Трајковски неосновано тврди дека владата на СДСМ му блокирала проекти
Тврдењето на Трајковски дека градбата на салата и градинката во Стајковци била блокирана од владата на СДСМ ја сметаме за недоследна од повеќе причини
Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски, кој е и актуелен градоначалник, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, имаше ТВ соочување со својот противкандидат Борис Георгиевски од СДСМ. Во текот на дебатата, како што пренесе Курир, Трајковски посочил дека владата на СДСМ му блокирала одредени проекти.
Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за Гази Баба Тони Трајковски во вчерашната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека градбата на салата и градинката во Стајковци беше блокирана од владата на СДСМ и истите ќе бидат изградени со средства од општината.
[Извор: Курир, датум: 21.10.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Тврдењето на Трајковски дека градбата на салата и градинката во Стајковци била блокирана од владата на СДСМ ја сметаме за недоследна од повеќе причини кои ќе ги посочиме подолу во текстот.
Имено, проектите за изградба на градинка во Стајковци и спортска сала во ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци се дел од приоритетните проекти на Трајковски наведени во неговата предизборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Гази Баба“ (стр.11).
Овие два проекти на Трајковски останаа неисполнети во текот на неговиот мандат 2013-2017 година. Според програмата на локалните избори, фискултурните сали во училиштата во Хиподром и во Стајковци требаше да бидат готови во 2017 година, но тендерот е распишан дури во мај 2017 година, кога е склучен и договорот за изградба.
Новата детска градинка, исто така, според програмата на Трајковски, требаше да биде готова во 2017 година, но ветувањето остана неисполнето.
Мандатот на градоначалниците формално истече на 15 мај 2017 година, а локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај. Но, со оглед на тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин. Поради тоа, мандатот на градоначалниците беше продолжен до 15 октомври, денот за кога Собранието донесе одлука да се одржат локалните избори.
Новата влада предводена од СДСМ, пак, беше формирана на 1 јуни 2017 година. Имајќи го предвид фактот дека мандатот на Трајковски формално истекол на 15 мај и дека 15 дена подоцна била формирана новата влада, недоследно е да се тврди дека владата на СДСМ ги блокирала изгрдабата на салата и на градинката во Стајковци. Понатаму, Собранието ребалансот на Буџетот го усвои на 6 август 2017 година.
Значи, до формалниот истек на мандатот на Трајковски, на чело на извршната власт беше неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, во чиј што мандат, тој не успеал да ги реализира двата посочени проекти.
Исто така, Трајковски не објаснува дали од Владата побарал и обезбедил пари за изградба на спортска сала и градинка во Стајковци, што, исто така, е многу важно доколку сака неговата изјава да добие на тежина. Ако имал одобрени пари, колкава е сумата, каде е доказот дека тие пари се стопирани? На овие прашања нема никакви одговори од Трајковски.
Поради сето ова, може да се заклучи дека неговот тврдење, дека владата на СДСМ ги блокирала изградбата на сала и градинка во Стајковци, е недоследна.
ИЗВОРИ:
- Курир (21.10.2017) – Трајковски до Горѓиевски: Градбата на салата и градинката во Стајковци беше блокирана од новата Влада, ние со сопствени средства ќе ги реализираме [Пристапено на 26.10.2017]
- Предизборна програма на Тони Трајковски за локалните избори 2013-2017 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Гази Баба“ (стр.11) [Пристапено на 26.10.2017]
- Вистиномер (27.07.2017) – Не е изградена нова градинка во Стајковци [Пристапено на 26.10.2017]
- Призма – Општините под лупа (Гази Баба) [Пристапено на 26.10.2017]
- Курир (15.05.2017) – Истекува мандатот на градоначалниците и советниците [Пристапено на 26.10.2017]
- Плусинфо (01.06.2017) – Локалните избори во октомври [Пристапено на 26.10.2017]
- Мета (01.06.2017) – Македонија доби нова Влада на чело со Зоран Заев [Пристапено на 26.10.2017]
- Фокус (06.08.2017) – Собранието го усвои ребалансот на Буџетот, ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на гласањето [Пристапено на 26.10.2017]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар