Стара фотографија на Палевски се споделува како да е нова, во контекст на убиството на Жежовски

Фото: Принтскрин видео

Фотографијата која се споделува во овие објави е исечена, а оригиналната е објавена во март годинава, а не во ноември кога беа извршени двете убиства – на Панче Жежовски од Велес и на тинејџерката Вања Ѓорчевска од Скопје

Фотографијата која се споделува во овие објави е исечена, а оригиналната е објавена во март годинава, а не во ноември кога беа извршени двете убиства – на Панче Жежовски од Велес и на тинејџерката Вања Ѓорчевска од Скопје

 

 

Рецензираме неколку објави со иста содржина (овде, овде и овде), каде се споделува информација дека Љупчо Палевски-Палчо, осомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, се фотографирал со членови на семејството на убиениот Жежовски, непосредно по ликвидацијата.

Откако го убил Панче, Палевски се сликал со внукот и зетот на жртвата .На социјалните мрежи се споделува фотографија, самослик од првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Панче Жежовски од Велес и Вања Ѓорчевска од Скопје, Љупчо Палевски Палчо, направено во Велес, пишува во една од објавите.

Во друга објава, пак, пишува дека „Палевски по убиството на Жежовски на Фејсбук објавил селфи со зетот и внукот на жртвата“.

Во третата објава со наслов „Шокантно“ се споделува истото – дека откако го убил Панче, Палевски направил селфи со внукот и зетот на жртвата.

Меѓутоа, фотографијата која се споделува во објавата е исечена од нејзината реална големина, и дефинитивно потекнува пред убиството на Панче Жежовски.
Имено, Панче Жежовски од Велес последен пат бил виден во ноември 2023 година. Според пријавата во МВР, на 24 ноември  во 19 часот во Полициската станица Велес А.К.(43 год) од Велес пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот татко П.Ж.(74 год) од Велес“. Подоцна тој беше пронајден убиен, а за ова кривично дело заедно со уште едно убиство – убиството на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје, засега се сомничат пет лица. Според првичните информации, Панче Жежовски бил грабнат на 22 ноември од својот дом. Убиен бил и закопан на патот Велес Скопје. Причината, според првичните информации кои ги соопшти обвинителството е долг од 500 евра кон групата предводена од Љупчо Палевски Палчо. Мотивот, според првичните информации било тоа да се одземе возилото и да се искористи за грабнувањето кое подоцна се случи, врз Вања Ѓорчевска која исто така беше пронајдена убиена.

Фотографијата која што се споделува во објавите коишто ги рецензираме е исечена и не е во нејзината целост, а осомничениот Љупчо Палевски Палчо навистина ја има објавено на својот Фејсбук профил, ама во март месец годинава, не на крајот на ноември, кога што се случија двете убиства.

На Фејсбук профилот на Палевски може да се види оригиналната фотографија објавена на 30 март 2023. На неа има повеќе луѓе, а двајца од нив минуваат на пешачки премин. Во објавите кои ги рецензираме, фотографијата е скратена. Не може да се утврди дали лицата на пешачкиот премин се во роднинска врска со велешанецот Панче Жежовски.

Поради сите горенаведени факти,  сметаме дека овие објави на Фејсбук се неточни.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција