Веста за таблата на МВР во Шуто Оризари е лажна

Линк до оригиналниот напис: На официјалната табла на МВР во Шуто Оризари таблата е на три јазици, но натпис на македонски НЕМА (ФОТО) – Напомена: текстот е отстранет од сајтот
Датум и време на објавување: 20 февруари 2020, 12:03
Датум на рецензирање: 22 февруари 2020
Рецензент: Мирослава Бурнс

 

 

Насловот на текстот објавен на порталот „Сигнал.мк“ известува за наводна злоупотреба на Законот за употребата на јазиците, односно информира дека државна институција, Министерството за внатрешни работи, не го почитува. Во Законот за употребата на јазиците е пропишано дека на целата територија на Република Северна Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Но, од насловот на текстот, придружен со фотографија на која навистина се гледа напис на ромски, албански и на англиски јазик, се добива впечаток дека македонскиот јазик воопшто не е употребен на таблата. Тоа децидно го наведува и насловот.
Станува збор за лажна вест и во неа е искористена манипулативна техника со фотографијата од таблата, која е прикажана само до половина, а делот од неа каде што генералиите од Министерството за внатрешни работи се испишани на македонски јазик не се гледа.
На целосната фотографија ,пак, каде што се гледа целата табла, се забележува дека таа е испишана на четири јазици, македонски, ромски, албански и англиски.
Веста е набрзо отстранета од порталот „Сигнал.мк“, но нејзиниот наслов сè уште може да се пронајде во пребарувачот „Гугл“, односно постои трага за нејзиното постоење.
Лесно е проверливо како изгледа таблата на МВР во Шуто Оризари и тоа е основна новинарска должност – непотпирање врз фотографии испратени до или добиени од страна на медиумот, туку кога е можно, проверка на терен во вистинитоста на информацијата. Тоа не е направено и јавноста е дезинформирана.
Особено кога станува збор за сензитивни теми, кои можат да разгорат меѓуетнички тензии, потребно е внимателно и прецизно информирање, контактирање повеќе инволвирани страни, на пример во случајов, земање изјави од Секторот за односи со јавноста и медиуми при МВР. Доколку новинарот го направел тоа, веднаш би добил информација дека таблата е легитимно и законски изработена. На ваков начин му се нанесува штета на јавниот интерес и се загрозува правото на граѓаните точно да бидат информирани. За ова алармираа и граѓански здруженија.

 

 

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција