Уште на 8 февруари во Скопје е прогласена епидемија на голема кашлица

Скопје Фото: Суад Бајрами, portalb.mk

Објавата што ја рецензираме шири невистини дека официјално не е прогласена  епидемија од голема кашлица. Центарот за јавно здравје Скопје и Министерството за здравство за „Вистиномер“ потврдија дека епидемија на голема кашлица во Скопје официјално е прогласена минатиот четврток – 8 февруари годинава 

Објавата што ја рецензираме шири невистини дека официјално не е прогласена епидемија од голема кашлица. Центарот за јавно здравје Скопје и Министерството за здравство за „Вистиномер“ потврдија дека епидемија на голема кашлица во Скопје официјално е прогласена минатиот четврток – 8 февруари годинава

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Драги родители, Наместо во оваа фаза да барате помош од нас, едноставно за‘ржете им на сите директори-локални шерифи: Епидемија официјално НЕ Е ПРОГЛАСЕНА и мерки официјално НЕ СЕ ДОНЕСЕНИ. Со кое право не ми го примате детето?

Наспроти изнесеното во објавата, епидемија од голема кашлица во Скопје е официјално прогласена. Тоа за „Вистиномер“ го потврди директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Бесим Зекири.

Епидемија од пертусис во Скопје е прогласена официјално и информацијата е испратена до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, до Министерството за здравство и до Институтот за јавно здравје, изјави Зекири.

„Вистиномер“ се обрати до Министерството за здравство со прашање на 13 февруари 2024 година за тоа дали на територијата на Скопје официјално е прогласена епидемија од пертусис.

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија на пертусис во Скопје, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека не е потребно никакво гласање на владина седница, бидејќи се работи за прогласена епидемија само на подрачјето на Скопје, а не на подрачјето на целата држава.

Претходно Комисијата за заразни болести препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките. Градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ДиТеПер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје а кои ги посетуваат градинките. Тоа градинките го прават во согласност со правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија.

Вакциналните пунктови во Скопје за примање на ДиТеПер вакцината функционираат во две смени. 

Според информациите од терен, вакциналниот опфат се зголемува односно сè повеќе родители ги носат децата во вакциналните пунктови да ги примат пропуштените дози.

ДиТеПер вакцината се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина оти епидемија на пертусис во Скопје официјално не била прогласена и не биле донесени мерки. Епидемијата е прогласена официјално од страна на Центарот за јавно здравје на 8 февруари 2024 година.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција