Теорија на заговор полна со невистини, дополнета со измислици и набиена со манипулации

Тврдењето дека Трамп испратил персонал на Министерството за одбрана да изврши рација во фармите на сервери во Франкфурт, Барселона и Торонто, „стекнувајќи ги физичките сервери кои ги снимија сите дигитални докази за изборната измама“ е лажно

Пост на Фејсбук пренесува напис полн со невистини, а преземен од сајтот naturalnews.com, кој е познат по ширењето на теории на заговор, што е случајот и со текстот кој го рецензираме. Постот во моментот на нашата проверка има 150 интеракции (реакции, коментари и споделувања).

Написот пренесен во постот почнува со тоа што тврди дека Трамп победил на изборите многу порано од денот на нивното одржување со тоа што знаел дека неговите противници „ќе ги лажираат и украдат изборите“ и поради тоа на 12.09.2018 година потпишал извршна наредба „во која се опишани актите на местење на гласови и измама во кои невешто се вклучија демократите“.

Во таа наредба, Трамп прогласи национална вонредна состојба, што значи дека изборите во 2020 година се одржаа според национална наредба за итни случаи. Ова им овозможи на Трамп и елементите со бела капа во ДД да постават SCIF и да ја следат изборната кражба што се случува во реално време. Трамп им дозволи на демократите да ги украдат изборите, со други зборови, за да се заробат во голема шема на предавство и сајбер војна што на крајот ќе доведе до пад на целата партија на демократите, се вели во написот.

 Понатаму написот наведува дека „Трамп потоа испрати персонал на ДО да изврши рација во фармите на сервери во Франкфурт, Барселона и Торонто, стекнувајќи ги физичките сервери кои ги снимија сите дигитални докази за изборната измама. Овие сервери, заедно со резултатите од Кракен, системот за собирање информации за сајбер војна на ДО, беа предадени на аналитичарите за сајбер-злосторства и антитероризам во ДИА, кои произведоа несоборливи докази за бомбата, предадени на Сидни Пауел за да ги користи во нејзините судски процеси. Пауел ќе ги обелодени овие воени разузнавачки сведоци за време на судењата, испраќајќи потреси низ целиот свет“.

Сега, Трамп има сè. Тој има сервери на ЦИА, доказ за сајбер војна, имиња на оние што ги извршиле овие злосторства и сите докази што ќе му овозможат на СКОТУС да ги поништи резултатите во повеќето држави во нишалка. Трамп сега мирно гледа како демократите и мантилите на ГОП продолжуваат да се обесат со акти на предавство и предавство, дури и бидејќи Трамп веќе го знае крајниот резултат: Втор мандат за Доналд Trump. илјадници) врвни демократи се уапсени и затворени.

Овој напис содржи неколку лаги и теории на заговор. Прво, не е точно дека Доналд Трамп е победник на изборите. На претседателските избори кои се одржаа во САД, според информациите што ги објавија најголемиот број медиуми и во САД, но и ширум светот, демократскиот кандидат Џо Бајден освои 306 електорски гласови, наспроти Трамп кој освои 232 електорски гласови. За победа на изборите потребни се 279 електорски гласови.

Тврдењето дека Трамп потпишал извршна наредба на 12.09.2018 „во која се опишани актите на местење на гласови и измама во кои невешто се вклучија демократите“, е манипулативно. Имено, Трамп потпиша уредба со која се одобрува воведување на санкциите кон земјите и поединци за кои ќе се докаже дека се мешале во американските избори. Советникот за национална безбедност, Џон Болтон и директорот на американските разузнавачки служби, Ден Коутс, тогаш изјавија дека уредбата е доказ оти безбедноста на изборниот процес е еден од приоритетите на Трамп. Болтон појасни дека уредбата не се однесува само на мешањето во изборната инфраструктура, туку и на ширењето дезинформации и пропаганда. Коутс истакна дека уредбата не е посебно насочена кон Русија, а како други можни закани ги наведе Кина, Северна Кореја и Иран.

 

Што се случи со тврдењата за изборни измами?

Тимот на Трамп поднесе најмалку 17 тужби во различни државни и федерални судови, а повеќето се состојат од слични тврдења за кои нема докази дека влијаеле на ниту еден глас, вклучувајќи ги и наводите дека Трамповите набљудувачи на изборите не го добиле пристапот што барале или дека има измама со гласачките ливчиња по пошта, објави АП, пренесе Мкд.мк.

Големиот број тужби и истраги предводени од изборниот тим на претседателот Доналд Трамп и сојузниците не се ни блиску до докажување грешки во повеќе држави, што би го довело во прашање неговиот пораз од новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Судии во сојузните држави Џорџија и Мичиген на 05.11.2020 ги отфрлија тужбите на кампањата на претседателот Трамп поради наводни неправилности во броењето на гласовите.

Конзорциум од национални и државни службеници задолжени за безбедноста на изборите во рамките на американското Министерство за домашна безбедност изјавија дека „нема докази дека некој систем на гласање избришал или изгубил гласови, сменил глас или бил на кој било начин компромитиран“.

Понатаму, експертите и официјалните лица изјавија дека нема докази за широко распространета измама на гласачите на изборите во САД во 2020 година. Изборниот процес беше безбеден и измамата на гласачите од кој било вид е неверојатно ретка, оценија Асошиејтед Прес и Ројтерс. Официјални лица и експерти предупредија пред денот на изборите дека најголемото мешање во изборите во САД, без оглед дали се од странски или домашни играчи, доаѓа во форма на дезинформациони кампањи, од кои многу се со цел да создадат недоверба во изборниот процес на САД.

Американскиот министер за правда, Вилијам Бар, на 02.12.2020 изјави дека нема докази за широко распространета измама на претседателските избори на 3 ноември што може да ги промени изборните резултати.

До денес не видовме измама од обем што може да влијае на различен исход на изборите, изјави Бар за Асошиејтед Прес.

Бар рече дека американските адвокати и агентите на ФБИ не откриле докази што би можеле да го променат резултатот од изборите, додавајќи дека властите разгледуваат жалби и информации.

 

Не постои никаква акција за рација на фарми за сервери

Тврдењето дека Трамп испратил персонал на Министерството за одбрана да изврши рација во фармите на сервери во Франкфурт, Барселона и Торонто, „стекнувајќи ги физичките сервери кои ги снимија сите дигитални докази за изборната измама“, е, исто така, лажно. Вистиномер веќе ја дебанкираше ваквата информација, пренесувајќи деманти од посочената серверска компанија која повтрди дека нема свое претставништво во Германија, а демант стигна и од Армијата која посочи дека не била изведена никаква акција за заплена на сервери.

Текстот кој го рецензираме е пренесен од сајтот naturalnews.com, познат по лажните вести и теориите на заговор. NewsGuard, компанија која користи обучени новинари за рангирање на веродостојноста на веб-страниците, ја опишува naturalnews.com како:

Мрежа на страници што промовираат и медицински и немедицински теории на заговор, особено лажното тврдење дека вакцините се поврзани со аутизам.

Според NewsGuard, страницата не ги одржува основните стандарди на точност и отчетност.

Имајќи ги предвид фактите кои ги изнесуваме, може да се заклучи дека станува збор за текст кој шири лажни вести и теорија на заговор за некaкво сценарио кое наводно го води Трамп против демократите. Не постојат никакви докази дека на изборите во САД имало изборни измами, а уште помалку дека тимот на Бајден ги украл изборите. Нема никакви сервери кои докажуваат некакви изборни измами. Бидејќи нема никакви докази, не може ниту да се издаде наредба за некакви апсења на демократи, како што тврди написот. Ваквите манипулации и дезинформации често можат да се сретнат на социјалните мрежи, а нив обично ги шират сајтови кои се познати по тоа.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција