Владата сè уште не презела мерки за бесплатно болничко лекување на граѓаните

Беше ветено веднаш, но осум месеци по формирањето на новата Влада, во Собранието не е поднесен предлог за укинување на болничката партиципација Фото: Принтскрин

Владата веднаш ќе ги започне подготовките за воведување на бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници.

[Извор: Програма за работа на Владата (2017 -2020) ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на Владата, дека „веднаш ќе ги започне подготовките за воведување на бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници“ е дел од нејзината Програма за работа, во делот посветен на „Квалитетно здравство“ (стр.31), и досега (23.01.2018) не е исполнето.

Ова ветување, СДСМ го даваше и во периодот кога водеше преговори за состав на новата Влада која се формираше на 01.06.2017 година. Имено, на 20.05.2017 година, членот на Комисијата за здравство на СДСМ, д-р Злате Мехмедовиќ, изјави дека веќе e подготвен предлог закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, со што ќе се обезбеди бесплатно болничко лекување за сите осигуреници.

Овој предлог закон е еден од првите што ќе ги поднесеме во Собранието, затоа што наша цел е сите граѓани да имаат достапни болнички услуги. Со измените, целосно ја укинуваме болничката партиципација за сите осигуреници. На овој начин никој нема да остане без болничка услуга само заради тоа што нема пари да плати, пренесе „Кајгана“.

Но, досега (23,01,2018), таков предлог закон не е доставен во Собранието на РМ, а тоа може да се види на официјалната веб страна на Собранието во делот на примените материјали и материјалите кои се во фаза на прво и второ читање во период од 01.06.2017 (кога е формирана новата влада) до 23.01.2018 година.

На 24.11.2017 година, како што пренесе порталот „Локално“, премиерот Зоран Заев најави дека ќе се обидат од идната година (2018 н.з.) да го понудат бесплатното болничко лекување барем на најранливите категории на граѓани, за да може до крајот на втората половина или почеток на 2019 година да важи за сите граѓани.

Со слична изјава излезе и министерот за здравство, Венко Филипче, на 28.12.2017 година, на својата прва прес-конференција откако беше имeнуван за министер на 25 декември, кога најави дека „интензивно ќе работат за да гарантираат бесплатно болничко лекување на ранливите категории граѓани односно Роми корисници на социјална помош“.

Владата на својата 50. седницата закажана за 23.01.2018 година, најави дека ќе биде разгледана Предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери во Република Македонија како и други предлог-програми од Министерството за здравство кои се во насока на подобро организирање и подобрување на здравствените услуги на граѓаните на Република Македонија.

Од Министерството за здравство, во изјава за „Вистиномер“, објаснија дека оваа Предлог-програма е стар проект на Министерството за здравство кој продолжува да се реализира во континуитет и дека нема никаква врска со најавениот проект на Владата за обезбедување на бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници.

Она што како проект го најави Владата, ќе се реализира најпрво за социјалните ранливи категории, како што најави и премиерот Заев, а потоа и за сите здравствени осигуреници – изјавија од Министерството за здравство.

Значи, Владата во својата Програма за работа вети дека веднаш ќе ги започне подготовките за воведување на бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници, бидејќи, а како што беше најавено пред формирањето на Владата, таков предлог закон веќе бил подготвен. Но, сепак, таков предлог-закон сè уште не е поднесен во Собранието. Подоцна, премиерот Заев и министерот за здравство ги сменија изјавите во насока дека бесплатно болничко лекување ќе се обезбеди најпрво за социјално ранливите категории во 2018 година, а потоа за сите граѓани до крајот на 2019 година. Имајќи предвид дека го оценуваме ветувањето на Владата дадено во нејзината Програма за работа и дека досега не е преземено ништо по ова прашање, можеме да заклучиме дека споменатото ветување не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција