Вакцинираните жени не раѓаат деца со црни очи

Корисникот на Фејсбук, Максим Абази шири дезинформација дека вакцинираните жени со една од вакцините против Ковид-19 раѓаат деца со целосно црни очи поради промените во нивната РНК. Ова се докажа како невистина, од страна на мајката на детето кое се гледа во објавеното видео, како и од докторката Симона Сапунџија која на сите бремени жени им препорачува да се вакцинираат за да се одбранат од можни компликации, пишува Порталб.мк.

 

Максим Абази во неговиот пост тврди дека вакцините ја менуваат РНК на вакцинираните жени кои потоа раѓаат дека деца со црни очи и како доказ тврди дека постои едно видео кое исто така го објавил.

 

Некои жени вакцинирани со дупла доза раѓаат деца со целосно црни очи. Изменета е нивната РНК. Или видеата не се реални, напишал Maксим Абази на Фејсбук.

 

Како прво, видеото објавено од гореспоменатото лице е извадено од контекст. Поради ова, тимот на „Д трут ор фејк” ја контактирал мајката на детето прикажано на видеото за да се распраша за тврдењата кои кружат на интернет според кои детето има црни очи поради вакцината против Ковид-19.

 

Таа изјавила дека детето нема никакви последици и никаков проблем со очите, рекла дека било роден пред време, што го објаснува неговиот доцен развој. Таа исто така кажала дека ниту пред, и ниту за време на бременоста не примила ниедна доза од вакцината против Ковид-19, туку неколку месеци по породувањето.

 

Дали треба да се вакцинираат бремените жени?

 

Доктор Симона Сапунџија за Порталб.мк истакна дека постојано се прават истражувања за сигурноста и ефикасноста на вакцините против корона вирусот кај бремените жени, но додаде дека едно е докажано, а тоа е дека вакцините се сигурни и на бремените жени им се препорачува да се вакцинираат.

 

Научните истражувања за безбедноста и ефикасноста на вакцините против Ковид-19 за време на бременоста сè уште се лимитирани, но нивниот број секој ден е се поголем. Она што досега е докажано е дека придобивките од вакцините ги надминуваат потенцијалните ризици од нив. До сега е докажано дека вакцината против Ковид-19 не предизвикува инфекција ниту кај мајката ниту кај бебето. Ниту една од вакцините не содржи вирус и не предизвикува Ковид-19. Првичните истражувања за безбедноста на mRNA вакцините (Модерна или Фајзер-Бионтек) покажуваат дека не треба да бидеме загрижени ако се вакцинираме за време на бременоста. Нема зголемување на бројот на спонтани абортуси кај жени кои примиле mRNA вакцини. Вакцинацијата за време на бременоста може да го заштити и бебето.

 

Секој ден се работи на клинички студии со кои ќе се потврди сигурноста на вакцините против Ковид-19 кај бремените жени, рече доктор Симона Сапунџија.

 

Таа додаде дека ризикот кај бремените жени од сериозна болест како последица од корона вирусот е поголем во споредба со жените кои не се бремени, Сапунџија рече дека кај бремените жени заразени со корона вирусот веројатноста од предвремено породување и други компликации е поголема.

 

Иако ризикот од тешка клиничка слика од Ковид-19 кај жените кои се бремени е мал, сепак постои поголем ризик во споредба со жените кои не се бремени. Тешка клиничка слика значи потреба од хоспитализација, интензивно лекување, потреба од кислородна поддршка како и влошување на состојбата што може да резултира со смрт. Трудниците кои се заразени со Ковид-19 имаат поголема веројатност да се породат предвреме и имаат висок ризик од компликации за време на бременоста, вели доктор Симона Сапунџија за Порталб.мк.

 

Инаку, докторката Симона Сапунџија им препорача на сите трудници да се вакцинираат, без разлика дали дојат или не, дали се обидуваат да забременат или планираат да имаат деца во иднина. Според неа, вакцинацијата штити од тешка клиничка слика и познато е дека здравата мајка е многу важна за здраво бебе.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција