СЈО е државен орган, а не алатка на опозицијата!

Гордана Јанкуловска по распитот во СЈО. Фото: скриншот

 

Гордана Јанкуловска, третоосомничена во случајот „Тврдина“ што го води Специјалното јавно обвинителство (СЈО), на 17 август (2016) ја даде следнава невистинита изјава:

Ова што сега се случува, можеби и на брзина од страна на Специјалното јавно обвинителство(СЈО), е резултат на тоа што се наближуваат изборите, и како што јавноста во повеќе наврати беше сведок и медиумите коментираа, тие се целосно ставени во функција на политичката кампања на опозицијата, која и после толку години во опозиција нема што да им понуди на граѓаните на РМ, и единствената, и според нив очигледно најважна алатка во кампањата која претстои за претстојните парламентарни избори, останува да биде СЈО.

[Извор: Телма  Датум: 17.08.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Догогодишната поранешна министерка за внатрешни работи,  која во својство на третоосомничена на 17.08.2016 година беше повикана на распит во Специјалното јавно обвинителство за дела поврзани со „бомбите“, за медиумите даде изјава дека Обвинителството (СЈО) било алатка на опозицијата.

Станува збор за содржински многу слично и неколкукратно повторено тврдење, не само од Јанкуловска, туку и од  ВМРО ДПМНЕ, од повеќе нејзини високи функционери, вклучувајќи го и претседателот Никола Груевски, а кои се поткрепени и со коментари и анализи објавени во медиуми, кои голем дел од јавноста ги оценуваат како наклонети на владејачката партија.

Изјавата на Јанкуловска е невистинито тврдење, а тоа едноставно може да се утврди со преглед на поставеноста, функцијата и суштината на институцијата што ја викаме накратко СЈО.

Имено, целосното име на СЈО е Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Овој орган со привремен карактер (законското траење му е временски ограничено), е дел од правосудниот систем во државата. СЈО, попрецизно е државен орган, дел од јавно-обвинителскиот систем, но со целосна автономност и независност во работењето. Ова произлегува од Законот за формирање на ова обвинителство, кој е донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 15.09.2015 година.

Автономноста и независноста ја црпи од Законот, поточно од членот 6 од Законот, додека доказ дека е дел од системот на јавно-обвиителската служба е и членот 7, каде се определува одговорноста и отчетноста на СЈО, но и во Основните одредби, поточно, член 1 и член 3.

Уставноста на Законот или делови од Законот е оспорена пред Уставниот суд, со засега неизвесен исход. Но, треба да се има предвид дека СЈО е орган што произлезе од политичкиот договор за излез од кризата во која се најде земјава и кој се нарекува Договорот од Пржино. Потписнички на овој договор се лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, вклучувајќи го и Никола Груевски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, партија каде Јанкуловска е висок функционер.

Законот за СЈО и одлуката за избор на Катица Јанева на чело на овој орган, беше изгласана од најголемиот дел од граѓаните на РМ, преку нивните претставници во Собранието, пратениците и тоа со огромно мнозинство од 111 од 120 пратеници.

Имајќи го предвид сето ова, изјавата на Јанкуловска дека СЈО е алатка на опозицијата, ја оценуваме како невистинита.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција