Светската здравствена организација ги разбива митовите за коронавирусот

Со појавата на епидемијата поврзана со коронавирусот во Кина, во светската јавност се појавија редица невистини околу неговото ширење, но и неивстини кои се однесуваат на бајаги чудотворни лекови кои можат да ги излечат заболените од овој вирус или да спречат здравите луѓе да се заболат од него. Светската здравствена организација (СЗО) ги подготви овие совети со цел да ја информира јавноста што е точно од сите тие тврдења, а што не

 

 

Дали е безбедно да примите писмо или пратка од Кина?

Да. Безбедно е. Луѓето што примаат пратки од Кина не се изложени на ризик да заболат од новиот коронавирус. Од претходните анализи знаеме дека коронавирусите не преживуваат долго време на површина на предмети како што се пакети или писма.

 

Дали домашните миленици може да го пренесат новиот коронавирус?

Моментално нема докази дека домашните миленици, како, на пример, мачки и кучиња, може да се заразат со коронавирусот. Меѓутоа, секогаш е добра идеја да ги измиете рацете со сапун по контакт со миленичето. Ова е мерка за заштита против неколку вообичаени бактерии, како што се ешерихија коли и салмонела кои може да се пренесуваат од миленици на луѓе и обратно.

 

Дали вакцините против пневмонија ве заштитуваат од коронавирусот?

Не. Вакцините против пневмонија, како што се пневмококната вакцина и вакцината за хемофилиус инфлуенца тип Б (ХИБ), не ве заштитуваат од коронавирусот.

Вирусот е многу нов и различен од останатите и за него е потребна нова вакцина. Истражувачите се обидуваат да создадат вакцина против 2019-nCoV, а СЗО ги поддржува нивните напори.

Иако овие вакцини не се ефикасни против 2019-nCoV, вакцинацијата против респираторните заболувања се препорачува како заштита.

 

Дали редовното прскање солена вода во носот може да спречи инфицирање со новиот коронавирус?

Не. Нема никакви докази дека редовното прскање солена вода во носот ги штити луѓето од инфицирање со коронавирусот.

Постојат некои ограничени докази дека редовното прскање солена вода во носот може да им помогне на луѓето побрзо да оздрават од вообичаена настинка. Меѓутоа, не е докажано дека редовното прскање солена вода може да спречи респираторни инфекции.

 

Дали течностите за гаргара може да ве заштити од инфицирање со коронавирусот?

Не. Не постојат докази дека практикувањето гаргара ќе ве заштити од новиот коронавирус.

Некои видови течности за гаргара може да елиминираат одредени микроби што се наоѓаат во плунката во рок од неколку минути. Сепак, тоа не значи дека ќе ве заштитат од 2019-nCoV.

 

Дали јадењето лук ќе го спречи инфицирањето со коронавирусот?

Лукот е здрава храна која може да има некои антимикробни својства. Меѓутоа, не постои доказ од тековните анализи дека јадењето лук ги заштитува луѓето од новиот коронавирус.

 

Дали употребата на масло од сусам може да не дозволи коронавирусот да влезе во телото?

Не. Маслото од сусам не го убива коронавирус. Постојат некои хемиски средства за дезинфекција што можат да го уништат 2019-nCoV на разни површини. Дел од овие средства се базирани на белило или хлор, потоа, растворувачи со етер, 75% етанол, пероцетна киселина и хлороформ.

Меѓутоа, тие имаат мал или воопшто немаат ефект врз вирусот, доколку се намачкате со нив или ги вдишите. Мачкањето со нив може дури да е опасно.

 

Дали новиот коронавирус ги напаѓа само постарите или пак и младите се подложни?

Сите луѓе без разлика на возраста можат да се заразат со коронавирусот. Постарите лица и лицата со историја на болести (како што се астма, дијабетес, срцеви заболувања) се чини дека се поподложни на сериозно заболување од вирусот.

СЗО ги советува луѓето на сите возрасти да преземат чекори за заштита од вирусот, на пример преку одржување хигиена на рацете и на респираторниот систем.

 

Дали антибиотиците се ефикасни при спречување и лекување на новиот коронавирус?

Не. Антибиотиците не функционираат против вируси, туку само против бактерии.

Новиот коронавирус (2019-nCoV) е вирус и поради тоа не треба да се употребуваат антибиотици за негово спречување или лечење.

Сепак, доколку сте хоспитализирани поради коронавирусот, може да примате антибиотици, бидејќи возможна е бактериска инфекција.

 

Дали постојат одредени лекови за заштита од коронавирусот или за негово лекување?

До денес нема препорачан специфичен лек за заштита или лекување на коронавирусот.

Меѓутоа, оние што се заразени треба да добијат соодветна грижа за намалување и лекување на симптомите, а оние со тешка болест треба да добијат интензивна нега. Се истражуваат одредени специфични третмани и ќе бидат тестирани преку клинички испитувања. СЗО, заедно со низа партнери, помага во забрзување на обидите за истражување и создавање лек.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.