Швајцарија не истакнала дека Гејтс, Шваб и Фаучи се барани „криминалци на големото ресетирање“

Фото: Принтскрин видео

Не е точно дека Швајцарија  ги истакнала проминентните личности како „барани лица“ за „големото ресетирање“.  Станува збор за граѓани кои во јули минатата година ги истакнале овие постери, како промоција на своите наративи полни со дезинформации за наводната одговорност на Бил Гејтс, Клаус Шваб и  Ентони Фаучи, истовремено повикувајќи на нивен линч

Не е точно дека Швајцарија  ги истакнала проминентните личности како „барани лица“ за „големото ресетирање“.  Станува збор за граѓани кои во јули минатата година ги истакнале овие постери, како промоција на своите наративи полни со дезинформации за наводната одговорност на Бил Гејтс, Клаус Шваб и  Ентони Фаучи, истовремено повикувајќи на нивен линч

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео на кое се истакнати постери од неколку проминентни личности, а во описот се вели:

Швајцарија е будна. Клаус Шваб, Бил Гејтс и Ентони Фаучи. Ги истакнаа бараните постери за криминалците на големото ресетирање. Кој друг треба да се додаде?

Од контекстот и начинот на кој е претставено видеото, односно од описот на истото, се добива погрешен впечаток дека станува збор за официјално истакнати постери за барани криминалци. И од самата објава во којашто се вели дека „Швајцарија е будна и ги истакна бараните постери за криминалците на големото ресетирање“, исто така, се добива погрешен впечаток дека станува збор за официјално истакнување од страна на државата Швајцарија, меѓутоа не е така.

За што, всушност, се работи?

Вистиномер го пронајде оригиналното видео од настанот и истото е споделено на Јутјуб пред осум месеци со опис дека е од Цирих, што значи во прашање е постар видеоматеријал – од 2022 година. Според медиумските извештаи станува збор за граѓански собир кој се одржал во Швајцарија на крајот на јули минатата година, на кој биле истакнати овие постери. Но, тоа не е никакво официјално истакнување на лицата прикажани на постерите, од страна на државните органи  на Швајцарија.

Бил Гејтс, Клаус Шваб и Ентони Фаучи не се наоѓаат на никаква листа на барани лица за „големото ресетирање“. Станува збор за низа клевети и неосновани фактички непотврдени хајки против истакнатите лица, и низа обвинувања дека тие се одговорни за некаков криминал. Низата такви обвинувања доаѓаат од почетокот на пандемијата па до денес, од страна на добро организирани групи теоретичари на заговор поврзани со Кју Анон. Тие во повеќе наврати ги вадат од контекст изјавите кои Гејтс и Шваб ги даваат во своите јавни излагања и ги вклопуваат во својата агенда за демонизација на овие луѓе. Честопати ги вклопуваат и во постоечки глобални проблеми, како на пример, пандемијата со ковид-19 која беше глобален проблем, со цел да ги обвинат овие лица дека некако профитирале од пандемијата и дека на некаков начин ја предизвикале, што е небулоза.

Не изостануваат ниту случаите кога на Клаус Шваб од Светскиот економски форум (СЕФ) комплетно му се измислуваат изјави, а на Светскиот економски форум му се калемат непостоечки „агенди за депопулација“, „убиство преку вакцини“ и теоријата на заговор поврзана со „големиот ресет“, според која ковид-19 е алатка за елитите да ја спроведуваат нивната контрола.

Големиот ресет (The great reset) претставува иницијатива на Светскиот економски форум поради потребата глобалните стејкхолдери да соработуваат и симултано да ги менаџираат директните последици од кризата предизвикана од ковид-19. Иницијативата е почната од СЕФ за да се подобри состојбата на светот.

Како што наведуваат на страницата на СЕФ, кризата која ја предизвика ковид-19, како и политичките, економски и социјални прекини предизвикани од истата, фундаментално го менува традиционалниот контекст на носење одлуки.

Неконзистентноста, неадекватноста и контрадикторноста на повеќе системи, од здравствениот, финансискиот, енергетскиот и образовниот, се поизложени во глобалниот контекст кој ги засега нашите животи, живеачката и планетата. Лидерите се наоѓаат на историски крстосници да ги менаџираат краткорочните притисоци и да се соочуваат со долгорочните неизвесности. Иницијативата за големиот ресет, нуди информирање за носителите на одлуки кои ќе ја детерминираат иднината на глобалните релации, насоката на националните економии, приоритетите на општествата, природата на бизнис моделите и менаџментот на глобалните добра.

Црпејќи од визијата и огромната експертиза на лидерите вклучени во СЕФ, иницијативата големиот ресет има поставено димензија да ги изгради новите социјални договори кои го величаат дигнитетот на секое човечко битие, стои на страницата на СЕФ.

Од видеоматеријалите на страницата на СЕФ, може да се види дека големиот ресет се фокусира на низа теми, меѓу кои образованието, превенција на пандемијата, нееднаквостите предизвикани од ковид-19 итн.

Но, овие вистински цели на големиот ресет, беа киднапирани од страна на конспирациски наративи, според кои глобалните елити го користат коронавирусот за да го расчеречат капитализмот и да воведат радикални социјални промени. Сето тоа, дополнително е „зачинето“ и со лагата дека овие лица ќе бидат судени за злосторства против човештвото и дека за нив има меѓународни потерници.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Не е точно дека Швајцарија ги истакнала проминентните личности како „барани лица“ за „големото ресетирање“. Станува збор за граѓани кои ги истакнале овие постери како промоција на своите наративи полни со дезинформации за наводната одговорност на Бил Гејтс, Клаус Шваб и  Ентони Фаучи во кои повикувааат на нивен линч.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција