Скандалозно: објавени измислици за „Кристална ноќ“

FireShot-Screen-Capture-034-propagjanje-crop-resize

[Рецензија: Скандалозно: Заев со сценарио за пропаѓање на изборите]

Опозиција оцрнета со најжестоки негативни квалификации со елементи на говор на омраза, груб и навредлив напад на конкретна фигура, во случајот – лидер на најголемата опозициона партија неколку дена пред изборите без аргументи, со користење на фантомски анонимни (непостоечки) внатрепартиски извори од опозицијата кои, како по правило, секогаш зборуваат сѐ најцрно за својата партија, користење на искази на претставици на власта како извори на информации за состојбите во опозицијата, користење на услугите на едни те исти самопрогласени политички аналитичари за нападите да добијат, демек, призвук на објективност, тоа се само делумно наброени слабости на текстот кој е предмет на рецензијава.

Се работи, имено за чисто пропаганден текст, кој е само ехо на предизборните говори на митинзите на владеjачката партија и не може да се пронајде ниту ронка обид тој да биде објективна анализа и информација за читателите. Како предизборно четиво, во партиски билтен, овој текст би завршил навистина добра работа, но не би можело да му се најде место во еден барем малку сериозен медиум, кој претендира да биде кредибилен извор на информации.

Рецензија: Скандалозно: Заев со сценарио за пропаѓање на изборитеЛинк до оригиналниот напис: Скандалозно: Заев со сценарио за пропаѓање на изборите

Датум и време на објавување: 25.04.2014, 12:59

Датум на рецензирање: 25.04.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ОПОЗИЦИЈАТА ОБВИНЕТА ДЕКА ПОДГОТВУВА „КРИСТАЛНА НОЌ“!?!

Уште на почетокот може да се забележи дека текстот воопшто не нуди факти на читателите. Единствена содржина се шпекулации и произволни квалификации кои го оцрнуваат Социјалдемократскиот сојуз. Без оглед на тоа каков е профил на медиумот кој пласира текст за состојбите во една политичка партија, се очекува да бидат запазени барем минимум новинарски стандарди. Но, кога тестот за состојбите во СДСМ почнува со тоа што на таа тема има да каже претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и кога тоа се користи како појдовна информација која потоа се анализира, тогаш нешто навистина не е во ред со објективноста на написот за кој станува збор.

Истата теза – дека СДСМ подготвува сценарио за бојкот, потоа ја потврдува прво анонимен извор од самата СДСМ (истиот очигледно многупати користен за истата тема и секогаш за својата партија и за нејзиното раководство зборува сѐ најлошо, а сосем случајно токму во прилог на тезите кои се пласираат), а потоа и многу често користената (повторно анонимна) категорија на соговорници наречена „аналитичарите“, за на крај да се појави единствениот неанонимен соговорник,  кој Социјалдемократскиот сојуз ќе го поистовети, ни помалку ни повеќе со Национал-социјалистичката партија на Адолф Хитлер, обвинувајќи го дека се подготвува за нова „Кристална ноќ“! Вака тешка квалификација ретко може да се сретне дури и во најжестоките политички говори на политичките противници на Социјалдемократскиот сојуз, но неа си ја дозволи консултираниот стручњак од полето на правните науки.

„Според мене, не постои друг одговор на ваквиот начин на размислување и нема друга алтернатива доколку раководството на врвот на СДСМ одлучи наместо реално да ги согледа своите недостатоци и слабиот политички капацитет, евентуалниот пораз на 27 април, да го преврти во „Кристална ноќ“ и да се зафати со едно апсурдно извлекување на своето членство низ улиците  и со своеволно негирање на изборниот резултат“.

Останува дилемата дали ваквата сериозна квалификација е резултат на недоволната информираност околу тоа што претставува „Кристалната ноќ“ (Kristallnacht) или се работи за намерно пласирано обвинување. Обвинувањето дека СДСМ и Заев подготвуваат „Кристална ноќ“ по парламентарните избори е толку сериозно што може да се изрази загриженост дека овој како и слични нему написи можат да направат, а веројатно и прават толку сериозна штета во поглед на поларизацијата на ставовите на граѓаните во Република Македонија, што имаат капацитет да иницираат и насилство.

Од аспект на содржајност, написот нема ниту амбиција да го исполни минималното ниво на сеопфатност. Формата е присутна само на прв поглед – неколку извори кои отвораат разни аспекти на темата, но веќе првото читање е доволно да се види дека се работи за пропаганден памфлет без информативна содржина.

Политичката наклонетост кон владеачката политичка опција и анимозитетот кон опозицијата напросто бликаат од секоја реченица на предметниот текст, што ја прави излишна некоја посериозна анализа од аспект на пристрасност. И насловот е сосема во духот на содржината и интенцијата на текстот за кој станува збор. Сензационалистички е и навредлив кон личноста на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз кој поименично се апострофира во крајно негативен контекст. Илустрацијата на текстот исто така се вклопува во концептот – негативен имиџ на СДСМ.

 

ДИСКРЕДИТАЦИЈА СО ЕЛЕМЕНТИ НА ГОВОР НА ОМРАЗА

Намерата да се дискредитира личноста на Зоран Заев е нескриена и доминира во овој текст. Сепак, поголем проблем е тоа што текстот носи и елементи на говор на омраза, бидејќи директно упатува обвинување на негова и на сметка на СДСМ дека подготвуваат „Кристална ноќ“, поистоветувајќи ги на тој начин со нацистите и со Хитлер, правејќи паралела со наводното оправдување на нацистите кое било искористено за да почне погромот и уништувањето на Евреите во 1938.

Веќе не претставуваат никакво изненадување текстовите од овој тип, посебно ставени во контекст на изборите, кои се пред самиот старт. Но, сепак, не смее да помине лесно преку овој тип на написи, бидејќи задача на објективното анализирање на новинарските текстови од аспект на почитувањето на професионалните стандарди и на етичките норми е да укаже токму на нивно вака флагрантно игнорирање.

Овој напис има конкретна употребна вредност во пресрет на изборите и како таков сосема сигурно ќе замине во историјата на неславните злоупотреби на новинарската професија во политички цели.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција