Спуштената раскрсница кај Мавровка остана само на хартија
Спуштена раскрсница кај Мавровка заради релаксирање на ова тесно грло во главниот град, вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, стр.20, е неисполнето
Ветување: Спуштена раскрсница кај Мавровка го релаксираме најтесното грло во Скопје!
Крстосницата кај универзитетскиот и судски комплекс е една од најоптоварените во градот Скопје. Возилата што чекаат да се вклучи зелената светилка на семафорите, значително влијаат врз загаденоста на воздухот, поради зголемената емисија на гасови. За да се зголеми протокот на крстосницата, ќе направиме денивелација на сообраќајните ленти кои се вкрстуваат, а пешаците и велосипедистите ќе ги одвоиме на посебни и безбедни коридори, кои ќе им овозможат побрз премин над раскрсницата.
[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.20 – датум: октомври 2017 г. ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Спуштена раскрсница кај Мавровка заради релаксирање на ова тесно грло во главниот град, вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, стр.20, е неисполнето.
Со овој комплексен сообраќаен проект, требаше да се реши метежот на една од најоптоварените крстосници во Скопје, но и да се намали аерозагадувањето во овој дел од градот. За да се зголеми протокот на раскрсницата, Шилегов пред четири години најави дека ќе се направи денивелација на сообраќајните ленти, додека пешаците и велосипедистите ќе бидат одвоени на посебни и безбедни патеки.
Сепак, тоа не се случи, досега (16.07.2021) нема никакви активности за изградба на спуштена раскрсница кај Мавровка, а таа не се спомнува ниту во планираните проекти на Шилегов до крајот на мандатот – октомври 2021 година. Исто така, скопскиот градоначалник неодамна при гостувањето во емисијата „360 Степени“ на телевизијата „Алсат М“ (22 јануари 2021), изјави дека оваа идеја е неизводлива поради непланската изградба на плоштадот „Скендербег“.
Запрашан за коментар во врска со тоа негово предизборно ветување, Шилегов кажа:
Денивелирањето на раскрсницата кај Мавровка е уништено со непланската изградба на плоштадот Скендербег. Затоа што влага во успоните коишто мора да ги има една сообраќајница и едноставно не може на тој начин, како што би можело да биде изведено.
Во изминатиот период опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го критикуваше скопскиот градоначалник дека не ги исполнил крупните изборни ветувања, меѓу кои и спуштената раскрсница кај Мавровка
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.20 ( октомври 2017) [Проверено: 16.07.2021]
- Официјална веб-страница на Град Скопје (28.12.2020):Шилегов: во 2021 почнуваме со смарт сити, брт системот на трамвај без шини, нов мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ [Проверено: 16.07.2021]
- Алсат М (22.01.2021): Шилегов: Ветувањето за спуштена раскрсница кај Мавровка уништено со плоштадот Скендер бег – [Проверено: 16.07.2021]
- Тајм.мк ( 23.01.2021): ВМРО-ДПМНЕ со реакција до Шилегов: Ветуваше проекти, а реализацијата е нула [Проверено: 16.07.2021]
- Тајм.мк (18.05.2021): ВМРО-ДПМНЕ: Смешно е да ветуваш зелени покриви [Проверено: 16.07.2021]
- Канал 5 (18.05.2021) ВМРО-ДПМНЕ: Смешно е да ветуваш зелени покривиа да завршиш со пар метри квадратни трева [Проверено: 16.07.2021]
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар