Стара дезинформација за лице кое прво измислило мотор на вода и било убиено поради тоа, воскресна на Фејсбук

Фото: Принтскрин видео

Стенли Мејер не измислил автомобил кој се движи на вода, а уште помалку бил убиен поради тоа. Ова се стари тврдења кои на социјалните мрежи циркулираат подолго време и истите се дебанкирани од странски проверувачи на факти. Автомобилот не може да се движи на вода, бидејќи водата не е гориво. Мајер не бил убиен, туку починал од церебрална аневризма

Стенли Мејер не измислил автомобил кој се движи на вода, а уште помалку бил убиен поради тоа. Ова се стари тврдења кои на социјалните мрежи циркулираат подолго време и истите се дебанкирани од странски проверувачи на факти. Автомобилот не може да се движи на вода, бидејќи водата не е гориво. Мајер не бил убиен, туку починал од церебрална аневризма

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека човекот кој пред десетици години прв го измислил моторот на вода, бил убиен. Ваквото тврдење не е точно.

Еве го и јавно. Тојота Нашиот нов мотор на вода. Пред десетици години човекот кој прв го смисли овој мотор, е убиен, стои во објавата.

Вистиномер преку пребарување на Гугл, со цел да дознаеме кој бил првиот човек кој го измислил моторот на вода, како што тврди објавата, дојде до името на Стенли Мајер. Со него се поврзуваат тврдењата изнесени во објавата, дека тој измислил автомобил кој се движи на вода и дека подоцна бил убиен поради тоа. Ваквите тврдења се стари и циркулираат подолго време, а биле дебанкирани во повеќе наврати.

Нашата проверка покажа дека ниту автомобил може да се движи на вода, ниту пак, дека Мајер бил убиен.

Во видео кое кружи на социјалните мрежи поврзано со наводниот изум на Стенли Мајер се споделуваат стари вести во кои Мајер тврди дека неговата „водена ќелија за гориво“ може да ја претвори водата во гориво и да го напојува автомобилскиот мотор. Мејер инсистирал дека некој можел да вози од Лос Анџелес до Њујорк со 22 литри вода користејќи го неговиот изум.

Тврдењето низ годините циркулирало во различни форми и постојано било дебанкирано од страна на независните проверувачи на факти (тука и тука).

Водата не може да согорува како јаглеводородните горива (бензин, етанол, природен гас) или водородот, изјави Хуа Жао, декан на инженерскиот колеџ на Универзитетот Брунел во Лондон, за агенцијата Франс прес во 2019 година.

Според Жао, атомите на водород во молекулите на водата се поврзани со атоми на кислород и потребна е енергија (обично со електролиза), за да се ослободат овие атоми на водород за да можат да се согорат како моторно гориво.

Количеството енергија потребно за раскинување на врските помеѓу водородот и кислородот во водата, секогаш ќе биде многу поголемо од потребната енергија за тие да се спојат во ќелијата за гориво или од енергијата произведена од моторот, вели Жао.

Мејер тврдел дека неговата „водена ќелија за гориво“ работела така што ја земала водата, кршејќи ги водородот и кислородот и дека водородот може да се користи за гориво на автомобилскиот мотор.

Но, како што пишува Политфакт, тврдењето на Мејер им пркоси на термодинамичките принципи. Првиот закон на термодинамиката вели дека енергијата не може да се создаде или уништи, и дека кога ќе се пренесе од една во друга форма, крајната состојба не може да биде поголема од првобитната состојба,

Водата не е гориво. Никогаш не била, и никогаш нема да биде. Водата не гори. Водата е веќе изгорена – тоа е потрошено гориво, напиша долгогодишниот научник  Филип Бол во 2007 година за лондонското научно списание Nature,пренесува Политфакт.

Што се однесува до смртта на Мајер, нашата проверка покажа дека тој починал од аневризма на мозокот во 1998 година, а не дека бил убиен, како што тврди објавата што ја анализираме. Имено, додека бил на деловен состанок со неговиот брат и двајца потенцијални странски инвеститори, Стенли почнал одеднаш да повраќа, а неговиот брат тврдел дека последните зборови на Стенли биле дека бил отруен. Во извештајот на судскиот совет се наведува дека „Мејер починал поради церебрална аневризма“.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Стенли Мејер не измислил автомобил кој се движи на вода, а уште помалку бил убиен поради тоа. Ова се стари тврдења кои на социјалните мрежи циркулираат подолго време и истите се дебанкирани од странски проверувачи на факти. Автомобилот не може да се движи на вода, бидејќи водата не е гориво. Мајер не бил убиен, туку починал од церебрална аневризма.  Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција