Тортурата е забранета со меѓународни документи ратификувани од Македонија
Меѓународни документи и институции за спречување и броба против тортура и одговорностите на земјите потписнички на овие документи.
Меѓународни документи и институции за спречување и броба против тортура и одговорностите на земјите потписнички на овие документи.
Пишува: Владо Ѓорчев
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) објави дека отворило истражна постапка под името „Тортура“, а се однесува на апсењето на претседателот на Обединети за Македонија (ОМ), Љубе Бошкоски. Во овој случај првоосомничен е екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.
Според обвинителката Фатиме Фетаи, која го образложи случајот, припадници на полициските сили „Алфи“ постапувале нечовечки при апсењето на Бошкоски во 2011 година. Тој бил дискриминиран по основа на политичка определба, бил понижуван, а биле упатувани и вулгарни зборови против неговата мајка и сопруга. Фетаи обелодени дека Специјалното јавно обвинителство отвора истражна постапка против седуммина осомничени, а како прв се јавува екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, по чија наредба, инволвираните се однесувале бескурполозно.
Во своето излагање за наодите од предистражната постапка таа изјави:
На ден 6 јуни 2011 година, понеделник, поточно еден ден по завршување на парламентарните избори на кои најмногу пратенички места освои политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, првоосомничениот како службено лице – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (Сашо Мијалков н.з.), поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени, полициските службеници во единицата „Алфи“ да во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице-оштетениот Љубе Бошковски кај истиот да предизвикаат душевно страдање.
ШТО Е ТОРТУРА
Терминот „тортура“, според Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и други облици на сурово, нечовечно и понижувачко постапување или казнување (УНКАТ), значи секој акт со кој се предизвикува намерна болка или страдање, физичка или ментална, кон некое лице со цел да се добијат од него или од трето лице информации или признанија.
Оваа конвенција која стапи на сила на 26 јуни 1987 година, а ја има ратификувано и Македонија на 12.12.1994 година.
При апсењето на Бошкоски, според обвинителката, сторено е ментално мачење кое, според УНКАТ, опфаќа техники на принуда и заплашување, постојано понижување и тероризирање.
Според УНКАТ, карактеристични елементи на тортурата се:
- Намерно дело со кое се предизвикува тешко физичко или ментално страдање;
- Дело што се нанесува со одредена цел;
- Од страна на државно службено лице или лице кое постапува во својство на овластено службено лице.
Методите на мачење, кривичната практика ги класифицираат во две поголеми групи:
Физички:
Предизвикува огромна болка и прекумерно страдање кај жртвата. Кај најсуровите облици, може да доведе и до осакатување, изобличување или трајна повреда. Методите на мачење коишто најчесто се применуваат се: тепање со камшици, метални предмети, камења, кабли и палки, клоцање и удирање од ѕид. Таканаречениот метод „фалака“ или „фаланж“ (жестоко удирање на жртвата по табаните на нозете) е речиси исто толку широко се користи како и методот со електро-шокови, гушење, врзување и горење со цигари или изложување на жртвата на екстремно ниски или високи температури.
Ментални:
Ова мачење опфаќа техники на лишување и исцрпување, какви што се лишување од храна, вода, сон и санитарни простории, техники на лишување од комуникација како што се затворањето во самица и прекинувањето контакти со другите затвореници или со надворешниот свет, техники на принуда и заплашување, како што се присилно присуство при мачењето други луѓе, закана за погубување или симулирано погубување, постојано понижување и тероризирање, итн.
Обвинителката Фетаи образложи дека второосомничениот, кој бил командант на единицата Алфи (Ивица Антевски – Пуки н.з.) со зборовите, „Легнете го на земја, на земја да се апси“, „Легни го доле, легни го доле“, издал наредба за начинот на реализација на апсењето, по што трето, четврто, петто, шесто и седмоосомничениот употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Бошковски по нозете и држејќи го за рацете. Истите, го малтретирале, застрашувале и навредувале со зборовите “Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна“, „Ти дојде моментот“, „Дојде моментот да се реванширам“, „Да ти ебам жената“ и други вулгарни зборови и пцовки спрема неговата мајка, сопруга и деца, а во тие моменти третоосомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги зборовите „бел ден да не видиш“. Веднаш потоа го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таа положба го држеле повеќе од половина час, со цел истиот да биде снимен од медиумите, кои биле известени за настанот. Според сево ова, не е тешко да се заклучи дека на оштетениот Љубе Бошковски му било предизвикано душевно страдање, директно му било понижено човечкото достоинство и личност и го дискриминирале по политичка основа.
Европската конвенција за човекови права, пак, донесена е од страна на Советот на Европа во 1950 година.
Преземајќи ја иницијативата од Универзалната декларација, Советот на Европа ја создаде Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (ЕКЧП). Таа беше отворена за потпишување од страна на тогашните 15 држави-членки во 1950 година. Конвенцијата беше значајна од три главни причини:
Правата и слободите на секој поединец се гарантирани од страна на засегнатите земји – „државите-договорнички“ според прописите на меѓународното право и за прв пат се донесе меѓународен договор за човековите права со конкретен механизам за заштита.
ЕКЧП и нејзините протоколи ги гарантираат неколкуте права како што се слобода на мисла, свест и вероисповест, слобода на изразување (вклучително слобода на медиумите) имот или мирно уживање на имотот, слобода на собирање и здружување…
Таа конвенција предвидува и забрани посебно за „тортура, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
ЕВРОПСКА КОНВЕНЦИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ТОРТУРА
Малку се гледа од она што се случува зад затворените врати на затворите, полициските станици, институциите за ментални болести и слично. Токму поради тоа, во 1987 година се усвои Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечно или понижувачко постапување, која стапи во сила во 1989 година. Конвенцијата ја надополнува заштитата достапна според ЕКЧП, воспоставувајќи го Европскиот комитет за превенција на тортура (ЕКПТ) составен од независни и непристрасни експерти од најразлични области, вклучително и право, медицина, затворски прашања и политика. Комитетот ги посетува местата на притворот за да види како се постапува со притворените лица. Тој има неограничен пристап кон местата на притвор и може да разговара насамо со притворените лица. Тој, исто така, може слободно да разговара и со други лица кои можат да дадат релевантни информации, вклучително и невладини организации кои работат на полето на човековите права. По секоја посета, Комитетот составува извештај за засегнатата земја, давајќи препораки за да осигура дека притворените лица се соодветно заштитени од тортура и лошо постапување. Од Владите потоа се бара да одговорат на извештајот. Во исклучителни случаи, доколку државата не соработува или одбива да ги спроведе препораките на КПТ, Комитетот може и да одлучи да се произнесе со јавна изјава.
ЛИНКОВИ:
- Канал 77, (28.03.2016) Случај Тортура: Фетаи „без влакна на јазикот“ го образложи апсењето на Бошкоски (Аудио), [Пристапено на 31.03.2016]
- Правдико, (02.04.2015) Дефинирање и методи на тортура, [Пристапено на 31.03.2016]
- Википедија, (Последна промена на 21.06.2015, 00:24 часот) Европска конвенција за човекови права, [Пристапено на 31.03.2016]
- ОН, Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и други облици на сурово, нечовечно и понижувачко постапување или казнување (УНКАТ), [Пристапено на 31.03.2016]
- ОН, Reporting status for The former Yugoslav Republic of Macedonia, [Пристапено на 31.03.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар