Шар Планина шест месеци под строга заштита, ама само на хартија

Фото: Вистиномер

Националниот парк е пуштен во употреба, но во пракса нема никакви активности. Нема ренџерска служба, нема седиште и простории. Планинарските друштва велат дека изминативе неколку месеци додека ги организирале планинарските тури низ Шара, не почувствувале апсолутно никаква промена дека се движат низ некакво заштитено подрачје

Националниот парк е пуштен во употреба, но во пракса нема никакви активности. Нема ренџерска служба, нема седиште и простории. Планинарските друштва велат дека изминативе неколку месеци додека ги организирале планинарските тури низ Шара, не почувствувале апсолутно никаква промена дека се движат низ некакво заштитено подрачје

 

Пишува: Зоран Димовски

 

Шар Планина веќе шест месеци е прогласена за национален парк. Иницијативата за прогласување на Шара за ново заштитено подрачје покрената пред повеќе од 10 години, изминатово лето пратениците со мнозинство гласови во Собранието ја преточија во Закон. Па така, државата доби нов четврти национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година.

Нацрт- Планот за управување со националниот парк Шар Планина,  беше промовиран на 15 декември на Попова Шапка

Ова е многу важен настан за сите, особено за жителите од  овој реон. Овој голем проект е реализиран по јавна дебата и со придонес на експерти од областа, како и во соработка со нашата Влада, Министерството за животна средина, институциите – како универзитетите, разни планински, ловечки друштва итн, истакна на промоцијата Ибрахим Дехари директор на Националниот парк Шар Планина

Помина речиси половина година по прогласувањето на новото заштитено подрачје, Нацрт-Планот за управување се промовираше, но во пракса нема никакви активности. Нема ренџерска служба, нема седиште и простории. Планинарските друштва за „Вистиномер“ раскажуваат дека изминативе неколку месеци додека ги организирале планинарските тури низ Шара, не почувствувале апсолутно никаква промена дека се движат низ некакво заштитено подрачје. Изградба на дивоградби и најголемата кастастрофа што ѝ се случува на планината – дивата сеча на шумата,  и натаму се присутни. Планинарите сметаат дека ако се воведе ред и ако се постават лица тоа да го контролираат во рамки на националниот парк, планината ќе се зачува. Но, таму во моментот нема никаква контрола.

 

Фото: Вистиномер

На терен нема промена, сметот е тука, како и дивата сеча. Народот и покрај тоа што знае дека е национален парк, пак си ги тера старите навики на уништување на природата. Но, ако некој знае дека малку подолу има теренско возило со лица кои ја чуваат Шара, ќе размисли дали ќе фрла смет, или пак,  ќе сече шума. Јас сум планинар и имам одговорност, но таа моја одговорност завршува кога ќе видам што се случува на Шара, тоа го пријавам и чекам надлежните органи да преземат нешто. Понатаму сè останува  на шумската полиција и другите надлежни институции.

Мора луѓето кои ќе работат во идниот национален парк да ги мотивираме да се направи нешто за да престане соработката која криминалците ја имале и имаат  со надлежните. Сиромоштијата е таа којашто го поттикнува населението да ја сече шумата, тоа му е единствената егзистенција… Затоа со тие лица кои живеат во шарпланинските села треба да се работи, да се пренасочат кон туризмот и кон егзистенција од идниот национален парк. Односно, да се поработи на свеста дека таа шума не смее да се уништува, дека од таа шума ќе егзистираат, но на друг начин, вели за „Вистиномер“ Снежана Новаковска, претседател на „Планиннарски клуб Тетекс“.  

 

Снежана Новаковска Фото: Вистиномер

Од Македонското еколошко друштво, сметаат дека локалното население треба да биде вклучено во сите фази на управување со новото заштитено подрачје, во смисла на информирање за  нивните ограничувања и на нивното дејствување во заштитеното подрачје, но и за нивните придобивки од Шар Планина како нов национален парк.

Во овој период кога немаме целосна администрација  или управа на новиот национален парк, во сите следни активности да се најде начин како да има широка покана до локалното население, сè со цел сè што се работи во планот за управување да биде достапно и јасно за локалното население кое живее на Шара. Но, во секој случај новиот национален парк е реалност и мислам дека оваа одлука е добро прифатена од локалното население,  вели за „Вистиномер“ Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.

Фросина Пандурска Драмиќанин Фото: Вистиномер

Од Министерството за животна средина за „Вистиномер“ велат дека во следниот период треба да се изготви Стратегиска оценка на Планот за управување, согласно Законот за животна средина.

Дозволените и забранетите активности, а во таа насока и идното одржливо користење на шумскиот фонд во паркот ќе биде регулирано со Планот за управување, за кој пред неговото донесување ќе се спроведат консултации со засегнатите страни. Ќе се одржат и јавни расправи за Планот за управување и Извештајот за стратегиска оцена на Планот за управување, каде засегнатите страни ќе можат да ги дадат своите коментари, сугестии и забелешки.Формирана е Јавна установа „Национален парк Шар Планина“, а донесена е и Одлука за основање.Следат активности за зајакнување на капацитетите на паркот со чуварска служба, обезбедување на опрема за мониторинг на терен, возила, ИТ опрема и др, додаваат од Министерството за животна средина.

Фото: Вистиномер

 

Ќе има ли решение за најголемиот проблем на Шара – хидроцентралите?

Невладините организации го вперуваат прстот токму во хидрицентралите кои ќе му зададат тежок удар на новиот национален парк. Десетина од нив веќе функционираат со сите дадени дозволи, но има такви за кои се дадени дозволи и во недопрениот дел на Шара кои можат да го уништат срцето на планината, велат невладините.

Фото: Вистиномер

Нгадњим Мемети од „Еко Герила“ за „Вистиномер“, вели дека идејата Шар Планина да биде прогласена за национален парк, ја памти од неговото детство.

Додека чекавме Шара да се прогласи за Национален парк се сечеа дрвја, ловот на диви и ретки животни беше неконтролиран и пред да се прогласи за заштитено подрачје се изградија хидроцентралите, вели Мемети.

Тој додава дека дозволите за нив ги дадода истите власти кои ја прогласија Шаар Планина за Национален парк, знаејќи дека оваа област наскоро треба да се прогласи за заштитено подрачје,

Политиката во соработка со групите од бизнис-интересот си купуваше време за овие градби додека се оддолжуваше процесот за прогласување на Шара за национален парк. Ова е контрадикторно за да веруваме во искреноста на овој проект како целина. По повеќемесечeн консултативен процес за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, Владата усвои Предлог-закон со кој не се обезбеди заштита од најголемиот еколошки проблем на планината, малите хидроелектрани. Со ова, Владата грубо ја крши Бернската Конвенција.

Директорот на Инспекторатот за животна средина во месец ноември 2020 година предупреди дека со изградбата на хидроцентралата во Лешница постои можност за загадување на водите и водоснабдувањето на градот Тетово. И токму денес ние се соочуваме со овие последици. Еколошките организации и ескпертите предупредија претходно за овие катастрофални последици. Изградбата на мали хидроцентрали и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето, што прави неповратна штета на уникатните релјефни структури во клисурите, а претставува и голем ризик во време на обилни дождови и поплави, нагласува  Мемети.

Нгадњим Мемети Фото: Вистиномер

Од Министерството за животна средина, велат дека во моментот се водат разговори со дел од концесионерите на хидроцентралите да има спогодбено раскинување на договорите, за истите во иднина да не наштетат на природата.

Во врска со реализацијата на Одлуките и Договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи лоцирани  во националниот парк Шар Планина до моментот на прогласување во зоните на строга заштита и на активно управување, беа останати уште 7 концесии чии постапки не беа завршени. Сите останати МХЕ чии постапки беа комплетирани и беа оперативни при изработката на Студиите и Законот се третираа како постоечка инфраструктура. Додека за останатите  Министерството за животна средина одржа состаноци со  претставниците на концесионерите, на кои им беа презентирани законските одредби и им беше понудено спогодбено раскинување. Во моментот се во тек преговори за проценка на евентуалните штети што ќе треба да им се исплатат на концесионерите кои генерално се согласија да се повлечат од градење и реализирање на нивните проекти, соопштија за Вистиномер од Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Фото: Вистиномер

Инаку во поглавјето 27 од Извештајот на Европската комисија стои дека Шар Планина е прогласена за национален парк и постапките за прогласување на други области се во тек. Исто така, се вели дека Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во оваа област.

Постигнат е ограничен напредок во заштитата на природата и во климатските промени. Сепак, спроведувањето во сите сектори останува прашање кое треба да се реши.

Во однос на хоризонталните прашања, административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, со недоволно финансиски средства за спроведување и примена на постојното законодавство. Треба да се подобри спроведувањето на Директивите за процена на влијанието врз животната средина и за процена на стратегиските оценки за животната средина, особено процесите на консултации со јавноста и на квалитетот на извештаи. Дијалогот со граѓанското општество и процесите на консултации со јавноста во овој сектор треба значително да се подобрат, се вели во Извештајот

Со прогласувањето на Шара за заштитено подрачје Македонија  добива национален парк после речиси 60 години. Со новиот парк ќе се формира еден од најголемите заштитни појаси во Европа. Зоните се поделени според сите стандарди на национални паркови. Првата или најзаштитената зона во горните делови на Шара, каде има недопредна прекрасна природа во која спаѓа и срцето на Шара – Лешница, опфаќа 26,6 отсто од паркот. Втората зона или зона на активно управување опфаќа 49,9 отсто од националниот парк и третата зона или зона на одржливо користење, опфаќа 22 отсто од паркот каде спаѓаат сите 30 шарпланински села кои се дел од национлниот парк. Паркот има и четврта таканаречена Бафер зона, каде се наоѓа скијачкиот центар Попова Шапка, зона каде слободно ќе се развива центарот на основа на мастер планот за развој, изработен пред десетина години.

 

Фото: Вистиномер

Еколошките организации се надеваат дека освен заштита, националниот парк ќе врати и дел од изгубеното природно богатство со пошумување и ослободување на местата кои сега се узурпирани од дивоградби и хидроцентрали.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција