Заев нема да има полн четиригодишен премиерски мандат

Зоран Заев. Фото: СДСМ/веб

Заев појасни дека полниот четиригодишен мандат не е баш четиригодишен. Тој рече дека поради доблеста што ја покажала ДУИ во преговорите, самиот решил да покаже доблест и да му овозможи на ДУИ во последните 100 дена од идната влада да именува премиер

 

 

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на нова влада, Зоран Заев, по средбата со досегашниот и идниот коалициски партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети даде изјава за принципите за идната соработка при што во воведот се детектира невистина:

Дозволете во оваа прилика да ви претставам дел од принципите на кои се темели новиот коалициски договор за Влада која ќе ја предводам јас како нејзин премиер во полн, четиригодишен мандат.

[Извор: СДСМ/веб-Изјава на З.Заевдатум: 18.08.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Преставувајќи ги принципите на идната коалициска соработка како владини партнери, мандаторот за состав на новата Влада, Зоран Заев, во самиот вовед искажа невистина дека ќе биде на чело на таа влада во „полн четиригодишен мандат“.

Но, подоцна, на истата прес конференцијата во делот на ноивнарски прашања, Заев појасни дека полниот четиригодишен мандат не е баш четиригодишен. Тој рече дека поради доблеста што ја покажала ДУИ во преговорите, самиот решил да покаже доблест и да му овозможи на ДУИ во последните 100 дена од идната влада да именува премиер:

На самиот договор, како што кажав и при моето обраќање, ДУИ покажа големина и доблест… При таа доблест е утврдено јас да ја добијам честа да бидам претседател на владата во полн четиргодишен мандат. Сакам да напоменам дека дел од договорот е укинување на техничка влада, техничките министри и техничкиот премиер, нешто за што и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка. На вака заокружениот договор, како што беше ставен на маса, поради оваа големина и доблест што беше покажана од ДУИ, без било какви претходни консултации и разговори во коалицијата и во мојата партија, покажав доблест која што ќе ја презентирам пред нашата коалиција и Централниот одбор на партијата, да сите политички партии 100 дена пред изборите бидат рамноправни и еднакви со претседатели кои што ќе бидат во политичките партии. Техничка влада е укината, технички премиер е укинат, каде што на тие 100 дена, коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ, ќе го постави премиерот кои што ќе ги води последните 100 дена од редовниот мандат“ (Извор: А1 Он/видео, дел од обраќањето на Заев и Ахмети).

Како што може да се види од изјавата за договорот, кој без сомнение ќе помине во партиските тела и ќе се претвори во нова владина коалиција, тогаш идниот премиер Зоран Заев ќе биде претседател на таа влада 100 дена помалку што секако не е полн четиригодишен мандат.

 

Оценил: Тео Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција