За Македонија и јужниот сосед: на чија страна е меѓународното право

Грчки печат. Фото Hindrik Sijens, 2012
Грчки печат. Фото Hindrik Sijens, 2012

Наједнодушно, или буквално сите судечки судии на Судот констатираа дека јужниот сосед е прекршувачот на забраната за вето на нашето зачленување во НАТО со надимакот (референцата). Второ, дека Судот си дозволил да излезе од потесното слово на нашата апликација и најкатегорично да констатира дека не само јужниот сосед, туку било која членка на ОН не смее од нас да бара разрешување на спорот, туку само и само – искрени преговори.

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера / ополномоштен министер

 

По период на еден попрецизен пристап кон прашањето на спорот што го имаме со нашиот јужен сосед, повторно е присутна своевидна регресија. Во пресрет на Самитот на НАТО, за кој практично сите нѐ уверуваат дека нема што ново да ни донесе, можеби своевидна, за мене, (анти)кулминација беше медиумското пренесување на една од последните реакции на Министерството за надворешни работи на јужниот сосед. Имено, според Фаланга (30.08.2014)

Спорот со името не е билатерален, туку е прашање на почитување на меѓународното право. Официјална Атина преку портпаролот на Грчкото МНР експресно се огради од вчерашниот повик на германската канцеларка Ангела Меркел, која апелираше на брзо решавање на билатералните спорови на Балканот, вклучувајќи го и оној кој Грција го има со Македонија. „Грчката позиција е претставена пред целата јавност и е одговорно поставена, согласно не само со националната чувствителност, туку и со европските перцепции и меѓународното право. Според тоа, клучот за суштински напредок во преговорите не се наоѓа кај Атина. Како што неколкупати е потенцирано од грчка страна, спорот со името не е билатерален туку е прашање на меѓународното право, кое бара добрососедски односи и стабилност“ – стои во писмената изјава на портпаролот на грчката дипломатија, Константинос Кутрас. Грчкото МНР се уште молчи по протесната нота упатена од македонската дипломатија за навредливото скандирање на грчките и кипарските војници.’

Не е дека Фаланга само пренесува вест и тоа интегрално. Тоа сосема недвосмислено го потврдува последната реченица, која, веројатно според авторот или уредникот, „одлично“ ги „поклопува“ јужно- соседските ставови. Но, со тоа, фактички се имплицира дека немале што да кажат пред еден таков „аргумент“ како што е ‘меѓународното право’?!! Човек да не поверува посебно што токму последниов период се карактеризираше со повеќе изјави, новинарски коментари, па и новинарски прашања упатени до странски државници и дипломати во врска со спроведувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Македонско–јужно-соседскиот спор! Ако добро ја толкувам Фаланга, таа пресуда не е меѓународно право, ами меѓународно право е нешто што ние не знаеме, ама јужниот сосед одлично го владее! И уште нешто – од написот останува нејасно дали е тоа повик само на Меркел, па тоа нешто Германија индивидуално загрешила?

Но, да почнеме од полесното. Дека не се работи само за повик на Меркел, туку заклучок на цел еден меѓународен форум или собир, зборуваат јавувањата на истите тие наши медиуми. Во јавувањето на БезПардон(29.08.2014) прецизно се наведува за каков собир се работи, па дури и се цитира одредбата:

Сите учесници на конференцијата за Западниот Балкан во Берлин потенцираа дека треба да се решат билатералните прашања најбрзо што е можно во интерес на добрите меѓусоседски релации и за зголемување на стабилноста во регионот, стои во Декларацијата на берлинскиот самит.

Ако е тоа релативно „свежо“ и медиумите немале време соодветно да го анализираат, извесно е дека имаше доволно време да се анализира изјавата на германска канцеларка Ангела Меркел од јули годинава. Таа изјава ја пренесоа, и тоа повеќекратно, сите македонски медиуми. Ќе ја цитираме преку, еве на пример, АЛФА (15.07.2014):

Нерешениот проблем со името, идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас. Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли. Германија е подготвена на  конструктивна соработка за решавање на ова прашање, но без  компромис не е можно. Во Германија велиме – компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни. Кај компромис не може да очекувате дека се ќе заврши. Но кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис. Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ“, изјави Меркел.

Можеби клучна реченица е онаа дека во компромисот обете страни се ‘еднакво незадоволни’. Но, зошто јужниот сосед од ситуација на задоволство би прифатил ситуација, на макар парцијално, но сепак – незадоволство? Што е тоа што ним им е скратено со тоа што ја попречија Македонија во 2008 година да влезе во НАТО, кога сите други без спремни да кажат „ДА“? Со такво прашање следат релативно логични одговори на прашањето зошто спомнатиот Берлински самит ја загрижи јужно-соседската Сириза. СпоредРепублика (02.09.2014):

Најпопуларната грчка партија СИРИЗА на Ципрас е загрижена од иницијативата на Германија за Западниот Балкан. Партијата која која според анкетите за 1 до 2 % е во предност пред Неа Демократија на Самарас реагира по  заклучоците од Конференцијата за Западен Балкан во Берлин. Ципрас и неговите другари прашуваат зошто Грција не била поканета на конференцијата, каде било спомнато прашањето за името, алудирајќи притоа дека Германија може без консултации со Атина да преземе финална иницијатива  за решавање на долгогодишниот спор за името. Членовите на СИРИЗА се загрижени и зошто во Берлин не биле споменати преговарачкиот процес со посредство на ОН и одлуките на Европскиот совет, според кои прашањето за името е вклучено во рамката за почитување на добрососедските односи и промовирање на регионалната стабилност и е предуслов за пристапни преговори. Загриженоста на Ципрас и неговата партија која што лесно може да се случи на наредните избори да дојде во ситуација да формира нова влада кај јужниот сосед е пред се поради јасните германските обиди за ја заземе лидерска позиција на Балканот. Според СИРИЗА  организација на ад хок форуми вон рамката на ЕУ, исклученото учество на земји членки на Унијата и поделбата на улоги на земјите од Западен Балкан е опасност затоа што исклучувањето на Атина од регионалните процеси може да ја доведе земјата во делумна изолација и неможност да влијае на проблемите согласно својата надворешна агенда.

Или, наједноставно речено: на јужниот сосед не му била дадена прилика ниту да учествува на овој меѓународен собир, ниту да каже што има во врска со нивниот спор со нас. И веднаш се загрижиле, односно се појавило незадоволство!

Помалку се заборава дека прикриена, но фактичка ситуација на нееднаквост меѓу Првата и Втората страна постои уште при потпишувањето на Привремената спогодба. Дури и двајцата посредници, Ванс и Нимиц сметале дека Првата страна има име, додека … Втората страна, исто така, има име ама … А, сепак, тоа не е спогодба меѓу една именувана и една неименувана страна – двете се обезименети!

Јужно-соседските новинари имаат консенсус и не го користат ниту нашето име ниту нашиот надимак (референцата) туку во најголема мерка го користат погрдниот назив (кратенката). Нашите новинари категорички не сакаат да го направат нашиот јужен сосед – незадоволен и цело време го користат колоквијалното име на таа држава. Професионалци par excellence.

Но, највпечатливо е што нашите новинари дозволуваат, под паролата „пренесуваме“ да ги дисеминираат спиновите на јужно-соседската дипломатија. Најстрашниот спин, и тоа во буквална смисла, е дека на нивна страна е меѓународното право! Тие можат да го толкуваат како сакаат меѓународното право; можеме и ние, но, овластениот труст мозоци, а чие толкување произведува правни ефекти е – Меѓународниот суд на правдата. Тој Суд кажа дека јужниот сосед е тој што го прекршил меѓународното право! И токму тоа што јужниот сосед успеа таа пресуда сѐ уште да не е ефектуирана е суштината зошто токму овој спин е – најстрашниот.

Оттука и следи прашањето дали новинарите ги имаат апсорбирано барем најклучните аспекти на таа пресуда. Пред сѐ, дека наједнодушно, или буквално сите судечки судии на Судот констатираа дека јужниот сосед е прекршувачот на забраната за вето на нашето зачленување во НАТО со надимакот (референцата). Второ, дека Судот си дозволил да излезе од потесното слово на нашата апликација и најкатегорично да констатира дека не само јужниот сосед, туку било која членка на ОН не смее од нас да бара разрешување на спорот, туку само и само – искрени преговори. И трето, дека пресудата не е задолжителна за НАТО, но, сите членки на ОН се должни да ја почитуваат истата како правен став на највисокото правно тело на Светот. На самитите на НАТО не гласа НАТО, туку членките на НАТО. А, тие членки, по игра на случајот, се исто толку членки на ОН. Заклучок: секоја членка на ОН што ќе му дозволи на јужниот сосед да ни стави вето на членство во било која меѓународна организација станува – соучесник во прекршувањето на меѓународното право, и тоа онака како што го толкува Меѓународниот суд на правдата.

Претстојниот самит на НАТО е едновремено и прилика за нашите новинари да внимаваат на спиновите на претставниците на јужниот сосед и, можеби, да постават малку поинакви, пред сѐ, не емотивни, туку аргументирани прашања. Можеби на тој начин ќе предизвикаат незадоволство кај јужниот сосед – но, тоа е добро! Ако другите членки на ОН се почувствуваат како ‘соучесници во прекршување на меѓународното право’ – можеби тие ќе извршат притисок врз јужниот сосед, а што, исто така, ќе предизвика – незадоволство. Можеби ако се кумулира незадоволство по повеќе линии, јужниот сосед ќе се најде во ситуација да го гледа компромисот како помало незадоволство од кумулираното. Можеби!

(крај)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција