Со старо видео лажно се тврди дека израелската армија ги евакуира борбените авиони

Фото: Принтскрин видео

Видеото е снимено пред неодамнешната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Палестина. Нашата проверка покажа дека тоа е снимено во септември, во јужниот округ на Израел и не е поврзано со последниот напад на Хамас врз Израел, како што неточно тврди објавата

Видеото е снимено пред неодамнешната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Палестина. Нашата проверка покажа дека тоа е снимено во септември, во јужниот округ на Израел и не е поврзано со последниот напад на Хамас врз Израел, како што неточно тврди објавата

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека Израелската армија ги евакуирала борбените авиони по нападот од Хамас во саботата, 7 октомври. Ова не е точно, прикаченото видео на објавата е снимено пред нападот што го изврши Хамас.

Израелската армија во паника ги евекурира борбените авиони, поради брзиот продор на Палестинците. И заземањето на воените бази, пишува во објавата.

На 7 октомври, палестинската милитантна група Хамас изврши воен напад врз Израел, тврдејќи дека истрелала 5.000 ракети врз земјата. Како реакција, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел е „во војна“ и вети дека групата „ќе плати невидена цена“.

Среде овој конфликт, стари и непроверени слики и видеа се споделуваат низ социјалните медиуми, тврдејќи дека ги прикажуваат неодамнешните настани.

Па така, на социјалната мрежи Фејсбук споделено е видео во кое се тврди дека е прикажано како израелската армија ја евакуира воздушната база односно борбените авиони во близина на Појасот Газа по нападот. На видеото се гледа прометна крстосница со неколку автомобили кои минуваат. На раскрсницата може да се видат два камиона кои носат борбени авиони, а на два патоказа што се гледаат во видеото се прикажани имињата на две места – Ар’ара Банегев и Арад.

Но и покрај тврдењето дека видеото прикажува евакуација на израелските борбени авиони, сепак, тоа е старо и не е поврзано со неодамнешните напади врз Израел.

Пребарувањето на слики од кадри од видеото покажува дека тоа било објавено на 15 септември 2023 година. Неколку корисници на социјалната мрежа X (поранешно Твитер) споделија подолга верзија на видеото со натпис: „Забележани се два борбени авиони Ф-16 транспортирани со копнен транспорт во јужен Израел“.

Ова видео е подолга верзија на видео кое е споделено во објавата што ја рецензираме, на кое се гледа како камионот кој ги носи борбените авиони се врти на раскрсницата и потоа вози. Ги споредивме двете видеа и ги идентификувавме истите бројки на авионите и на таблата со насоки. Споредбата потврдува дека видеата ја прикажуваат истата ситуација. Местата на патоказите во видеото, Ар’ара Банегев и Арад, се двата града во јужниот округ на Израел.

Според извештаите од израелските медиуми, израелските воздухопловни сили на 13 септември извеле воена вежба во соработка со Грција, за да ја подготват војската за потенцијален напад врз Иран и неговите нуклеарни постројки. За време на вежбата, десетици борбени авиони, шпионски авиони и авиони за полнење гориво прелетаа неколку илјади километри до Грција.

Според сите факти заклучуваме дека видеото е снимено пред неодамнешната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Палестина. Доказите што ги најдовме потврдуваат дека тоа е снимено во јужниот округ на Израел и не е поврзано со неодамнешниот напад врз Израел, како што неточно тврди објавата.

 

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција