Во Кичево намален интересот на граѓаните за вакцинација против Ковид-19

Во последно време во општина Кичево интересот на граѓаните да се вакцинираат со вакцината против Ковид-19 е намален. Засега состојбата со Ковид-19 во оваа општина е мирна, но локалните власти велат дека во последните денови има тренд на зголемување на новите случаи. Новогодишните празници и доаѓањето на стотици иселеници во татковината може да бидат индикатор за зголемувањето на позитивните случаи со Ковид-19, пишува Порталб.мк.

 

Процесот на вакцинација во општина Кичево се одвива бавно. Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (од 6-12.12.2021) во оваа општина е вакцинирано 37,4 проценти од вкупното население. Според статистичките податоци што ги објави ИЈЗ во Кичево вакцинирани се 41,2 проценти од населението над 12 години и 43,7 проценти од населението над 18 години, кои заедно сочинуваат 37,4 проценти од вкупното население.

 

 Извор: Институт за јавно здравје

 

Релевантните локални власти во општина Кичево велат дека во последно време интересот на граѓаните за вакцинација со прва доза е намален, додека пак интересот што граѓаните го изразија за примање на третата доза од вакцината, или како што инаку се нарекува и бустер доза, е задоволителен.

 

Според доказите на релевантните служби во нашата општина, со прва доза против Ковид-19 вакцинирани се над 22.000 граѓани, од 13-годишна возраст до највозрасната популација. Со две дози се вакцинирани околу 20.000 граѓани, а со три дози 1.900 граѓани. Загрижувачки е што во последно време има намалување на интересот за првата доза додека за третата доза се уште има голем интерес. Против сезонскиот грип досега се вакцинирани околу 1700 граѓани, изјави Џабир Бајрами, директор на Здравствениот дом во Кичево.

 

Од почетокот на пандемијата, според ИЈЗ (состојба од 6 до 12 декември 2021 година), во Кичево се регистрирани вкупно 4.255 заболени од кои 4016 излекувани, 182 починати и 57 активни случаи. Засега во оваа општина состојбата е стабилна но новогодишните празници и доаѓањето на стотици иселеници во татковината може да ја сменат моменталната состојба.

 

Засега состојбата со Ковид-19 во општина Кичево е релативно мирна со зголемена тенденција последните два дена, додаде доктор Бајрами.

 

Министерството за здравство не предвидува нови ограничувања во наредните денови со кои ќе може да се држи под контрола епидемиолошката состојба за време на празниците.

 

Сметам дека нема потреба од никакви ограничувања, но апсолутно треба да се почитуваат протоколите кои се уште се во сила. За време на празниците кои ни претстојат, ги повикувам граѓаните да внимаваат, да носат маски, многу важно е и одржувањето на растојанието за да не се соочиме повторно со влошување на епидемиолошката состојба. Сите мерки остануваат исти, димензионирани се за да не се создава премногу гужва во затворените простори. Се надевам дека нема да имаме влошување на ситуацијата или појава на некоја нова варијанта, изјави Венко Филипче, Министер за здравство.
Како и да е, лекарите апелираат на што помасовна ваксинација на граѓаните, посебно сега кога сме во пресрет на празниците и кога интеракцијата меѓу луѓето е поголема од вообичаено. На зголемувањето на позитивните случаи во пресрет на празниците влијае и појавата на новата варијанта Омикрон која има голем потенцијал за брзо ширење.

 

Непосредно пред крајот на 2021 година, 56,6 проценти од светската популација примила најмалку една доза од вакцината против Ковид-19. На глобално ниво, администрирани се 8.63 милијарди дози и 37.22 милиони дози дневно. За жал, овие бројки не се однесуваат и за земјите со ниски приходи каде што една доза од вакцината примило само 7,6% од населението. Ширум светот, па и кај нас, во пресрет на празниците бројот на случаи со Ковид-19 е во пораст. Исто така, појавата на новата варијанта Омикрон го забрза ширењето на инфекцијата, посебно на европскиот регион, што доведе до зајакнување на епидемиолошките мерки во голем број западноевропски земји.

 

Светската здравствена организација ја идентификуваше позаразната варијанта Омикрон на Ковид-19 како причина за загриженост. Со оглед на тоа што на крајот на годината се интензивираат собирањата, лекарите апелираат до населението, доколку уште не го направиле тоа, да се вакцинираат против Ковид-19, но и оние кои се вакцинирани пред 6 месеци, да примат бустер доза, рече за Порталб.мкAлександра Глигориева од Лекарската комора на РСМ.

 

Последната анализа на Министерството за здравство ја нагласува важноста од вакцинирањето на населението, како единствено решение за надминување на кризата со пандемијата. Во анализата се забележува дека 67% од позитивните случаи со Ковид, кои биле дијагностицирани од август до средината на декември, биле невакцинирани. 98% од хоспитализираните лица се невакцинирани, а само 2% од сите хоспитализирани се целосно вакцинирани. Според анализата смртноста кај невакцинираните лица е драстично поголема за разлика од лицата имунизирани против Ковид-19. Од почетокот на епидемијата во Северна Македонија регистрирани се вкупно 220.794 случаи со Ковид-19, 207.563 излекувани, 7.794 починати од Ковид-19 и 5.437 активни случаи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција