Уште не се гледа крајот на експресниот пат Градско – Прилеп
Изградбата на овој експресен пат долг 33, 5 километри започна пред седум години, во време на мандатот на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувањата на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски експресниот пат Градско – Прилеп да биде изграден најдоцна до средината на 2023 година, не се остварија. Експресниот пат не е завршен, а на овој патен правец сè уште се вози по регионалниот пат. Неодамна, поради обилните врнежи токму тој дел од регионалниот пат Градско – Прилеп беше прекинат за сообраќај седум часа
Изградбата на овој експресен пат долг 33,5 километри започна пред седум години, во време на мандатот на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувањата на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски експресниот пат Градско – Прилеп да биде изграден најдоцна до средината на 2023 година, не се остварија. Експресниот пат не е завршен, а на овој патен правец сè уште се вози по регионалниот пат. Неодамна, поради обилните врнежи токму тој дел од регионалниот пат Градско – Прилеп беше прекинат за сообраќај седум часа
Ветување: Со задоволство денеска би сакал да ја информирам јавноста дека експресниот пат од Градско кон Прилеп се гради. Владата покажа истрајност и решителност да ги изгради и најтешките инфраструктурни проекти во државава. Експресниот пат Градско-Прилеп е приоритет, не само за Владата, тој има преголемо економско значење за сите граѓани од Градско, Росоман, Прилеп и цел Пелагониски регион. Од првата делница Градско–Дреново започнуваат засилените градежни работи за изградба на овој патен правец….
Вредноста на целата инвестиција е 24, 7 милиони евра, а средства се обезбедени од ИПА фондовите. Досега вкупната изградба на патот е 34,4 проценти и новиот изведувач има обврска да ги доизгради останатите 65 проценти. Крајниот рок е јули 2023 година, но, истакна Бочварски, моите очекувања се дека тоа може да се случи и порано пред рокот.
[Извор: Скопје инфо – изјава на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ; Датум – 22.07.2021]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во јули 2021 година при увид на изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, изјави дека „крајниот рок за завршување е јули 2023 година, но неговите очекувања се дека патот ќе биде готов пред рокот“. Ова ветување на Бочварски е неисполнето.
Експресниот пат Градско – Прилеп не е завршен, на овој патен правец сè уште се вози по регионалниот пат. Неодамна (17.06.2023) поради обилните врнежи токму тој дел од регионалниот пат беше прекинат за сообраќај седум часа. Дождот предизвика излевање на Раечка река на местото каде што се градат двата тунела. Како што информираа од АМСМ, на клучката кај местото викано „Мотел Дреново“, на коловозот имало големо количество вода, а кај „Плетвар“ пред тунелите имало свлечиште и одрон на карпи.
Инаку, ветувањето дека експресниот пат Градско – Прилеп ќе биде завршен до јули 2023 година министерот за транспорт и врски го повтори и во септември 2021 година. Бочварски, кој со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми изврши увид на работите на делницата Дреново – Фариш, тогаш изјави дека „експресниот пат Градско-Прилеп се гради интензивно и дека се надминати сите проблеми во изградбата“.
На втората делница од Дреново до Фаришката клисура бележиме засилени градежни работи за доизградба на овој патен правец. Во соработка со ЈП за државни патишта успеавме да ги надминеме сите проблеми и сега имаме чиста траса на која во наредниот период очекуваме да има силна градежна активност. Вредноста за изградба на оваа делница е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти а сега новиот изведувач компанијата „Синохидро“ има обврска да го доизгради преостанатиот дел. Крајниот рок е месец јули 2023 година, но моите очекувања се дека тоа може да се случи и порано, пред рокот. Ме охрабрува фактот што и првата делница од Градско до Дреново, изведувачот работи со макисмално темпо, така што очекувам овој експресен пат да биде финиширан средината на 2023 година, изјави Бочварски на 2 септември 2021 година.
Сепак, тоа не се случи, очекувањата на Бочварски дека експресниот пат ќе биде завршен не се остварија.
Вистиномер побара информација од Министерството за транспорт и врски и од Јавното претпријатие за државни патишта, за тоа: до каде е изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, што е изградено досега и кога се очекува да биде готов и пуштен во употреба, но до објавувањето на овој текст од двете институции не добивме никаков одговор.
Во неодамнешните настапи и интервјуа, пак, Бочварски спомена нов рок и кажа дека овој експресен пат ќе биде готов во 2024 година. Минатиот месец на официјалниот почеток на работите за изградба на автопатот Прилеп – Битола (12.05.2023), министерот, меѓу другото, рече дека државата инвестира во инфраструктурни проекти, при што ја спомна и изградбата на новиот експресен пат од Градско до Прилеп, напоменувајќи дека:
Следната година (2024 н.з.) ќе возиме по нов експресен пат.
Неколку дена подоцна ( 17.05.2023) Бочварски и во интервју за порталот Бриф, исти така, кажа дека:
За овој мандат како министер до 2024 година очекува да возиме по автопатот Кичево – Охрид и по експресните патишта од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка.
„Тргни – застани“, експресниот пат Градско – Прилеп се завлечка седум години
Овој експресен пат долг 33,5 километри започна да се гради уште пред 7 години (на почетокот на летото 2016 година), во време на мандатот на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За реализација на градежните активности на првиот дел од трасата во должина од 10 километри, од Фаришката до Дреновската клисура, беше ангажирана шпанската компанија „Рубау“. Според најавите на тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, што се одвива во три фази, требаше целосно да заврши „за три до четири години“, односно во периодот 2019 – 2020 година.
Но, работите на првата делница на овој експресен пат, што се гради со средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), се развлекоа неколку години.
Во септември 2019 година Јавното претпријатие за државни патишта го раскина договорот за изведба на првата фаза со шпанскиот изведувач „Конструксионес Рубау С.А.“, откако изведувачот неколкупати бил опоменат за исклучително ниската ефикасност. Како што беше соопштено, шпанската фирма успеала заврши само 35 отсто од работите на патната делница меѓу Дреновската и Фаришката клисура.
Потоа следеше постапка за распишување на нов тендер (септември 2020) за довршување на изградбата на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп. Ама процедурата се одолговлечи, па градежните активности на експресниот пат продолжија дури летото 2021 година.
На делницата од Дреново до Фаришка клисура, градежните работи ги презема кинеската компанија „Синохидро“, а за потегот од Градско до Дреново во должина од 15,5 километри на меѓународниот тендер е избрана австриската компанија „Штрабаг“. Министерот Бочварски тогаш (22.07.2021) кажа дека „крајниот рок за изградба на експресниот пат е јули 2023, но очекувањата се дека ќе биде готов пред рокот“. Меѓутоа, предвидувањата на министерот дека граѓаните „за две години ќе возат по модерен и безбеден експресен пат“, не се остварија. Експресниот пат сè уште се гради, на терен се работеше и во текот на денешниот ден (29.06.2023), а сообраќајот од Градско до Прилеп и натаму се одвива по регионалниот пат.
ИЗВОРИ:
- Скопје инфо (22.07.2021): Бочварски: Експресниот пат Градско-Прилеп забрзано се гради [Проверено: 29.06.2023]
- Тајм.мк (22.07.2021): Бочварски: Експресниот пат Градско-Прилеп забрзано се гради [Проверено: 29.06.2023]
- Лидер (02.09.2021): Бочварски: Интензивно се гради експресниот пат Градско-Прилеп [Проверено: 29.06.2023]
- Тајм.мк (17.06.2023): Прекинат сообраќајот на патот Градско-Прилеп поради поплава [Проверено: 29.06.2023]
- Сакам да кажам (06.06.2021): По две години застој продолжува изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, најави министерот Бочварски [Проверено: 29.06.2023]
- Објава на Фејсбук СДСМ Кавадарци (06.06.2021) : Ќе се продолжи со изградба на експресен пат Градско – Дреново Дреново – Фариш [Проверено: 29.06.2023]
- Мета.мк – Експресен пат Градско -Прилеп [Проверено: 29.06.2023]
- Веб-страница на Министерство за транспорт и врски (17.06.2022): Бочварски: пробиена левата тунелска цевка на тунелот Фариш, експресниот пат градско – прилеп се гради со силно темпо[Проверено: 29.06.2023]
- Веб-страница на Министерство за транспорт и врски (29.11.2022) Министерот Бочварски изврши увид во пробивање на левата тунелска цевка на експресниот пат Дреново Фариш [Проверено: 29.06.2023]
- Веб-страница на Министерство за транспорт и врски (17.05.2023): Бочварски: започнуваме со изградба со најкрупниот проект во Пелагонија, автопатот прилеп-битола е можност за силен економски развој на регионот [Проверено: 29.06.2023]
- Бриф (17.05.2023): (ИНТЕРВЈУ) Бочварски: Северна Македонија има само еден пат, тоа е европскиот, затоа мора европски да се однесуваме и да градиме модерна и просперитетна држава [Проверено: 29.06.2023]
- Веб-страница на Министерство за транспорт и врски (17.05.2023): Интервју на министерот Бочварски за порталот Бриф.мк: Северна Македонија има само еден пат, тоа е европскиот, затоа мора европски да се однесуваме и да градиме модерна и просперитетна држава [Проверено: 29.06.2023]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар