Учениците од ОУ „Живко Брајковски“ добија нова училишна зграда
Проект: Изградба на нова училишна зграда за ОУ „Живко Брајковски”.
Потребата од изградба на ново училиште во општина Бутел произлегува од фактот објектите на постојното училиште во кое во моментот се одржува наставата се дотраени, односно се монтажни бараки од времен карактер изградени по катастрофалниот земјотрес во Скопје и истите се веќе целосно амортизирани. Дополнителен мотив за изградба на ново училиште е и зголемениот број на ученици кои го посетуваат училиштето и потребата од нови инсталации. Локацијата на училиштето се наоѓа во непосредна близина на сегашното училиште. Заради непречено одвивање на наставата постојните објекти ќе бидат задржани. Со проектот се предвидува изградба на објект со површина од 4.000 м² со висина од П+1 спрата или 10,5м. Училиштето предвидено е да опслужува 900 ученици од 1-9 одделение, кои ќе учат во две смени и две училници за 60 ученика како дневен престој. Основни цели на проектот се унапредување на физичката инфраструктура на основното училиште во Општината со што ќе се подобрат условите за спроведување на наставно образовната програма и да се подобри квалитетот на живот на граѓаните во општината. Проектот и проектната документација за новата училишна зграда е завршен. Стартот на неговата изградба ќе се случи во декември, а со тоа и последните училишни, постземјотресни бараки ќе заминат во историјата. Вредност на проектот е 1.100.000 евра. Рок: Декември 2015 година
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Нова училишна зграда за ОУ „Живко Брајковски” во Бутел е изградена летото 2015 година, а официјално отборена за настава на 1 септември 2015 година. Ова е исполнето ветување на градоначалникот Петре Латиновски од ВМРО-ДПМНЕ, дадено во неговата изборна програма (стр.19) за локалните избори 2013 година.
Овој проект започна да се реализира уште во претходниот мандат на градоначалникот Латиновски. Имено, во Отчетот за реализирани активности, објавен во октомври 2012 година на официјалната страница на општина Бутел, е наведено дека почнале подготовките за изградба на новата училишна зграда „Живко Брајковски“.
На територијата на општина Бутел интензивно започнаа подготовките за изградба на новата училишна зграда „Живко Брајковски“. Подготовките се однесуваат на расчистување на теренот со цел да се создадат услови за поставување камен темелник на новото училиште.
На 06.07.2013 година, весникот Нова Македонија, објавува вест дека по 50 години, постземјотресните бараки на училиштето „Живко Брајковски“ во Бутел 1 ќе заминат во историјата.
Во населбата Бутел 1 во тек се градежни активности што значат почеток на изградбата на новата училишна зграда во оваа населба. Новото училиште се гради веднаш до старото, поточно на дел од неговиот голем двор. Новата училишна зграда ќе има приземје и кат, а вкупната корисна површина ќе изнесува 4.000 квадратни метри.
На 26.06.2014 година, Министерството за финансии и општина Бутел, склучиле договор, втората фаза од изградбата на училиштето да се одвива со помош на владини средства.
Основното училиште „Живко Брајковски“ во општина Бутел со средства од Владата обезбедени преку проект од Светска банка ќе добие нов современ лик. Договорот за финансирање на втората фаза во износ од 73 милиони денари го потпишаа денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски.
На 22.07.2015 година, во медиумите е објавена информација дека финишира изградбата на новото училиште.
Градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски денеска ќе го посети новото основно училиште ,,Живко Брајковски,, чија изградба е во завршна фаза.
Истата вест е објавена и на официјалната веб страна на Министерството за образование и наука.
Од 1 септември оваа година, се очекува основното училиште „Живко Брајковски“ во општина Бутел да ги отвори вратите на новата училишна зграда со површина од 5.000 метри квадратни и со капацитет за 900 ученици.
На 01.09.2015 година, е пуштена во употреба новата училишна зграда на ОУ „Живко Брајковски“.
Осумстотини ученици од Основното училиште „Живко Брајковски“ во Општина Бутел од денеска посетуваат настава во нова училишна зграда. Новото училиште има 25 училници, целосно нова опрема, кабинети, канцеларии, трпезарија… Во изминатите 52 години наставата се одвиваше во бараки изградени по земјотресот.
Со оглед на тоа, може да се каже дека ова ветување на градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Бутел“ (стр.19) [Пристапено: 06.06.2016]
- Официјална веб страна на општина Бутел [Пристапено: 06.06.2016]
- Нова Македонија (06.07.2013) – Учениците од Бутел 1 ќе добијат ново училиште [Пристапено: 06.06.2016]
- Порта 3 (26.06.2014) – Училиштето „Живко Брајковски“ ќе добие современ лик [Пристапено: 06.06.2016]
- Лидер (22.07.2015) – Финишира изградбата на ОУ „Живко Брајковски“ [Пристапено: 06.06.2016]
- Официјална веб страна на Министерство за образование и наука (22.07.2015) – Нова училишна зграда за учениците од ОУ „Живко Брајковски“ во Бутел [Пристапено: 06.06.2016]
- Сител (01.09.2015) Пуштена во употреба нова училишна зграда на ОУ „Живко Брајковски“ [Пристапено: 06.06.2016]
Оценето од: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар