Високите температури ниту се, ниту може да бидат дело на ХААРП

Фпто:Gerd AltmannPixabay

ХААРП многупати досега беше обвинуван дека предизвикал разни бури, земјотреси, поплави, а сега се обвинува и за високите температури и топлотниот бран кој деновиве ја зафати Македонија. Но, вистината е дека високите температури и зачестените топлотни бранови се резултат на климатските промени кои пак се предизвикани од човековата активност, главно согорувањето на фосилните горива (јаглен, нафта и гас), со што се ослободуваат стакленички гасови (како јаглерод диоксид, метан и други гасови) во атмосферата

ХААРП многупати досега беше обвинуван дека предизвикал разни бури, земјотреси, поплави, а сега се обвинува и за високите температури и топлотниот бран кој деновиве ја зафати Македонија. Но, вистината е дека високите температури и зачестените топлотни бранови се резултат на климатските промени кои пак се предизвикани од човековата активност, главно согорувањето на фосилните горива (јаглен, нафта и гас), со што се ослободуваат стакленички гасови (како јаглерод диоксид, метан и други гасови) во атмосферата

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека високите температури во последните неколку дена и топлотниот бран што ја зафати земјата се резултат на ХААРП. Ова не е вистина. Инструментот ХААРП не може да влијае на времето, климата или здравјето на луѓето.

HAARP пуштен на најако
Не знам зошто и како лажат, ама лажат за сите пари…
Денес во Скопје (центар) во 4 беше 44°С.
Ама под сенка од високо дрво.
Во 5 почна да паѓа, но тука некаде се држи…
#WeAreNATO
#СтратешкоПартнерство
#ЗаедноМожемеПовеќеПосилноПодобро, пишува во објавата.

Иако научниците се согласуваат дека емисиите на јаглерод се виновни за глобалното затоплување, сепак објави на социјалните мрежи континуирано тврдат дека луѓето може да создадат топлотни бранови и силни бури. Таква е и објавата што е предмет на оваа рецензија која тврди дека ХААРП, американска истражувачка програма, е наводно способна да го контролира времето. Ова лажно тврдење кружи на интернет со години и ХААРП беше обвинуван дека предизвикал разни бури, земјотреси, поплави, а сега се обвинува и за високите температури и топлотниот бран кој деновиве ја зафати Македонија.

Но, експертите се категорични дека постоечката технологија за модификација на времето не може да се користи за намерно манипулирање со климата ниту пак дека ХААРП може да направи такво нешто.
Високите температури и зачестените топлотни бранови се резултат на климатските промени кои пак се предизвикани од човековата активност, главно согорувањето на фосилните горива (јаглен, нафта и гас), со што се ослободуваат стакленички гасови (како јаглерод диоксид, метан и други гасови) во атмосферата. Кога овие гасови се акумулираат премногу, како што се случува сега, тие ја задржуваат топлината на Сонцето. Како резултат на тоа, климата на Земјата се загрева со забрзана стапка. Ова е научен факт, докажан со мноштво научни податоци.

Глобалното затоплување предизвикува зголемување на просечната температура на површината на Земјата. Ова не само што ги зголемува веројатните топлотни бранови и суши, туку, исто така, предизвикува промени во нашите природни климатски системи. Овие промени ги прават екстремните временски настани поверојатни и посериозни. На пример, ураганите и бурите стануваат поинтензивни, се движат побавно и им треба подолго време за да стивнат.

ХААРП, кој во објавата која што ја рецензираме се обвинува дека ги предзвикува топлотните бранови, користи низа предаватели со висока фреквенција за да спроведе различни експерименти во јоносферата. Овој горен слој на атмосферата на Земјата е направен од наелектризирани честички и рефлектира радио бранови. Предавателите на програмата користат радио бранови за „привремено да стимулираат ограничена област на јоносферата“, дозволувајќи им на научниците да проучуваат феномени кои вообичаено тешко се набљудуваат во природата, се вели на веб-страницата на програмата

Поради бројните дезинформации и теории на заговор, чија целна мета е програмата, на веб-страната објавени се одговори на често поставувани прашања меѓу кои и тоа дали ХААРП може да го манипулира времето. Одговорот е негативен.

Не. Радиобрановите во фреквенцискиот опсег во кој трансмитира ХААРП, не се апсорбирани ниту во тропосферата ниту во стратосферата кои се двете нивоа на атмосферата кои ги произведуваат временските прилики. Бидејќи нема интеракција, нема шанса ниту да се контролира времето со ХААРП. Тоа е голем радиотрансмитер. Радиобрановите имаат интеракција со електрични полнења и струи и немаат значителна интеракција со тропосферата. Исто така, ни јоносферските бури кои се предизвикани од сонцето не влијаат на временските услови на Земјата. Па така, не влијае ни ХААРП, пишува на сајтот.

Џесика Метјус, програмскиот менаџер на ХААРП на Универзитетот во Алјаска, во изјава за УСА Тудеј вели дека предавателите и експериментите на програмата не можат да манипулираат со времето.

Радиобрановите во опсегот на фреквенции што ги пренесува HAARP не се апсорбираат ниту во тропосферата ниту во стратосферата – двете нивоа на атмосферата што го создаваат времето на Земјата. Бидејќи нема интеракција, нема начин да се контролира времето, вели таа.

Ова го потврдува и Кит Гроувс, вонреден директор на Институтот за научни истражувања на Бостонскиот колеџ.

Не постои веродостоен механизам со кој ХААРП може да го измени времето или неутралната атмосфера на кој било забележлив начин. Тврдењата од овој тип се целосно неосновани. Тие се сензационални, но ниту сериозни ниту научни, смета Гроувс.

Вистиномер веќе пишуваше за тоа дека климата навистина е променета и јаглерод диоксидот има удел во тоа, а не ХААРП.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција