Вакцините против ковид не се експериментални, а децата може да се заразат со делта варијантата

Во вирално видео на Фејсбук во непознато лице шири неточни информации. Иако ова лице тврди дека вакцините се експериментални, според истражувањето на Порталб, ова не е вистина.
Лицето додава дека младите не треба да се вакцинираат против Ковид-19 бидејќи тие не се загрозени, што истотака е дезинформација. Досега, во земјава се вакцинирани 6029 деца.
Видеото го објавува Аднан Смаили, а во него непознато лице сугерира да не се продолжи со вакцинација, зашто вакцината е експериментална.
„Зошто продолжувате со оваа експериментална инекција, кога има толку докази во целиот свет“ вели ова лице.
Ова не е вистина, вакцините против Ковид-19 не се експериментални и нивното производство поминало низ неколку строги тестови за безбедност и ефикасност со што се докажа дека тие се ефикасни против коронавирусот.
По одобрување од страна на Светската Здравствена Организација (СЗО) како и националните регулатори, сите вакцини мора да поминат три клинички фази на тестирање. Клиничките тестирања даваат сигурност дека вакцините се сигурни и за лицата со разни болести, но и за ефикасност против вирусот. Резултатите од клиничките фази потоа се ревидираат од страна на независни научници за да се осигура дека податоците се во ред.
Тестирањата во третата фаза и нивната примена во светот потврдија дека вакцините се многу ефикасни во превенција на тешките симптоми. Подолу можете да ја видите ефикасноста на сите вакцини што се аплицираат во РСМ, кон симптоматското заболување со Ковид-19:
Фајзер – Бионтек – 95 проценти
Оксфорд – Астразенека – 63 проценти
Синовак – 51 процент
Спутник в – 92 проценти
Коваксин – 78 проценти
Џонсон и Џонсон – 66 проценти
Модерна – 94 проценти
Синофарм – 79 проценти
Експертите велат дека една вакцина со 50 проценти ефикасност е доволна за да се стави пандемијата под контрола. Исто така, до 30 јуни, околу 99 проценти од луѓето што го изгубиле животот во Соединетите Американски Држави како последица на заболување со Ковид-19, биле невакцинирани лица.
Светската Здравствена Организација (СЗО) продолжува да ја мониторира примената на вакцините против Ковид – 19 како и да одговара на секое прашање што се однесува на вакцините. Ова ни дава сигурност дека вакцините се безбедни за користење.
СЗО истакна дека придобивките од вакцината се над секој можен ризик.
Здравствените експерти во целиот свет се согласни дека, и покрај можните ризици од некоја вакцина против Ковид-19, придобивките од нив го надминуваат секој ризик.
Второ, ова лице во видеото апелира до родителите да не ги вакцинираат нивните деца, меѓутоа, здравствените експерти во целиот свет го охрабруваат вакцинирањето на децата над 12 годишна возраст.
„Зошто продолжувате со оваа експериментална вакцина, кога има толку докази во целиот свет. И, ве молам многу, не дозволувајте вакцини кај децата, албански родители, баби и дедовци, ве повикувам како нација, јас ве сакам многу вие сте многу внимателни и се грижите за здравјето на децата. Во овој случај со овие информации што ги имаме, јас не би го советувал ова“, кажува ова лице во видео снимката што ја рецензираме.
Иако бројот на хоспитализирани од Ковид -19 е повисок кај повозрасните, според едно истражување од Центарот за Контрола и Превенција на Болести, коронавирусот е опасен и за децата.
Околу една третина од адолесцентите на возраст од 12-17 години кои биле хоспитализирани од Ковид-19 завршиле на интензивна нега, додека 5 проценти се ставени на кислородна поддршка.
Повеќето од хоспитализираните адолесценти од Ковид -19, или околу 70 проценти имале најмалку уште една придружна болест, додека 30 проценти хоспитализирани се без ниедна друга болест. Според ова истражување, ниедно од заболените деца не умрело од Ковид-19.
Центарот за Контрола и Превенција на Болестите во САД ги охрабрува младите на возраст од 12-17 години да се вакцинираат, а ова го основа на нивното последно истражување, кое јасно покажува дека и младите адолесценти се загрозени.
„Многу сум загрижен за бројот на хоспитализирани адолесценти и ме растажува нивниот број на интензивна нега“, рече директорот на ЦКПБ, Рошел Валенски.
Последно, ова лице тврди дека нема ризик децата и младите да се животно загрозени поради заболување со Ковид-19. Статистиките на хоспитализирани деца во Соединетите Американски Држави го демантираат ова.
„Јас не велам возрасните да не ја земаат вакцината, бидејќи јас мислам дека секој возрасен има право сам да одлучи во врска со неговото тело, но јас како родител, и вие како родители, имаме одговорност за младата генерација и мојот повик е да не дозволиме децата и младите да се вакцинираат, тие немаат никаква, нула шанса да умрат од ковид, не се опасност за другите, зошто ние го правиме ова? Затоа, не го правете ова,“ вели лицето во видео снимката што ја рецензираме.
Бројот на хоспитализирани деца од Ковид-19 во Соединетите Американски Држави достигнал рекорд, и тоа стигнал до 1,900, и ова доаѓа како последица на новите случаи со сојот „Делта“, кој се докажал како најзаразен досега.
Сојот Делта, кој се шири на рапиден начин, особено меѓу невакцинираните во Соединетите Американски Држави, предизвикал голем број на хоспитализации во последните недели. Бројката на хоспитализирани на педијатриските одделенија е 1.900, според податоците на Американскиот оддел за здравство.
Во моментов децата опфаќаат околу 2.4 проценти од хоспитализираните во САД.
Децата под 12 годишна возраст немаат право да ја примат вакцината, и со тоа стануваат и најзагрозени од сојот „Делта“.
„Ова не е вирусот од минатата година. Овој е полош и децата се тие што ќе бидат најдопрени.“, изјавил за СиЕнЕн Сели Гоза, поранешен претседател на Академијата за Педијатрија на САД.
Бројот на млади хоспитализирани, на возраст од 18-29, 30-39 и 40-49 е исто така рекорден оваа недела, според податоците од Центарот за Контрола и Превенција на Болести.
Ќерката на Ејнџел Бејкер која има само 14 години, Мариона, е на кислородна поддршка веќе пет дена, како последица на заболување со Ковид-19.
Родителот Бејкер за СиЕнЕн изјави дека симптомите на Мариона почнале на 26 Јули и на почеток имала само главоболка и измореност.
Состојбата и се влошила на 2 август кога нејзината ќерка рекла дека не може да дише. По преглед во брзата помош и по примање на лекови, ќерката на Бејкер утредента пак се пожалила дека не може да дише.
Сега Мариона закрепнува и е подобра. Бејкер вели дека се кае што не ја вакцинирала нејзината ќерка, и апелира до сите родители да ги вакцинираат своите деца.
„Вакцинирајте се за да не завршите во болница не можејќи да дишете“ рече Мариона за СиЕнЕн.
Порталб подготви графикон кој го прикажува бројот на вакцинирани деца во Северна Македонија, највисок број на вакцинирани во категоријата на деца е 18 годишна возраст, и тоа вкупно 2898.
12 годишни – 92 вакцинирани деца
13 годишни – 196 вакцинирани деца
14 годишни – 260 вакцинирани деца
15 годишни – 497 вакцинирани деца
16 годишни – 757 вакцинирани деца
17 годишни – 1329 вакцинирани деца
18 годишни – 2898 вакцинирани деца

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција