Контраспин: Реченица по реченица, спин до спин во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Колаж на Вистиномер

Ниту е точно дека кризата ескалира поради неспособност, ниту е точно дека тестирањата се причина за зголемен број заразени и починати, ниту е точно дека нема заштитна опрема за здравствените работници, ниту е точно дека поради мерките на Владата ќе дошло до колапс на економијата, ниту е точно дека со зголемување на акцизата ќе дошло до инфлација и богатење на олигарси… Се разбира, ова не значи дека сè што е преземено од Владата за време на корона кризата е идеално или безгрешно, но апсолутно е непримерно за секоја мерка да се спинува и ништо да не чини

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ ѝ се обрати на јавноста со соопштение, кое е, речиси целото исполнето со спинови:

Спин: Ескалира здравствената и економската криза во Република Македонија. Неспособноста на Зоран Заев и неговите соработници ја зема својата цена. Секојдневно се зголемува бројот на починати и заболени, а масовно тестирање нема. Расне бројот на инфицирани доктори, а заштитна опрема нема.

… Бавната и несериозна реакција на власта кога станува збор за помош на македонското стопанство и спас на работните места на граѓаните ќе значи колапс за економијата и висока стапка на невработеност.

Историјата со СДСМ на власт ни се повторува. Наместо помош за обичниот граѓанин на прво место се олигарсите и нивните милиони… Најавата за покачување на акцизата за горивата директно ќе удри по џебот на народот, буџетската дупка на Заев и на Ангеловска ќе се полни сo и она малку што му остана на народот.

Потребни се брзи и одлучни чекори за спас на економијата затоа што секој час таа е сè поблиску до колапс…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – датум: 14.04.2020]

 

 

КОНТРАСПИН:

Од почетокот на корона кризата во земјата, десетици пати е констатирано и аргументирано дека состојбата од главната опозициска партија се користи исклучиво во пропагандно-политички цели наменети за зголемување на рејтингот на партијата. Истото тоа може да се констатира и на 14.04.2020, со партиското соопштение со наслов СДСМ не враќа 30 години назад во времиња на криминалната транзиција, во кое од четири пасуса, сите четири се со спинувани информации, т.е. составени од извртени вистини.

Во првиот пасус, релативно точна информација е дека „ескалира здравствената и економската криза“. Сè понатаму е извртување на вистината. Ниту е точно дека ескалира поради „неспсобноста на Зоран Заев и неговите соработници“, ниту е точно дека се зголемува бројот на заболени и починати поради тоа што „нема масовно тестирање“, а уште помалку е точно дека „расне бројот на инфицирани доктори“ поради тоа што „заштитна опрема нема“. Аргументите се повеќе пати кажани и потврдени: „ескалира здравствена состојба“ бидејќи ескалира секаде каде што е детектирана појавата на вирусот, поради самата природа на овој вирус и на болеста. Тоа се очекуваше и беше најавено и кај нас.

Згоменото тестирање се спроведува согласно максималните капацитети на државата за тестовите кои со најголем процент на сигурност го покажуваат присуството на вирусот кај активно заразените или заболени лица, а скринингот со т.н. брзи тестови само ќе покаже дали кај некои пациенти веќе има развиено антитела на конкретниот вирус, по што повторно ќе мора да се изврши тестирање со методата која сега се спроведува од Инситутот за јавно здравје и другите неколку лаборатории.

Конечно, мали се и непоткрепни доказите дека докторите се заразуваат поради недостиг на заштитна опрема. Прво, бројките за такво нешто не се докажани, но докажано е преку инспекциските надзори дека протоколите за заштита не секогаш се почитуваат и тука и во светот, поради што секаде има одреден процент на заразени здравствени работници.

 

КОЛАПС НА ЕКОНОМИЈАТА Е НЕВИСТИНА

Вториот пасус има спин во делот во кој се наведува дека „бавната и несериозна реакција на власта за помош на македонското стопанство и спас на работните места на граѓаните ќе доведат до колапс на економијата“. Има бројни критики од дел од стопанството и од дел експерти дека мерките се бавни и не секогаш пристапни за сите компании. Но, исто така, има поддршка на тие мерки од други експерти и од меѓународни финансиски институции. Впрочем и Владата се коригира во дел од уредбите, како што соопшти неодамна министерката за фнансии, Нина Ангеловска. Ама дека сето тоа ќе доведе до „колапс на економијата“ е извртена вистина.

Постојат три сценарија, а дури и во најлошото не може да се употреби зборот колапс, зашто сите досегашни предвидувања се дека мерките полека ќе почнат да се отстрануваат во мај или до крајот на мај, по што во јуни економската активност повторно ќе завижее. Конечно, економската активност е во центарот на дебатата на целиот свет, паралелно со здравствената криза и решенијата за самиот вирус.

ЗОШТО АКЦИЗА НА ГОРИВАТА БИ БИЛО НЕЛЕГИТИМНО?

Третиот пасус се однесува на обвинувања за идејата дали да се зголеми акцизата на горивата. Зошто би било нелегитимно Вадата во услови на неочекувани намалени приходи по повеќе основи, да не се обиде привремено, нагласуваме привремено, да собере повеќе пари во државната каса (иста онаа каса од која ВМРО-ДПМНЕ бара да се помогне онаму, ваму, секаде) во овој случај повеќе десетици милиони евра со зголемена акциза на горивата?

Второ, во таа мерка, да потсетиме, се бара изедначување на акцизата на т.н. црвена нафта со дизел горивата, нешто што со години е детектирано како извор на злоупотреба и од превозниците и од граѓаните, а плус има и еколошки аспект.

И конечно, при услови на драстично намалена потрошувачка и драстично намалени цени на нафтените деривати, зарем покачување на акцизата ќе значело брцање во џебот на граѓаните и богатење на олигарсите преку зголемување на цените на другите производи? На пример, зошто еден превозник во меѓуградски превоз или еден транспортер би посегнал по зголемување на цените на неговите услуги, кога и со зголемена акциза би имал далеку поевтино гориво од пред кризата? И дека тоа ќе довело до инфлација. Впрочем, НБРМ веќе излезе со проекција на инфлација дури и помала од очекуваната за годинава.

Исто така, сосема нелогично е тврдењето дека со мерката за зголемување на акцизата „на прво место се олигарсите и нивните милиони“, односно дека од ваквата мерка нафтените олигарси ќе имаат некаква корист. Како прво, нејасно е зошто на било кој бизнисмен (или олигарх) би му одговарале повисоки давачки. Напротив. Со пониска акциза, газдите на нафтените компании можат да очекуваат дека ќе продаваат повеќе нафтени деривати, а со повисока, помалку. Тоа значи дека зголемената акциза не им оди во прилог ниту ним. Настрана што многу лесно може да се случи трошокот на зголемената акциза да не може да им се префрли врз потрошувачите во целост, па фирмите да мораат да ги намалат продажните цени од конкурентски причини, а со тоа да изгубат и дел од своите профити.

И конечно, четвртиот пасус е повторно рециклирање на вториот пасус за „колапсот“ и за граѓаните што ќе останеле без егзистенција.

ВМРО-ДПМНЕ несомнено спинува дека „СДСМ нè враќа 30 години назад во времињата на криминалната транзиција“. Попрво би било вистина дека со вакви спинувани констатации со кои партијата комуницира со јавноста вратени сме децении наназад во времињата на пропагандата на „Застава филм“ од поранешната држава СФРЈ. Се разбира, ова не значи дека се што е преземено од Владата за време на корона кризата е идеално или безгрешно, но апсолутно за секоја мерка да се спинува е непримерно.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција