Спинување со коментари на сметка на угледот

Професорката-бегалка-избега-и-од-емисијата-на-Ефтов-Република-Online-crop-resize

 

(Рецензија на написот: “Професорката “бегалка” избега и од емисијата на Ефтов)

 

Текст кој со коментаторски елементи употребува постапка на професорка при јавен настап за да постигне спин со крајна цел – да даде еднострана подршка на владина иницијатива која се преточи во закон. Еднострана, неизбалансирана објава која има елементи на политичка пристрасност и на навивање.

Професорката „бегалка“ избега и од емисијата на Ефтов   Република Online

Линк до анализираниот напис: Професорката “бегалка” избега и од емисијата на Ефтов

Датум на објавување: 15.1.2015

Датум на рецензирање: 18.1.2015

Рецензент: Александар Пешев

На прв поглед, не е јасно каква објава имаме пред нас. Дали станува збор за осврт или информативен текст? Во секој случај, видно се издвојува епитетот „професорката бегалка“, што во основа не е поврзано со извор или нечија изјава. Во основа тука имаме обележување, што не е функција на новинарството. Новинарите имаат задача да информираат, што во една ваква инстанца може да се задоволи со наслов или навод дека професорката, едноставно, го напуштила интервјуто. Етикетирањето на субјекти од јавниот живот оди во спротивност со членот 15 од кодексот на новинари:

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.

Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Коментаторските елементи кои се интегрирани во текстот, во непосредна врска со изјавите, создаваат сомнеж за обид за новинарски спин. Не изостануваат ни латентни навивачки елементи, кои не се атрибуирани за извори и создаваат впечаток за едностраност на објавата:

„Тие во преден  план го ставија нивниот комодитет кој им се нарушува со измените во Законот за високо образование.“

Кога некој се прозива, кога некој се издвојува или кога се коментира нечие однесување, клучно е да се обезбеди изјава од страната која е субјект на критика. Во овој текст, изјавите се земени од самото интервју за кое се пишува, а нема доказ дека авторот се обидел да добие свежа изјава од професорката која е бележана како „бегалка“. Понатаму, имаме коментирање кое создава сомнеж за политичка пристрасност:

„ А бегањето од дебати не е новина за поддржувачите на опозицијата. Тие се подготвени за дебата само во  медиумите контролирани од опозицијата, финансирани од СОРОС.“

Сомнежот за политичко навивање се подгрева ако се земе предвид дека прозивање на организации „контролирани од Сорос“ често се користи во партиските соопштенија на владејачката партија. Непознатиот автор не наведува од каде е потврдено ваквото тврдење.

Се создава впечаток дека постапката на именуваната професорка се зема како повод за да се изгради случај за поддршка на државната иницијатива за државен испит на факултетите. Аргументацијата почнува да се гради од почетокот на текстот, за, на крај, да се наведе коментаторски заклучок кој не е подржан со факти и со изјави.

„Државниот испит за кој студентите излегоа на студентски протест, а „Професорскиот пленум“, заради свои инетреси, му даде политичка димензија, ќе стартува како пилот-проект.“

Во основа, имаме спинувана објава која со своите коментаторски елементи на сметка на интегритетот на универзитетски професор се цели да постигне спин, со кој би се поддржале реформите во високото образование.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција