Три работи не можат да се скријат: сонцето, месечината и вистината

01222015-Dnevnik-RBG-crop-resize

(Рецензија: „Немаат етика и глумат суд на инквизиција против земјите во развој“)

Во ерата на интернет и комуникациска поврзаност на целиот свет, особено на меѓународните институции, можеме да оцениме дека е крајно непримерно да се пишува текст за една меѓународна новинарска организација како што е „Репортери без граници“ и да се пласира теза дека таа го загубила консултантскиот статус во УНЕСКО, како една од најугледните организации за надглеување на слободата на медиумите во светот, само врз основа на тврдењата на еден, повторувам – само еден, аналитичар (Вилијам Енгдал, Германија)?

За една ваква сериозна теза не е побарано мислење од најзасегнатата страна, односно од  „Репортери без граници“?!?

01222015-Dnevnik-RBGЛинк до оригиналниот напис: Немаат етика и глумат суд на инквизиција против земјите во развој

Датум и време на објавување: 20.01.2015, 12:12

Датум на рецензирање: 22.01.2015

Рецензент: Зоран Бојаровски

Крунскиот доказ дека РБГ го загубиле својот статус на УНЕСКО-консултант за слободата на медиумите, авторката на текстот што го рецензираме го наведува во следниот пасус:

„Организацијата за образование, наука и култура (УНЕСКО) уште во 2008 година го повлекла своето спонзорство на француската група “Репортери без граници“ поради „немање етика“ и тоа токму на денот на слободата на интернет – 12 март.“

За овој и за другите цитати од овој пасус, нема извор. Тоа прави проблем зашто, како што е кажано, „три работи не можат вечно да се кријат: сонцето, месечината и вистината“. Значи, текстот што го рецензираме има проблем со вистината, односно е невистинит.

Доколку авторката на текстот пребарала малку низ интернет и низ архивата на „Репортери без граници“, ќе го пронашла текстот со наслов „Reporters without borders keeps UNESCO consultative status, condemns disinformation“, објавен на 12 март 2012 година. Во него недвосмислено и јасно се опишува генезата на манипулативните информации кои се проширија претходните години за наводно губење на статусот консултант на УНЕСКО на „Репортери без граници“.

Понов текст или информација која може да го порекне ова – не постои.

Според ова, непрофесионалната постапка да не се провери една информација на најсоодветното место, му прави голема штета на медиумот, на авторот, а јавноста ја доведува во заблуда. Тоа не се атрибути на професионално, одговорно и етички исправно новинарство.

Освен тоа, сериозен проследувач на собитијата може да се запраша: има ли поврзаност помеѓу протестот на новинарите и граѓаните за затворската казна на колегата Кежаровски, годишниот извештај на „Репортери без граници“ за 2014 година, во кој Македонија падна за седум места според Индексот на организацијата за слободата на медиумите и се наоѓа на 123. место од вкупно 180 држави рангирани по степенот на слобода на печатот во 2014 година, и текстот на еден од најугледните независни медиуми во Европа „Гардијан“ со кој е осуден судскиот прогон и затворската казна на Кежаровски, со новинарскиот текст што го рецензираме?

Можете сами да заклучите од приложеното. Авторот на оваа рецензија, си дозволува да тврди дека – има поврзаност.

Тоа, оваа медиумска содржина ја прави политички пристрасна.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција