Верскиот собир во Струга прекрши низа уредби со законска сила, каде е одговорноста?

Фото: Принтскрин (видео)

Традиционалната црковна литија што се одржа во Струга предизвика лавина на реакции од институциите и во јавноста, бидејќи стотина граѓани се собраа на струшките улици грубо прекршувајќи ги владините мерки против ширењето на вирусот Ковид-19. Во ваква ситуација, се поставуваат прашањата кои точно правни норми се прекршени и кој треба да сноси одговорност?

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Организаторот на настанот – храмот „Св. Георгиј“, тврдеше дека црквата неколку дена претходно ги подготвувала верници на поинакво одбележување на настанот и притоа ги повикала присутните да се придржуваат кон мерките од државните власти. Сепак, објавените слики и снимки покажаа дека присутните не држеа дистанца додека свештените лица низ градот ги носеа светите икони. Исто така, најголем број од нив не ја носеа ниту потребната заштитна опрема.

Владата како колективно тело оцени дека случајот претставува сериозно непочитување и прекршување на воведените забрани и патем му наложи на Министерството за внатрешни работи да утврди одговорност и да изрече санкции. Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев призна дека настанот не бил добро организиран, притоа појаснувајќи дека полициските припадници најпрво делувале превентивно со цел спречување на групирање на граѓаните, додека за време на настанот не можеле да интервенираат бидејќи ризикувале жестока реакција од вернииците и ескалација на ситуацијата.

 

УСТАВОТ ГО ОГРАНИЧУВА ЈАВНИОТ СОБИР ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Уште кога беше актуелна мерката за воведување на целосен полициски час за Велигденските празници, во јавноста се отвори дебата дали државата може да го ограничи слободното практикување на верата? Во тој контекст, Членот 19 од Уставот ја гарантира „слободата на вероисповеста“ и „слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата“. Меѓутоа, Ченот 54 предвидува дека „слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба…“, а Членот 21 експлицитно определува дека  „правото на мирен собир и јавен протест може да биде ограничено во услови на воедна и вонредна состојба“.

Во тој поглед, Владата има целосно уставно право да забрани јавни собири, дури и доколку тие имаат верски карактер. Во таа насока, Владата на 20 март годинава донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за јавни собири во периодот додека трае вонредна состојба, која јасно и недвосмислено пропишува дека:

се забранува одржување на јавни собири на територијата на Република Северна Македонија, за време на траење на вонредната состојба.

Притоа, овој закон предвидува дека под јавни собири на повеќе од 20 граѓани се смета собирање на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, политички, спортски, но и верски интереси на граѓаните.

 

 

КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИ

Понатаму, со настанот се прекршени и други владини мерки, преточени во уредби со законска сила, меѓу кои е забраната за собирање на населението во групи. Поточно, Владата донесе уредба со која предвидуваат прекршочни казни за граѓаните кои ќе се соберат во група поголема од 2 лица, како и кривична одговорност за оние што ќе се соберат во група поголема од 5 лица. Воедно, кривична одговорност се пропиша и за неодржување на дистанца од 2 метри, како и за неносење на заштитна опрема во затворен простор, но и во отворен простор каде не може да се обезбеди потребното растојание.

Од таа гледна точка, литијата во Струга не смеела да се случи од причина што претставува јавен собир, кој со владина уредба, врз основа на Уставот, е забранет додека трае вонредната состојба. Оттука, полицијата која е задолжена за спроведување на законите (во вонредна состојба владините уредби имаат законска сила), не смеело да дозволи да се одржи јавниот собир и требало да преземе мерки против организаторите, но и против учесниците поради собирање во групи поголеми од дозволените, неодржување на минимална дистанца, неносење на опрема итн. Така што, во ситуација кога веќе се дозволи собирот да се одржи, сега и полицијата носи одговорност.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција