Виралното видео прикажува руски војник кој се збогува со ќеркичката, а не украински

Фото: Принтскрин видео

На емотивната снимка од војник кој се збогува од ќеркичката, што се прошири на социјалните мрежи, а потоа ја презедоа и голем број медиуми, нема украински, туку руски војник, а видеото е направено пред нападот на Русија врз Украина

На емотивната снимка од војник кој се збогува од ќеркичката, што се прошири на социјалните мрежи, а потоа ја презедоа и голем број медиуми, нема украински, туку руски војник, а видеото е направено пред нападот на Русија врз Украина

 

Во моменти кога домашните и светските медиуми се преплавени со вести од нападот на Русија врз Украина кој започна на 24 февруари, на социјалните мрежи има наплив на емотивни видеа и на фотографии кои не секогаш кореспондираат со реалноста. Едно такво видео се прошири низ социјалните мрежи и на поголем број веб портали медиумите за многу кратко време.

Станува збор за снимка од војник кој се поздравува со својата ќеркичка. Според видеото кое се прошири и кое беше пренесено во македонските медиуми, на снимката е украински војник кој се збогува со ќерката пред да оди да ја брани земјата од руската инвазија. Сепак, нашата проверка покажа дека не станува збор за украински, туку за руски војник и дека видеото е направено пред нападот на Русија врз Украина.

Емотивното видео од војникот кој во солзи се разделува од ќеркичката, може да се види тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука.

На социјалните мрежи е објавено трогателно видео од моментот кога еден татко морал да се раздели со ќерката и сопругата, кои се упатиле во безбедна зона, а тој останал да ѝ служи на својата земја. Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин рано утринава ја нападна Украина. На видеото се гледа како овој маж од Украина тагува додека ја прегрнува својата ќерка и и става капа на главата. Ќерката и мајката потоа во солзи се качуваат во автобусот, кој оди во безбедна зона додека таткото продолжува да плаче, објави Локално.

На Твитер од попладнево се шири шокантна снимка на која Украинец се збогува со ќеркичката и сопругата како заминуваат со автобус на безбедно. Неименуваниот Украинец плаче додека ја гушка ќерка си и и ја мести капата, а плаче и девојчето кое се разделува од својот татко, пренесе Канал 5 повикувајќи се на Индепендент.

Но, како што објави српскиот сервис за проверка на фактите Истиномер.рс, на снимката не е прикажан украински војник, туку станува збор за руски резервист кој го испраќа своето семејство непосредно пред евакуацијата од Горловка во Русија, на 21 февруари годинава.

Видеото првично го објавил градоначалникот на Горловка, Иван Прихотко, на социјалната мрежа Телеграм, три дена пред руската инвазија на Украина. Прихотко во својата објава наведува дека на 21 февруари бил сведок на трогателно збогување на „главата на семејството“ со сопругата и ќерката.

Човек кој остана во градот со оружје во рацете, со солзи во очите, да ја брани Републиката од вооружените сили, го испрати своето семејство во Русија со надеж дека наскоро ќе се сретнат, пишува Прихотко во објавата.

Дека станува збор за руско семејство, може да се заклучи и од зборовите на таткото на видеото, како и од написот „бесплатно“ на прозорецот на автобусот.

Автобусот припаѓа на руската компанија за транспорт на камиони Gorsvet (ООО Горсвет), што појасно може да се види на видео објавено на Јутјуб.

Таканаречениот „државен знак за квалитет на СССР“ под логото на камионската компанија е уште еден показател дека на видеото го нема украинското семејство, но и дека двете страни имаат цивили кои ги сносат последиците од војната, пишува Истиномер.рс.

 




Qries


 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција