Стана пракса да се атакува, со сечени делови од аудио записи

Пишува Убавка Јаневска

Порталот Свест.мк на 25 јуни објави аудио материјал од 20 секунди во кој се слуша дека постои вжештена расправија и се слуша женски глас. Насловот на текстот е ,,Велес го тресе тежок скандал! Директорот на Центарот за јавно здравје малтретира вработен! (аудио).

Според објавата на порталот што ја рецензираме, гласот е на директорката на Центарот за јавно здравје Велес, доктор Анастасија Иванова. Не се објавени изјави од инволвираните, и покрај тоа што од објавата може да се заклучи дека на авторот на текстот му се познати (ги именува). Секогаш кога има конфликт меѓу две страни, има и две страни од приказната.

Според демантот на директорката Иванова, снимката не е направена во времето кога таа е назначена за директорка, туку пред 6 месеци, кога била началничка на одделот за лабораториска дејност. Таа исто додава, дека снимката е подолга од објавената и дека има судска постапка за настанот.

Погрешно сте ја разбрале содржината на аудио записот, бидејќи кога тој веќе постои и ви е испратен од вработената во Центарот за јавно здравје Велес, сте требале да го објавите во целост и добро да го преслушате. Барам од Вас да објавите и дека вработената ја предизвикува расправијата со мене, таа ми се заканува и ме напаѓа вербално, недолично и неколегијално. Расправијата се случува откако јас во својство на препоставена но, не како в.д директор туку само како Началник на Оддел за лабораториска дејност и укажувам на лаборантката за грешки и пропусти во нејзината работа што директно се одразуваат врз работата на јавната здравствена установа и јавното здравје на граѓаните. Предизвикувањето на расправијата, навредите и омаловажувањето од нејзина страна кон мене се случија во присуство на четворица колеги, значи сведоци,  но тоа не е интерес на овој демант туку спаѓа во делот на доказна постапка за на суд, им пишува доктор Иванова на оние што ја објавија веста.

Самото објавување на вакви снимки е „лизгав терен“ од аспект на тоа што секогаш можат да бидат подметнати во поинаков контекст од оној што навистина се случил, содржината на снимката може да е предмет на приватна судска постапка и едноставно секогаш постои можноста тие да се нецелосни, од што ќе произлезе и нивна неточна интерпретација.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција