За Филипче, за воздухот и за „бришачите на Фејсбук“ – три најголеми спинови во минатата недела

Фото: колаж на Вистиномер

Доминантни спинови во изборот на „Вистиномер“ во текот на минатата недела се поврзани со работата на министерот Венко Филипче, со активностите на СДСМ за спроведување на планот за чист воздух и со Фондацијата Метаморфозис, односно координираниот напад врз нас

 

Доминантни спинови во изборот на „Вистиномер“ во текот на минатата недела се поврзани со работата на министерот Венко Филипче, со активностите на СДСМ за спроведување на планот за чист воздух и со Фондацијата Метаморфозис, односно координираниот напад врз нас

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Изминатата недела имаше повеќе спинови од политичка природа, при што решивме да издвоиме три, според карактеристичноста и големината на реакциите во јавноста. Еве ги по календарски редослед, од најстариот до најновиот:

Спин бр. 1: Гробарот Венко Филипче денеска закопа 30 граѓани. Триесет семејства завиени во црно. Само Филипче може да постигне вакви црни рекорди! Знае ли Филипче дека по Втората светска војна до денес Македонија не памети толку големи човечки загуби. Македонија се соочува со најголема смртност предизвикана од корона затоа што Филипче здравствениот систем го стави на колена. Филипче како да не знае дека е на функцијата министер за здравство. Филипче како да не знае дека зема плата од пари од народот за да грижи за здравјето на токму тој народ. Филипче треба да си даде оставка затоа што здравствениот систем е парализиран…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/Соопштение – датум: 10.11.2020]

Контраспин: Вакви соопштенија ВМРО-ДПМНЕ лансира секој ден, или навечер откако ќе биде објавен билансот за изминатите 24 часа за состојбата со заразени, заболени, починати и оздравени или следнот ден. Во сите нив главен виновник е Филипче, па Зоран Заев, па Комисијата за заразни болести, итн. За волја на вистинита, ВМРО-ДПМНЕ тоа го прави од почетокот на кризата со корона вирусот. Барање за оставка на Филипче уследи уште на 9-ти март, кога го обвинија зошто не побарал оставка од директорката на Клиниката за кожни болести, потоа на 14.04.2020 г, кога покрај отсуството на масовно тестирање спинуваа за немањето заштитна опрема за лекарите и дека нивниот број се зголемува, потоа на 12.05.2020 г., кога невистинито тврдеа дека бројот на новозаразени се зголемувал, кога кривата покажуваше дека изминатата недела тој се намалува, а спиновите на ВМРО-ДПМНЕ најсликовито ја опишуваат опседнатоста со Филипче во август и септември, кога бројките континуирано се намалуваа, а тие одеа со квалификации „црна дупка во регионот и во Европа“ и „министерот за смрт“.

Иако, овој пат бројките се навистина загрижувачки и аларамантни, речникот и шаблонот за Филипче останува исти – сега е „гробарот Филипче“. Но притоа, ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш не се осврнува на вистината: вториот бран на пандемијата со корона вирусот е со катастрофални и поразителни бројки во цела Европа и регионот на Западен Балкан, а притоа не е регистрирана ниту една оставка на ниту еден министер за здравство. Што не значи дека сите се одлични, но факт е дека во секоја земја наместо да се занимаваат со оставки, сериозно се мобилизираат да се извлечат од најлошите сценарија – пропаст на здраствените системи. Неколкуте случаи на оставки во целиот свет се однесуваат на почетокот и во текот на летото, а се однесуваат повеќе на злоупотреби со јавните набавки во време на корoна кризата, а не со неспособност за мобилизација во јавното здравство.

Според погоре изложените аргументи, ВМРО-ДПМНЕ вo кој било случај, на подобри или полоши билансни состојби со корона кризата, сака да ги капитализира со оставка на Филипче, со што, јасно спинува дека тој е виновен за прогресот на пандемијата.

 

ВМРО-ДПМНЕ загадувал, СДСМ, прочистува

Спин бр.2: Владата предводена од СДСМ, локалните власти и сите инстутуции работат на спроведување краткорочни и долгорочни мерки што имаат за цел да го намалат аерозагадувањето…

За разлика од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога проблемот со загаувањето беше игнориран, а зеленилото се уништуваше за бизнис интереси денес СДСМ системски спроведува мерки кои имаат за цел да обезбедат почист воздух и поздрава животна средина.

[ Извор: СДСМ – Соопштение, датум 13.11.2020 г.]

Контраспин: Иако, загадениот воздух е редовна тема на преписките и јавните обвинувања власт – опозиција секоја година во изминатите 20 години во периодот ноември-март, ова соопштение од СДСМ, одговор на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ го издвојуваме како спин, затоа што две вистини се извртени: првата е дека ВМРО-ДПМНЕ е виновно за загадувањето со нивните политики за 11 години, а втората извртена вистина е дека СДСМ системски спроведува мерки за намалување на аеро-загадувањето.

ВМРО-ДПМНЕ навистина е виновен за многу работи, меѓу кои и за непреземање конкретни мерки против аеро-загадувањето, со исклучок на поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, во чие време започна изградбата на велосипедските патеки и субвенциите за печки на пелети, како мерка за намалување на аеро-загадувањето. Сепак, во времето на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ беа донесени Стратегиите за намалување на севкупното загадување, а беа спроведени и истражувања на оваа тема, Интегриран катастар на загадувачи на Скопје, а за што „Вистинимер“ детално пишувал.

Од друга страна, вистина е дека СДСМ презема или систематски спроведува мерки за намалување на аеро-загадувањата и дека тие даваат минимални резултати или во најдобар случај, не растат негативните, но системски гледано, владата предводена од СДСМ не успеа за 4 години да среди два огромни загадувачи на воздухот, почвата и водата. Не успеа да го реши прашањето на депониите загадувачи, од кои онаа во Струга, Кичево, Гостивар, Тетово и други се или големи или спаѓаат во црни точки, иако за дел од овие имаше план од порано, а за дел, дури годинава е направен план. Исто така, не успеа ниту по три години најави и спроведувања да распише успешен тендер за електростатските филтри на РЕК Битола, иако дури и во буџетот се одвојуваа пари за таа намена. Последните вести што може да се најдат како план за од есен оваа година, се од февруари 2020 година.

Бидејќи има и други „помали“ неспроведени планови, на пример за построги дозволи за увоз на стари автомобили или релативно мали пари издвоени за замена на печки на дрва со инвертер клими или, пак, да не зборуваме далечните планови за инфраструктура на гасоводната мрежа по градовите, јасно е дека од СДСМ можеле како главна партија во извршната власт да сторат многу повеќе. Впрочем, за тоа што е реализирано од последниот состанок на Интересорската група за чист воздух во мај годинава, може секој сам да процени, или, пак, од оние приоритети што беа соопштени од Планот за чист воздух на крајот од 2018.

Фронатален испланиран напад врз Метаморфозис

Спин бр.3: (ФОТО) Ова се луѓето кои бришат содржини од Facebook во Македонија!

[Извор: Лидер – вест – датум, 12.11.2020]

Контраспин: Неколку минути пред полноќ на 12.11.2020 година, он-лајн медиумот Лидер, кој патем нема импресум и не е член на регистерот на медиуми при СЕММ, објавува фото вест во која од веб сајтот на Метаморфозис се преземени фотографиите на 9 лица и со краток текст, а особено со насловот, се посочува дека тие лица „бришат статуси на Фејсбук во Македонија“.

Станува збор за еден од најголемите спинови во изминатата недела, кој, ако се погледне како структура, е ред лага, ред извртена вистина, односно спин.

Лагата се состои во насловот. Никој во Северна Македонија не брише статуси на Фејсбук. Фондацијата „Метаморфозис“, односно сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ како потписник на Кодексот на Меѓународната мрежа за проверка на факти, во партнерство со „Фејсбук“, од август годинава започна програма за проверка на факти. Пред почетокот на програмата, јавноста беше информирана за овој дел од борбата против дезинформации, која Фондацијата Метаморфозис ја води во земјата и регионот.

И уште нешто, оваа програма воопшто не вклучува опција за отстранување или бришење на каков било начин на содржини од социјалната мрежа. Методологијата на програмата (Facebook’s Third-Party Fact-Checking Program), е јавно објавена и е јасно објаснето дека опфаќа означување на содржини и додавање линк до написи со проверка на факти, а партнерите воопшто немаат можност да отстрануваат содржини.

Спинот пак, се состои во тоа што најголем дел од посочение лица од Метаморфозис воопшто не работат на оваа програма со Фејсбук. Иако уште утредента на 13.11. беше испратен демант до Лидер, тој сè уште не е објавен. Пласирањето на ваквата спинувана вест на ФБ страната на овој медиуми предизивка лавина од говор на омраза потив сите посочени лица, а кај некои објави, еден од корисниците што се претставува за новинар, дури и конкретно посочува на лицата, одбележувајќи ги со имиња и презимиња и изнесува низа клевети и навреди, по што се предизвика мултиплицирање на говорот на омраза.

Оттука, нема сомневање дека станува збор за лага и за спин, кој според минутажата на објава на други медиуми и на Лидер, исто така без сомнение, укажува на тоа дека станува збор за испланиран и координиран напад врз Метмаорфозис и новинарите што работат во оваа Фондација.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција