Во кабинетот на Пендаровски e вработена советничка за инклузија на Ромите

Стево Пендаровски фото: Претедател на РСМ/веб страна

ВЕТУВАЊЕ: Во мојот кабинет ќе има претставници од помалите етнички заедници, тој ќе го отсликува нашето мултикултурно општество.

[Извор: Официјална Фејсбук страна на претседателот Стево Пендаровски; датум: 03.05.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Реализацијата на  ветувањето  на претседателот Стево Пендаровски за назначување претставници од помалите етнички заедници во претседателскиот кабинет, е  во тек.

Во периодот на предизборната кампања за претседателските избори 2019 година, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, вети дека, доколку застане на чело на државата, во неговиот кабинет ќе има претставници од помалите етнички заедници. Пендаровски најави дека неговиот кабинет ќе го отсликува мултикултурното општество.

Во мојот кабинет ќе има претставници од помалите етнички заедници, тој ќе го отсликува нашето мултикултурно општество. Само обединети и еднакви можеме да одиме #ЗаедноНапред. Затоа на 5 мај да излеземе и да го заокружиме бројот 3, да ја запечатиме нашата заедничка и светла иднина, напиша Пендаровски на Фејсбук.

Во јануари 2020 година, на претседателскиот кабинет, како што беше објавено на официјалната страница на претседателот, се приклучи Фикрија Таир, надворешен соработник, советник за прашања од областа на мултикултурализам, политики, стратегии и програми за инклузија на Ромите во Република Северна Македонија.

Фикрија Таир се приклучи на Кабинетот на претседателот во јануари 2020 година по долгогодишно искуство во граѓанскиот сектор на теми поврзани со образование и интеграција на Роми, социјална инклузија, лидерство, застапување и лобирање, мултикултурализам, млади, иновативно и претприемачко учење, транспарентност и отчетност на буџетско известување, организирање и зајакнување на ромската заедница, политичко зајакнување на жени-Ромки и други активности и настани поврзани со групи кои имаат помалку привилегии.

Ваквиот потег на претседателот го поздравија од граѓанската иницијатива АВАЈА која има за цел да ги артикулира и промовира интересите на граѓаните Роми пред сите засегнати страни.

Avaja Ве информира дека даденото ветување на Претседателот, Стево Пендаровски за ангажирање на Советник за ромски прашања во кабинетот на Претседателот дадено на завршниот настан организиран од страна на #Aваја во рамки на кампањата #НиеГласамеНиеОдлучуваме е остварено. Кабинетот на претседателот низ отворен и транспарентен процес за советничка ја избра Фикрија Таир. #Аваја и честита на Фикрија Таир и очекува преку својата работа да придонесе кон приближување на институцијата Претседател до ромската заедница.

Засега во кабинетот на претседателот, како што може да се види од официјалната страница, нема вработени советници и од другите помали етнички заедници. Имајќи го предвид тоа, како и фактот дека ветувањето на претседателот не е ограничено со рок, може да се каже дека неговото ветување дека во кабинетот ќе има претставници од помалите етнички заедници, е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција