Што се случува со продажбата на „мерцедесот“ на Груевски?
ВЕТУВАЊЕ: Ќе го вратиме Мерцедесот на Груевски, и со тие пари ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија.
[Зоран Заев, премиер на РСМ, А1 ОН; датум: 9.10.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во врска со постојаните и незапирливи дезинформации кои одредени медиуми и интернет страници ги шират за да го манипулираат населението, Владата повторно категорично информира дека „мерцедесот“ набавен од поранешниот премиер Груевски никогаш не се користел за потребите на премиерот Заев.
Инаку, ветувањето на премиерот Заев, дека Владата ќе го продаде луксузниот автомобил марка „мерцедес“ и дека со тие пари ќе купи амбулантни возила за клиниките, е во тек на реализација. „Вистиномер“ ова ветување еднаш веќе го оцени на 21.12.2017 година, но сега повторно се осврнуваме на него, со цел да видиме до каде е целата постапка.
„МЕРЦЕДЕСОТ“ КОНЗЕРВИРАН – ЗА ПРОДАЖБАТА ДОПРВА ЌЕ СЕ ОДЛУЧЛУВА
Ова ветување премиерот Заев го даде пред повеќе од три години, во октомври 2017 година за време на кампањата за локалните избори. На митингот кој се одржа на 08.10.2017 година пред зградата на Владата тој кажа:
Вечерва ви најавувам, ќе го вратиме тенкот, мерцедесот на Груевски од 600 илјади евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме абулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничко трошење и воведуваме социјални политики согласно потребите на граѓаните. (од 5,47 до 6,18 минута од видеото)
Владата на 43-та седница, која се одржа на 19.12.2017 година, донесе одлука со која автомобилот „мерцедес“, кој беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, се дава на трајно користење без надоместок на Владата – Служба за општи и заеднички работи, со што се создава можноста ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема.
За луксузниот „мерцедес“ од речиси 600.000 евра јавноста дозна од т.н. бомби, кои ги објави СДСМ кога беше во опозиција, а истиот го набавила екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по нарачка на тогашниот премиер, Никола Груевски. За случајот со „мерцедесот“, СЈО отвори предмет „Тенк“ за злоупотреба на службена положба и овластување против Јанкуловска и началникот за јавни набавки Ѓоко Поповски.
На 07.03.2018 година, Владата на седница одлучи да ја стави во мирување продажбата на „мерцедесот“, со цел да се исклучи можноста некој да ја искористи оваа постапка за да избегне одговорност во судскиот процес за предметот „Тенк“, каде ова возило беше материјален доказ.
„Мерцедесот“ е конзервиран, направено е вештачење, и се ноаѓа во депото на Службата за општи и заеднички работи. Ќе видиме во наредниот период како и дали воопшто ќе биде ставен во функција, изјави тогаш тогашниот портпарол на Владата, Миле Бошњаковски.
На 23.05.2018 година, Кривичниот суд во Скопје донесе пресуда за предметот „Тенк“, според која, виновни се експремиерот Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Груевски доби две години затворска казна за примање награда и противзаконито влијание, додека Поповски доби 6 години и шест месеци за злоупотреба на службена должност и овластување.
Постапката во овој предмет за ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше издвоена, а за неа Кривичниот суд донесе пресуда на 08.10.2018 година. Таа беше осудена на 6 години затворска казна за злоупотреба на службената положба.
На 18.09.2020 година, Врховниот суд ги потврди пресудите за предметот „Тенк“.
Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година одлучи по предметите по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје, соопштија од Врховниот суд.
Според пресудата на Апелација, Груевски е осуден на две години затвор, a Јанкулоска и Поповски на 4 години.
Со оглед на фактот што судскиот процес за предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ е целосно завршен, „Вистиномер“ се обрати до Владата со цел да видиме до каде е реализацијата на ветувањето на премиерот Заев за продажбата на „мерцедесот“.
Возилото „мерцедес“ набавено од поранешниот премиер Груевски е паркирано во владиното депо и не се користи за потребите на Владата. Возилото не е веќе предмет на судска постапка, во тек е најнова актуелна проценка на неговата вредност, после што ќе се донесе одлука дали е исплатливо истото да се продава, ни одговорија од Владата.
Имајќи го предвид одговорот од Владата, може да се заклучи дека ветувањето на премиерот Заев за продажба на „мерцедесот“ сè уште е во тек на реализација.
„Вистиномер“ на ова ветување ќе се осврне повторно.
ИЗВОРИ:
- Вистиномер (21.12.2017) – Почна постапката за продажба на луксузниот Мерцедес [Пристапено на 10.02.2021]
- А1 ОН (08.10.2017): (ВИДЕО) Заев: Ќе го вратиме Мерцедесот на Груевски и со тие пари ќе набавиме амбулантни возила [Пристапено на 10.02.2021]
- Јутјуб (08.10.2017): Заев: Ајде во акција на 15 октомври, за слободни општини, за среќна Македонија [Пристапено на 10.02.2021]
- Јутјуб (10.06.2017): Мерцедесот од 600.000 евра пред јавноста [Пристапено на 10.02.2021]
- А1он (07.03.2018) – „Мерцедесот“ останува во гаражата додека не заврши „Тенк“ [Пристапено на 10.02.2021]
- Фактор (23.05.2018) – ПАДНА ПРЕСУДА: Две години затвор за Груевски во случајот „Тенк“ [Пристапено на 10.02.2021]
- Призма (08.10.2018) – Шест години затвор за Јанкулоска за случајот „Тенк“ [Пристапено на 10.02.2021]
- 360степени (18.09.2020) – Врховен ја потврди пресудата за „Тенк“: Јанкулоска ќе оди во затвор [Пристапено на 10.02.2021]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар