Учеството на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, не значи почитување на Договорот од Пржино

Димитар Мирчев: Со поднесувањето на листите, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека го почитува договорот од Пржино. Фото: Скриншот

На 12.06.2016 година, Teлеграф ја пренесува следната изјава на универзитетскиот професор Димитар Мирчев, дадена непосредно по поднесување на кандидатски листи за пратеници до ДИК од страна на ВМРО-ДПМНЕ:

Разговорите за надминување на политичката криза продолжуваат, а со поднесувањето на листите за пратеници ВМРО-ДПМНЕ покажа дека го почитува договорот од Пржино.

[Извор: Teлеграф Датум: 12.06.2016]

Ваквото тврдење на професорот Мирчев дека поднесувањето на листите за пратеници од страна на ВМРО-ДПМНЕ значи почитување на Договорот од Пржино, е прилично дискутабилно во ситуација кога не се исполнети основните услови за одржување на избори опфатени со Договорот: ревизија на Избирачкиот список, реформа на медиумите и департизација на државата. А, без исполнување на овие клучни услови и во ситуација кога само една партија оди на избори,  не може да се говори за „почитување на Договорот“, па гледано во поширок контекст изјавата на професорот Мирчев ја сметаме за невистинита.

ВМРО-ДПМНЕ достави кандидатски листи за пратеници и покрај тоа што три партии потписнички на Договорот од Пржино,  СДСМ, ДУИ и ДПА одлучија да не учествуваат на изборите, а повеќе од дваесет вонпарламентарни партии го најавија истото, со образложение дека не се исполнети условите за одржување на фер избори.

Доколку темелно се разгледа  Договорот од Пржино се утврдува дека една од основните цели е спроведување на слободни и фер избори во согласност со европските стандарди, на кои им претходи „преоден (транзиционен) период”, кој треба да ги втемели клучните услови за одржување на изборите. Еден од тие услови е 1) ревизија на Избирачкиот список и еднакви услови за настап на изборите за сите партии кои треба да ги обезбеди Државната изборна комисија. Понатаму, како услови за одржување на фер и демократски избори, Договорот од Пржино меѓу другото, се осврнува на неопходноста од поголема 2) медиумска слобода и 3) одвојување на партијата од државата.

1) Во однос на ДИК и надлежноста за прочистување на Избирачкиот список, каде од околу 1,8 милиони гласачи, за околу 330.000 беше потребно разјаснување на нивниот статус, остана отворена недовербата базирана на повеќе причини. Имено, само 6 од вкупно 9 членови на ДИК гласаа дека Избирачкиот список е прочистен ( без опозиција и без претседателот на ДИК).  Не беше поддржано барањето на СДСМ за бришење на 40.000 гласачи и за префрлање на 167.000 во посебен список – како дијаспора. Изборниот законик, исто така, е прекршен во оној дел кој се однесува на изборните единици, во шестата изборна единица има повеќе, а во втората и третата помалку гласачи од дозволеното отстапување. Исто така,  неизвесно е дали се легитимни одредени одлуки на ДИК, бидејќи некои информации од МВР беа прифатени само со потпис од дополнителниот заменик- министер, а не и од министерот, со што се изврши повреда на Законот за Влада. Со тоа се доведе во прашање и самиот легитимитет на одлуките на ДИК.

2) Во однос на медиумските слободи, ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права во рамки на последниот Периодичен извештај, го објави следново:

Додека законската рамка овозможува рамноправен третман на политичките партии од страна на медиумите, повеќето соговорници на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР изразија загриженост за влошувањето на слободата на медиумите поради политичкиот притисок и мешањето на сопствениците на медиумите во работата на новинарите. Тие, исто така, ја нагласија потребата од суштински реформи. На 4 април, Собранието ги отфрли предлог- амандманите за законската регулатива за медиуми, предложени од страна на здружените организации на граѓанското општество.

Потврда за незавидната состојба на медиумите во земјата и притисоците врз нив од страна на Владата се и двата извештаи на Репортери без граници и на американскиот Стејт Департмент кои во период помал од еден месец дадоа лоши оценки за состојбата со медиумите во земјата при што како главна причина за ваквата состојба ги наведоа токму притисоците од Владата.

3)Во однос на одвојувањето на партијата од државата, не може да се каже дека се превземени конкретни мерки за спречување на притисоците и злоупотреби на јавните ресурски во партиски цели. Како потврда на ова се поништувањата од Владата на одлуките на министерот за внатрешни работи кој е од редовите на опозициската СДСМ, притисоците врз вработените во јавна администрација за учество на контрапротести, но и самиот факт што досега не се преземени чекори за конкретно истражување на досегашни случаи за злоупотреба на државни ресурси во партиски цели.

Како потврда за издржаноста на сите овие тези е соопштението на Амбасадата на САД од 12.05.2016 каде се вели следново:

Oстанува уште недовршена работа во врска со реформите во медиумите, заплашувањето на гласачите, како и избирачкиот список…Соединетите Американски Држави ги повикуваат партиите повторно да го свикаат Собранието, да ги откажат изборите, да ги поништат помилувањата и повторно да се посветат на спроведување на агресивна реформска агенда вградена во Договорот од Пржино, итните реформски приоритети на ЕУ, извештајот на Прибе и на препораките на ОБСЕ-ОДИХР. (Амбасада на САД: Да се свика Собранието и да се откажат изборите, 12.05.2016)

Поради сите овие аргументи, изјавата на професор Димитар Мирчев се оценува како невистинита. 

 ИЗВОРИ:

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција