над 80 отсто го поддржуваат членството во НАТО, што е повеќе од било која друга земја членка, македонскиот извоз кон Русија изнесува само 1 отсто, додека во ЕУ е речиси 80 отсто од вкупниот, С. Македонија има и искуство и извесни капацитети во борбата против лажните вести и тоа веќе цела една деценија), тој, сепак, сеопфатно ги објаснува можните слабости и линиите на напад со кои може да се соочи Северна Македонија врз принципот на хибридна војна, а дава и предлози како да се засилат капацитетите за одбрана во случај на засилени кампањи од лажни вести, комбинирани со други тактики совјствени на современото хибридно војување.

Центарот на вниманието е, се разбира, Русија, чии непријателски активности кон Западот не сопреа ниту во текот на Ковид-19 пандемијата, при што се опишуваат можните чекори кои режимот во Кремљ би можел да ги преземе со цел да предизвика нестабилност во земјава. Најголемо внимание се посветува на идните избори и можноста да се наруши нивниот демократски интегритет:

Начините на попречување за кои Русија се специјализира вклучуваат мешање во изборите, подгревање на етничките тензии и провокација на оружен конфликт. Овие три сосема реални можности би можеле да предизвикаат одговор на НАТО според член 5 од договорот на Алијансата. Прашањето со најголема итност се однесува на обезбедување на наидувачките избори во Северна Македонија, кои сега се одложени за во иднина заради Ковид-19 пандемијата. Последните истражувања на јавното мислење покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ, проруска националистичка партија е во мртва трка со про-западните социјалдемократи. Руското мешање во изборниот процес или исход не само што е закана за македонскиот суверенитет, туку ако биде успешно, може да резултира со Влада која ќе ја пренасочи Северна Македонија кон Москва.

Но, пропагандните и хибридните закани против Северна Македонија не завршуваат тука. Авторите многу добро ја набележуваат можноста од превелање на настабилноста и тоа во две насоки – и од С.Македонија кон соседите и во обратна насока – од соседите кон С. Македонија, при што главна улога во таквото сценарио ѝ се доделува на „регионалниот клиент на Москва – Србија“:

Русија, исто така, би можела да се обиде да врши притисок и да ја дестабилизира Северна Македонија и на други начини, вклучително и преку регионалниот клиент на Москва – Србија. Руската пропаганда насочена кон Северна Македонија вклучува теории на заговор за значителното албанско малцинство во земјата, кое наводно е во заговор со НАТО и Албанија да ја приклучи Северна Македонија кон „велика Албанија“ преку големо крвопролевање. Како што секој проучувач на балканската историја знае, таквата реторика доведе до етничко насилство во регионот и порано. Алтернативно, Русија може да ги поттикне и горливите конфликти во Србија, чиј нестабилен прешевски регион директно граничи со Северна Македонија или преку нерешениот косовски спор. Било кој од овие конфликти може да се прелее во Северна Македонија.

Со цел спречување на ваквите сценарија, текстот предлага да се реплицираат и адаптираат активностите и тактиките кои се покажале успешни во Црна Гора пред 2-3 години:

Следните чекори на НАТО да го обезбеди својот најнов член би можеле да вклучуваат адаптирање на успешните тактики користени кога Црна Гора се приклучи кон Алијансата во 2017 година. Сајбер тим, спонзориран од НАТО, обезбеди техничка поддршка за црногорската Влада со цел да ja подготви да ги идентификува и да им се спротивстави на појавите на хибридна војна. НАТО ја подигна свеста за бенефициите од членството, работејќи со администрацијата, граѓанското општество, локалните власти и медиумските организации. НАТО, исто така, работеше и на тоа да го подобри управувањето во секторот на обраната во Црна Гора. Слично на ова, Европската унија, која тукушто отвори пристапни преговори со Северна Македонија, би можела брзо да му сигнализира на светот дека балканските нации се интегрален дел од Европа.

На крај, написот оди уште пошироко и се осврнува на можноста за креирање на сеопфатен механизам во рамките на Алијансата, чија задача би била да се справува со пропагандните и хибридните закани од Русија кај сите заинтересирани земји членки:

Пошироко гледано, на НАТО му е потребен механизам да одговори на руската агресија во случај Алијансата да не може едногласно да се договори во таа насока. Членост 5 изискува едногласност пред да се покрене заедничката одбрана, но НАТО членките се разликуваат во своите ставови кон Русија. Едно решение би било, во случај на потреба, да се формира коалиција на заинтересирани држави, сочинета од НАТО членки со кредибилни одбанбени способности, кои се подготвени да и се спротивстават на Русија и да подготват колективен одговор во случај на било каков напад.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција