Скопје не е само номинирано, туку и избрано за европска престолнина на културата во 2028 година

Фото: portalb.mk

Скопје ќе биде европска престолнина на културата во 2028 година, заедно со градовите Чешке Будјејовице од Чешката Република и Бурж од Франција. Веста дека Бурж ќе биде европска престолнина на културата е точна, но објавата што ја анализираме, неточно тврди дека Скопје нема да биде престолнина на културата. Како што објаснија од Градот, според правилата на Европската комисија, во 2028 година три градови ќе ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ (еден град во Чешка, еден во Франција) и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ

Скопје ќе биде европска престолнина на културата во 2028 година, заедно со градовите Чешке Будјејовице од Чешката Република и Бурж од Франција. Веста дека Бурж ќе биде европска престолнина на културата е точна, но објавата што ја анализираме, манипулира дека Скопје само било номинирано да биде престолнина на културата

Како што објаснија од Градот, според правилата на Европската комисија, во 2028 година три градови ќе ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ (еден град во Чешка, еден во Франција) и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ

 

 

Објава на Фејсбук, информира дека францускиот град Бурж ќе биде европска престолнина на културата за 2028 година, додека за Скопје и Чешке Будејовице од Чешка се вели:

За 2028 година беа номинирани и Скопје и Чешке Будејовице во Чешка.

И ништо повеќе. На оваа објава ѝ недостига контекст, зашто со неа се имплицира дека некој друг град бил избран за европска престолнина во 2028, а дека Скопје бил само номиниран и толку. Од ова излегува дека Скопје бил номиниран, но како да не му успеала номинацијата. Ама, тоа не е така. Титулата европски престолнини на културата, ја носат три градови, два од ЕУ и еден град од земја надвор од Европската Унија, а за 2028 година се избрани: Чешке Будејовице, Бурж и Скопје.

Веста ја презедоа и други медиуми, објавувајќи ја во различни верзии.

Многу од нив отидоа уште подалеку, отворено и неточно тврдејќи дека „Скопје нема да биде европска претолнина на културата“, па дури и дека „културно-уметничките содржини што ги нуди Скопје не беа доволни“. Најголем дел од овие написи беа корегирани во текот на денот (но не и објавите на социјалните мрежи) и тоа особено по реакцијата на Градот Скопје.

Оваа вест, на којашто ѝ недостасува контекст, првично е објавена на МИА, при што веста на државната информативна агенција сè уште не беше корегирана до изработката на оваа рецензија. Дека станува збор за манипулативна вест на која ѝ недостига контекст најдобро покажува фактот што најголем дел од порталите, кои ја пренесоа првичната верзија на веста, направија измени во содржината, додавајќи делови во кои се вели дека и Скопје е избран за културна престолнина на Европа во 2028 година и менувајќи го насловот во „Скопје, Ческе Будјејовице и Бурж се европски престолнини на културата за 2028 година“ наместо првичниот „Бурж ќе биде европска престолнина на културата во 2028 година“.

Инаку, европска престолнина на културата, како што веќе беше објавено, Градот Скопје и официјално ја доби на 20 септември 2023 година, а одлуката беше соопштена во Куќата на европската историја во Брисел.

„Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред ЕУ и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора.

Тимот посветено работеше на културна промоција претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028 година. Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, а Европа во годините кои следат до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста. Нашата визија, која победи денес ги вклучува младите и креативните индустрии, поврзани со екопрактики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат 365 дена во Скопје. Програмата почнува да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028, рече градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по соопштувањето на одлуката, пренесе „360 степени“.

Демант на објавените написи дека Скопје нема да биде европска престолнина на културата, стигна и од Град Скопје.

Овие тврдења се лага со која се манипулира јавноста и се шират невистини. Според правилата на Европската комисија, во 2028 година три града ќе ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ (еден град во Чешка, еден во Франција) и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ. На Скопје во финалниот избор за титулата Европска престолнина на културата 2028 од земја надвор од ЕУ конкуренција му беше Будва. Ве потсетуваме дека во рамките на целокупниот изборен процес на градовите што ќе ја носат престижната титула, Град Скопје беше официјално избран  на 20 септември (самиот настан и прогласувањето беа пренесени во живо на повеќе медиуми во Македонија), претходно беше избран градот Ческе Будјејовице од  Чешката Република, а вчера (13 декември, како што беше најавено) беше избран и последниот град – претставник од Франција, Бурж. Значи, за Европски престолнини на културата за 2028 година се избрани: Скопје, Ческе Будјејовице од  Чешката Република и Бурж од Франција, стои во реакцијата на Градот.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Скопје ќе биде европска престолнина на културата во 2028 година, заедно со градовите Чешке Будјејовице од Чешката Република и Бурж од Франција. Веста дека Бурж ќе биде европска престолнина на културата е точна, но објавата што ја анализираме манипулира дека Скопје само бил номиниран да биде престолнина на културата.

Како што објаснија од Градот, според правилата на Европската комисија, во 2028 година три градови ќе ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ (еден град во Чешка, еден во Франција) и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ. Поради тоа, оценуваме дека на објавата ѝ недостига контекст.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција