Сорос финансирал убиство на руски опозиционер – веројатно од преголема љубов кон Путин

Сакате теории на заговор? Нема проблем! Тука е Оливер Андонов. Фото: скриншот

Сорос го финансирал убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов така што нашол Чеченци да го убијат и затоа му било забрането да патува во Русија оти го барале за убиство. Ова беше главната теорија на заговор која можеше со големо чудење да се слушне во интервјуто на аналитичарот Оливер Андонов за Сител

 

Сорос го финансирал убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов така што нашол Чеченци да го убијат и затоа му било забрането да патува во Русија оти го барале за убиство. Ова беше главната теорија на заговор која можеше со големо чудење да се слушне во интервјуто на аналитичарот Оливер Андонов за Сител

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петербург

 

Во еден прилично зачудувачки разговор меѓу новинарката Ивона Талевска и аналитичарот Оливер Андонов, изречени се неколку фантастични тези со грешки во терминологија, контрадикторности и недоследности во однос на настани и лица од Русија. Дадениот простор за интервју на националната  телевизија „Сител“ е контаминиран со низа небулози кои новинарката не само што не се обидува да ги сосече, таа дури во некои моменти уфрла свои експертски ставови, така што се поставува прашањето кој каква улога игра во разговорот. Дали гостинот е водител или новинарката експерт?

Kontraspin - foto Vistinomer

Во услови кога македонската јавност е преокупирана со настаните предизвикани од озлогласената аболиција на претседателот Ѓорге Иванов, одвреме-навреме треба да потсетуваме дека од хорот на режимски аналитичари и новинари кои медиумски ја шират агендата на ВМРО-ДПМНЕ, неколку заземаат видно место според својата неграмотност, некомпетентност и страстите по теории на заговор.

Следниве неколку се примери од небулозите на Андонов и се однесуваат на настани и лица од Русија и Северен Кавказ искажани во разговорот.

 

НЕБУЛОЗА БРОЈ 1: НА СОРОС МУ БИЛ ЗАБРАНЕТ ВЛЕЗ ВО РУСИЈА

Џорџ Сорос не се гони кривично во Русија и, следствено на тоа, има слободен влез во земјата. Сепак, во ситуација на режим на тотална контрола на чекистите кои ги заробија демократските процеси во Русија и кога од страна на Сенатот (горниот дом на Думата) неговата фондација беше ставена во списокот на непожелни орgанизации и од државното обвинителство прогласена за „странски агент“, Сорос никогаш не би отпатувал во Русија во некаква официјална посета.

Во 2003 Сорос одлучи да ги затвори своите благотворителни фондации во Русија со образложение дека сакал да го „забрза процесот на премин од затворено во отворено општество“, но дека таа задача се покажала многу потешка отколку што првично сметал. Од почетокот на 1990-те, неговата фондација преку разни активности, всушност, ги крепеше образованието и науката на земјата. Околу 65,000 отпуштени или екстремно ниско платени учители, доценти, универзитетски професори и доктори, кои во хаотичните години на владеењето на Борис Елцин инаку би станале чистачи, таксисти, или би ја напуштиле земјата, преку грантови на Сорос примаа достојна месечна плата. После 2003 Сорос продолжува да делува во Русија, но во многу помал обем и работа, при што финансираше само неколку организации. Сè до 2014, кога соросовите финансии за невладиниот сектор во Русија згаснаа на нула.

 

НЕБУЛОЗА БР. 2: НЕМЦОВ ГО УБИЛЕ ЧЕЧЕНЦИ ПО НАРАЧКА НА СОРОС

Немцов беше убиен на мост во близина на Кремљ и Црвениот плоштад на 27 фебруари 2015 и чеченската врска во ова злодело е неоспорна. Но, самата помисла дека тоа било финансирано од Сорос е трагикомична – ниту најактивните руски тролинг групи по социјалните мрежи и блоговите не би измислиле ваква глупост.

Во случајот со убиството на Немцов руските истражни органи се надминаа себеси (наспроти расветлувањето на убиството на Ана Политковскаја кое траеше со години). Криминалната група која под прокровителство на безбедносни структури и еден чеченски депутат во Државната Дума (чичко на еден од извршителите) го следела Немцов со месеци, беше веднаш откриена и уапсена. Еден од групата загина, друг е во бегство, непосредниот убиец, Заур Дададев и неговиот помошник, Анзор Кубашев (првиот беше член на чеченскиот батаљон „Север“, составен од таканаречени „кадировци“, телохранители на лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров) се во затвор и очекуваат пресуда. Формалната причина за убиството, извлечена од исказите на Дадаев пред истражителите, се коментарите за подршка на весникот Чарли Хебдо објавени од Немцов веднаш после терористичкиот напад врз редакцијата на весникот во Париз на 9 јануари 2015. Н,о постојат видео-снимки и докази кои укажуваат дека Немцов бил следен од двајцата неколку месеци пред терористичкиот напад.

Затоа, најверојатна е верзијата дека причината за убиството е интензивната соработка на опозиционерот со американските власти во предвечерјето на воведувањето на санкции против руски политичари и компании во 2014. Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung пишува дека како поранешен инсајдер во Кремљ, Немцов споделил важни информации во текот на подготовката на списокот на санкции против водечки руски политичари. Тогаш тој се сретнал со сенаторите републиканци Џон Мекејн и Рон Џонсон.

Според Владимир Милов, соборец на Немцов, таа верзија за причината за убиството е најверодостојна. Властите не се надевале дека санкциите можат да удрат толку силно врз рускиот финансиски сектор. „Тие одамна сметаа дека Немцов е лично виновен за тоа што санкциите биле воведени во толку жестока форма,“ смета Милов. Тука се надоврзуа и казнениот „список Магнитски“, донесен од американскиот Конгрес во 2012 во чие составување Немцов, исто така, играше клучна улога.

 

НЕБУЛОЗА БР. 3: НЕМЦОВ ПРИМАЛ ПАРИ ОД СОРОС

Андонов треба еднаш да се одлучи и да каже кој, всушност, бил платен од Сорос. Дали Немцов или Чеченците (кои тој неграмотно ги нарекува  „Чечени“ како што на друго место за Италијанците вели „Италијани“). Бидејќи, што е многу, многу е  –  Сорос не може истовремено да финансира и добри и лоши момци.

Опозициската дејност на бившиот вицепремиер Борис Немцов започна во 2008 со создавањето на движењето „Солидарност“. По мое мислење, мала е веројатноста Немцов да примал грантови од Сорос, кога главните дејности на фондацијата – да финансира печатење на книги, да дава стипендии за патувања на руски научници и интелектуалци на Запад, да ја развива науката, образованието и критичката мисла во Русија –  запираат во 2003. Широката антикорупциска кампања што Немцов во 2008 ја започна со издавањето на брошурите-извештаи за корумпираноста на руската чиновничка елита, за кризата, како и за личното богатство на Путин, се финансираше преку crowdfunding платформата на Јандекс, што одлично работи и за Алексеј Навални. Овие брошури во печатена верзиja се раздаваа масовно по метрoата на Москва и Санкт Петербург и го постигнаа посакуваниот ефект: Од март 2008 до јануари 2014 рејтингот на Путин постојано паѓаше и тој успеа да ја врати довербата кај Русите само откако го анектираше Крим, изврши воена интервенција во Украина и тотална пропагандна мобилизација преку медиумите.

Од друга страна, на Немцов не му требаа странски финансиери за својот ангажман на антикоруционер и разобличувач на клановите на Кремљ, посебно не затоа што тој добро заработуваше како писател, инвеститор и работеше на државна позиција, беше пратеник во собранието на Јарославска област.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција