Трајановски секоја година најавува проширување на Пластичарска

Сообраќајниот метеж секојдневие на Пластичарска улица Фото: Принтскрин (Плусинфо)

 

Со цел надминување на сообраќајниот метеж што се создава, Град Скопје ќе го прошири со дополнителна коловозна лента булеварот „Никола Карев“ (т.н. Пластичарска улица). (Рок: 2013-2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Прширување на булеварот „Никола Карев“,  градоначалникот Коце Трајановски  им вети на скопјани  за локалните избори во 2013 година. Во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , (во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 55) , е наведено дека проширувањето на овој булевар (познат како Пластичарска улица)  треба да се спроведе во период (2013-2015) година.  Иако, рокот за реализација посочен во програмата на Трајновски (2015)  е поминат, сепак,  досега (22.05.2016) ова изборно ветување не  е исполнето.

Проширувањето на булеварот „Никола Карев“, градоначалникот на Скопје  го најавува како еден од приоритените  проекти секоја година  од април 2013 година наваму , односно во неговиот втор мандат.

На 06.12.2013 при посетата на Општина Чаир , каде  се одржа средба на службите на  на Град Скопје , јавните претпријатија и урбаните и месните заедници од  Чаир,

Трајановски најави:

Главни проекти кои ќе ги почнеме во 2014 година се проширувањето на булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ каде што ќе се добие булеварско решение, проширување на булевар „Никола Карев” (позната како „пластичарска“ улица) до амбасадата на САД во Република Македонија, како и проширување на делови од улица „Цветан Димов”, каде што сообраќајниот метеж е најголем и условите го дозволуваат тоа. (Трајановски)

На 03.12.2014 година од Град Скопје соопштија дека овој проект е меѓу  „најважните проекти кои ќе започнат  или целосно ќе се реализираат во 2015 година“ .

Во Општина Чаир ќе започне реконструкцијата и проширувањето на бул. Никола Карев (т.н. Пластичарска улица), ќе започне фазната реконструкција и проширување на дел од бул. Цветан Димов, како и реконструкцијата на улицата Ќемал Сејфула

На 24 ноември 2015 година Советот на Град Скопје на својата 56. седница го усвои Буџетот на Град Скопје за 2016 година ( 6,9 милијарди денари). Градоначалникот Трајановски, тогаш во неговото обраќање пред советниците истакна дека  со овој Буџет се предвидени капитални проекти во сите 10 општини на Градот Скопје и тоа за:

Општина Чаир

Почеток на градежни работи за реконструкција и проширување на булевар Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир;

Почеток на проектот за изградба на 4-та лента на булевар Никола Карев (Пластичарска);

Изградба на атмосферска канализација на улица Џон Кенеди и Кемал Ататур

Овој проект се споменува и во Отчетот   на Трајановски за минатата година (стр.2) , како еден од планираните објекти за реализација во 2016 година:

во Општина Чаир ќе работиме на реконструкција и проширување на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, како и на изградба на 4-та лента на булеварот Никола Карев

Но, досега (22.05.2016), нема информации  дека е започната реконструкција на Пластичарската улица. Последните најави се дека тоа можеби ќе се случи ова лето (2016).

Џангис Хани,  раководител на секторот за урбанизам во Чаир и одговорен за информирање, во изјава за еден дневен весник, зборувајќи за проблемот со уличните води во Топаана, меѓу другото, вели

Сега останува опцијата при изградбата на Пластичарска улица летово да се прифатат тие води кај улицата ’Македонско-косовски бригади‘. Тоа, веројатно, ќе го направиме и во делот на Пластичарска со улицата ’Џон Кенеди‘ (Џангис Хани)

Имајќи го предвид сето ова може да се констатира дека изборното ветување ПРОШИРУВАЊЕ НА БУЛЕВАР „НИКОЛА КАРЕВ“,  е неисполнето.

 

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција