Велес доби уреден градски стадион, но не и нова трибина и атлетска патека

Фото: веб сајт на Општина Велес

 

Проект: Уредување на статусот на градскиот стадион

Опис: Ќе пристапиме кон расчистување на имотно-правните односи на градскиот стадион за да припадне во владение на Општината, со што ќе се создадат предуслови за успешна реализација на следниве проекти: уредување на трибинскиот дел, поставување осветлување на стадионот и замена на тартанот на атлетската патека. Средства: 300.000 денари. Извори на финансирање: Буџет на Општина Велес (Рок: 2016-2017 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Кандидатот за градоначалник на Општина Велес во 2013 година, а подоцна и градоначалник, Славчо Чадиев, го има исполнето ветувањето во врска со градскиот стадион, еден дел во целост, еден дел делумно, поради што вкупната оценка е делумно исполнет проект.

Проектот понуден пред граѓаните пред последните локални избори, градоначалникот и Советот на Општината почнале да го реализираат со помош на Владата уште веднаш по изборите во 2013 година. Имено, со одлука на Влада од јуни 2013 година, објавена во Службен весник, сопственоста врз нешто повеќе од 22 илјади  квадратини метри на колку што е распослан стадионот, припаднала на Општина Велес.

Веќе наредната 2014 година, Градскиот стадион во Велес доби нова тревната подлога за која се тврди дека е по високи стандарди и со потребната дренажа на подлогата, за да може да биде функционална и во состојба на дожд. Во таа 2014 година, новата подлога на велешкиот стадион ја презентирал и тогашниот премиер Никола Груевски.

Следната 2015 година, била уредена малата постоечка трибина, која била во руинирана состојба и без столчиња. Со помош на Агенциијата за млади и спорт, добиени се 1000 столчиња кои во март 2015 се поставувени на трибината.

Во 2016 година работите биле подзастанати. Имено, Советот на Општината распишал јавен повик за изградба на нов трибински дел од на североисточниот дел од Стадионот во должина од 100 и широчина од 12 метри, практично нешто слично на веќе постоечката со обновени седишта.

Кон самиот крај на годината (2016), во ноември, на седница на Општината се разговарало и за пренамена на средствата од Програмата за спорт, при што може да се види дека работите не се почнати, меѓу другото и затоа што се очекувал грант за натамошното опремување на стадионот.

Кога на почетокот на 2017 г. градоначалникот Чадиев го презентира Отчетот за сработеното во 2016 година, може да се забележи дека во декември и во јануари се работело и на поставување на осветлување на Градскиот стадион, со цел да може да се играат и вечерни натпревари или тренинзи.

Самиот Чадиев тврди дека реобновувањето на стадионот помогнало да се развие фудбалскиот спорт во Велес и дека од 150 сега има 1900 регистрирани членови на повеќе фудбалски клубови во градот, како и дека ФК Борец има амбиции да стане еден ден повторно прволигаш, со помош и на бизнисменот, а денешен вицепремиер Кочо Анѓушев, кој и самиот е по потекло од Велес:

Многу е значајно што Општина Велес беше посредник во преговорите со фирмите и бизнисмените и за останатите спорски клубори. Фудбалскиот клуб Борец веќе има стабилен спонзор. Во зимската пауза клубот се екипираше за да се оствари целта влез во Втората фудбалска лига. Но, ние веруваме дека тоа нема да биде крајниот дострел, туку набрзо со помош на бизнисменот Кочо Анѓушев, Борец ќе биде член и во првата лига….

… За споредба каква е ситуацијата во спортот говори и податокот дека до пред неколку години во 2013-тата во градот имаше само 15 фудбалски клубови со регистирани 186 фудбалери, денес имаме 21 клуб но и 1900 фудбалери и спортски работници од овој спорт. (Чадиев, јануари 2017 г.)

Чадиев одржува уште една прес – конференција во февруари 2017 г., каде што во врска со Стадионот веќе не споменува изградба на нова трибина, туку  говори за „уредување на трибините“, а најавува дека во оваа година ќе биде продолжено и со работата на осветлувањето.

По проценка на сите информации добиени со темелно пребарување по интернет (и на општинскиот сајт и по медиумите и преку мапи), може да се каже дека Чадиев исполнил голем дел од ветувањето/проектот – го вратил сопствеништвото на Стадионот на Општината и започнал и реализирал голем дел од работите за модернизација на истиот. Сепак, не најдовме информација за изградба на новата трибина со подтрибински простор, којашто, исто така,  ја ветил во предизборието како дел од целосен проект за стадионот и неговиот главен противкандидат од 2013 година, Аце Коцевски.

За трибината за која во 2016 г. беше распишан оглас нема информации ниту на сајтот на Општината ниту по медиумите што ги проверивме преку интернет. Преку истите извори не најдовме податок ниту за изградена нова атлетска патека на стадионот.

Портпаролот на Општина Велес не одговори на поставените прашања на „Вистиномер“, во врска овој дел од ветениот проект ( изградбата на трибината и атлетската патека).

Воедно преку проверката на Гугл мапата на Велес се гледа дека на североисточниот дел од стадионот нема трибина, како што беше наведено во конкурсот за јавна набавка.

 

FireShot Capture 355 - Veles - Google Maps_ - https___www.google.com_maps_place_

 

Поради ова, ветувањето за проектот „Нов Градски стадион во Велес“ од 2013 г. го сметаме за делумно исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција