Три главни причини за појава на заговорнички теории

Зошто во вонредни ситуации гледаме заговори насекаде? Во оваа вонредна состојба станува забележително дека не само што секојдневно се зголемува бројот на лажни вести и дезинформации, туку се зголемува и бројот на сосема неверојатни теории на заговор. Приказни што на рационалниот ум му делуваат како да се излезени од среден век стануваат општо прифатени вистини од голем број граѓани и се шират побрзо од корона-вирусот. Се зборува за остварување на пророштва, манипулации на умот и контрола од страна на елитите и истребување на човештвото

 

Пишува: Билјана Танеска

 

Зошто ова се случува баш сега е прилично лесно да се разбере кога ќе ги погледнеме причините за појавата на ваквите теории.

Голем број теоретичари се обидуваат да објаснат зошто и како настануваат заговорничките теории и досега се пронајдени повеќе причинители, така што може да зборуваме за еволутивни остатоци на древни механизми за преживување, потоа специфични карактеристики на личноста на оние што се склони кон смислување и ширење на теориите, но дел од причинителите се однесуваат и на надворешни фактори како политички манипулации и недоверба во системот или властите.

 

СТРАВ ОД НЕПОЗНАТО

Луѓето отсекогаш се плашеле и ќе се плашат од нови и непознати нешта. Тоа е природна реакција, која има еволутивни корени. Научниците сметаат и дека стравот од непознатото е основата на сите стравови и база на сите анксиозни нарушувања. Токму овој страв е нагласен при средбата со новите технологии и знае да достигне размери на целосна неразумност на фобија. Неразумните стравови често имаат и неразумни објаснувања и низ историјата има голем број такви примери: кога се појавило радиото, некои го доживувале како глас од пеколот, а доста познат е и скептицизмот што постоел и кај учените луѓе во однос на појавата на книгите, а подоцна и нивното печатење. Во истражување во 2015 година резултатите покажуваат дека најголемите стравови кај Американците се токму поврзани со технологијата.

Некои од читателите сигурно се сеќаваат кога со појавата на мобилните телефони постоеше страв дека зрачењето на мобилната мрежа предизвикува рак на мозокот и оти не треба да носиме телефони со себе или да ги доближуваме до главата. Денес овој ист страв се префрли на вклучувањето на 5Г-мрежата со уште попретерана реакција и нерационални тврдења.

Тука многу јасно влегува и целосната надреална ситуација во светот што се случува со пандемијата на корона-вирусот. Скоро целиот свет е во карантин, животот се одвива во вонредни услови, а со воведувањето на поригорозниот полициски час кај нас ништо веќе не изгледа нормално. Ова неминовно предизвикува страв кај луѓето и тој страв бара објаснување. За жал, оваа ситуација се поклопи со воспоставувањето на новата 5Г-мрежа во земјава, како и во други земји во светот, околу која веќе се развиваа теории за нејзината штетност. Така што вонредната состојба поради запирање на ширењето на вирусот се поврзува со ослободување простор за поставување на оваа мрежа, која е штетна за луѓето, дека 5Г-мрежата го пренесува вирусот, па дури и толку луди теории кои тврдат дека мрежата ќе се користи за манипулација на човечките умови, откако сите ќе ја примат вакцината која веќе постои.

За да бидеме порационални, мора прво да го препознаеме нашиот страв, а откако ќе го направиме тоа да најдеме вистински релевантни информации за она што нѐ плаши, зашто кога вистински ќе го разбереме она од што се плашиме, ќе сфатиме дека нема никаква потреба да се плашиме.

 

ПОПЛАВА ОД ИНФОРМАЦИИ

Во време кога технологијата многу брзо напредува, а економската и образовната нееднаквост се зголемуваат, кај голем процент од популацијата следењето на новостите е скоро невозможно. Пoтребата да им се даде смисла на големиот број информации што секојдневно ги добиваме, но со недоволно знаење и капацитет за критичко мислење, исто така, доведува до креирање голем број заговорнички теории.

За разлика од минатото, кога вестите пристигнуваа од еден или неколку веродостојни извори, денес сме потрупани со невозможен број извори на информации што секојдневно се зголемуваат. Онлајн-портали, весници, видеоканали, и на врв на тоа социјални медиуми, во кои секој е еднакво релевантен да го сподели своето мислење. Сето тоа создава една комплексна бура од информации, која е тешко да се опише и која нема никаква смисла, што делува како аморфна маса од која секој може да си создаде своја реалност. Губењето на големата слика остава простор за создавање многу различни мали слики, односно избирање на својата реалност. Луѓето што се склони кон верување во заговорнички теории, од сите понудени информации вести и канали, ги избираат и перцепираат само оние што одат во прилог на нивното размислување.

Модерните алгоритими на пребарувачите и социјалните медиуми, кои функционираат според персонализирани афинитети, често ни го нудат токму она што го бараме. Понекогаш понудените информации се толку соодветно нагодени за нас, што поттикнуваат параноични мисли за следење и прислушување од страна на некој замислен моќен ентитет, кој го следи секој наш потег. Но, кога на ова ќе ги додадеме когнитивните предрасуди што ни дозволуваат да ги видиме само работите што ни одговараат или веќе се дел од нашата теорија и уште повеќе ќе го нахраниме алгоритмот со податоци во истата линија на размислување со кликање на такви статии, тој уште повеќе ќе ни нуди „аргументи“ што ќе ги поткрепат тие теории.

На пример, ако сме покажале афинитет кон вести што зборуваат за опасностите на новите технологии, голема е веројатноста алгоритмите на пребарувачите или социјалните медиуми да ни понудат вести за опасностите на 5Г-технологијата. Со самото наше кликање и следење на тие вести, алгоритмот уште повеќе ќе ни нуди вести или статии на истата тема, што за нас претставуваат само повеќе докази дека таа теорија е точна.

Слично, доколку следиме некој пријател на „Фејсбук“ или некој портал или страница што се склони кон ширење вакви теории и често ги „лајкуваме“ постовите на такви теми, само повеќе го храниме алгоритмот да ни нуди такви информации, кои само уште повеќе ќе ја зголемат нашата параноја.

 

НЕДОВЕРБА КОН ИНСТИТУЦИИ

Еден исто така важен фактор што доведува до зголемување на овие теории е и недовербата во системот или власта. Голем број теории на заговор се занимаваат токму со приказни за омнипотентни организации што работат во сенка и сакаат да го контролираат светот. Кога би го зеле предвид фактот дека имаме богата историја на случаи што покажуваат корумпираност на одредени институции и нетранспарентност на други, не делува премногу чудно дека постои недоверба.

Во ситуација на големи општествени и технолошки промени институциите заостануваат во следењето на промените, а и самите се во криза. Корупцијата и спинувањето во медиумите стануваат секојдневие и партиите сè почесто излегуваат со свои верзии на вистината. Ова ја зголемува несигурноста околу тоа што е вистина, а што не, па неретко луѓето прифаќаат и очигледни лаги, гледајќи ги како различни интерпретации на реалноста, со што полесно можат да изградат и сопствена.

За жал, ова не е случај само во нашата земја, недовербата во системот е модерна болест, која има основа и вистински причини за да постои. Во голем број земји и самите политичари презентираат теории на заговори без никакви аргументи и логика само за да протуркаат своја политика.

 

ЗАКЛУЧОК: БАРАЊЕ РЕД ВО СЛУЧАЈНОСТА

Можеби главната причина за појавата на заговорничките теории е потребата да се даде смисла на настаните и случувањата што се необјасниви или комплексни. Кризите, природните катастрофи и новите технологии, кои се нови, чудни и необјасниви за оние што не се експерти, се плодна почва за нивно развивање.

Во природата на човекот е да препознава шеми, што му помага во снаоѓањето и преживувањето, но во случајот со заговорничките теории се работи за пронаоѓање шеми таму каде што реално не постојат. Прифаќањето на хаосот, случајноста и неповрзаноста на настаните, многу често знае да е застрашувачко. На многумина полесно им е да прифатат дека некој го испланирал и направил вирусот со некоја задна намера да ги контролира луѓето, отколку да се соочи со фактот дека и најразвиените земји во светот не знаат како да се справат со оваа криза и оти најпаметните научници не можат целосно да го предвидат неговиот развој.

Целата оваа ситуација во која се наоѓаме денес

  • светска здравствена криза што предизвикува страв од непознато,
  • екстремни мерки  за ограничување на движењето од страна на владата, кон која немаме многу доверба,
  • нови технолигии и начини на комуникација кои секојдневно нѐ преплавуваат со информации,
  • манипулативни популистички спинови на политичари и новинари и
  • дезинформации и невистини од неверодостојни извори вирално споделувани преку социјални медиуми

воопшто не е чудна сѐ поголемата популаризација на теориите на заговор и токму затоа е важно да научиме како да се заштитиме од нив.

Со запознавањето на причините, кои ја зголемуваат можноста за нивно појавување и зголемување на нашата способност за критичко размислување имаме поголеми шанси да ги детектираме и да не паднеме во нивната стапица.

Следно ќе ги разгледаме типичните карактеристики на теориите на заговор и како веднаш да ги препознаеме.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција