Зоран Заев ни формално ни суштински не може да се оквалификува како „предавник на народот“

Фото: скриншот од постот

Постот со содржина во која Заев наспроти Делчев е означен како предавник на народот, само за последните 24 часа бил споделен 90 -тина пати, а погледнат повеќе од 11 илјади пати. Тој дел од постот е невистина, а покрај тоа содржи и елементи на говор на омраза и токму затоа беше одбран за рецензија од страна на „Вистиномер“

 

Пост со фотографија на која се наоѓаат Гоце Делчев и Зоран Заев со делумна вистина, стана многу вирален за последните 24 часа. Над фотографиите на Делечев и Заев стои текстот:

Секој народ си има свој херој (и свој – н.з.) предавник

Постот во кој што „херој“ е испишано над ликот на Делчев, а „предавник“, испишано над ликот на Заев, е делумна невистина.

Додека за Гоце Делчев нема сомневање дека е херој и дека како таков е оценет во литературата, во историјата, во секојдневниот политички речник и граѓански речник, како и во химната на државата, Зоран Заев никаде не е прогласен за предавник, официјално. За такво нешто да се случи, тоа е возможно само во услови на предвоена или воена состојба или, пак, во некоја сериозна кризна ситација, каде што дотичниот би „употребил сила или закана со сила“. Ова кривично дело во Кривичниот законик (КЗ) е одбележано како „велепредавство“ и спаѓа под главата „Кривични дела против државата“. Членот 305, гласи:

Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Дури и другите членови од КЗ да се разгледаат, каде што потенцијално Заев би бил предавник, дури и да не е именувано така кривичното дело, не можат да се најдат елементи за тоа. Ниту ги загрозил државните граници, ниту признал окупација, ниту оддал воена или државна тајна на непријател, ниту ја загрозил независност, ниту пак, сторил друго дело што би го квалификувало како предавник.

Заев е долгогодишен политичар кој бил, и е, на чело на влада, која потпишала два билатерални договора со кои се решија долгодеценски спорови со Бугарија и Грција. Тоа што во првиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка стои член дека ќе се формира Комисија за образовние и историски прашања и дека во моментов на дневен ред на Комисијата се наоѓа ликот и значењето на Гоце Делечев за двете страни, не го прави Заев предавник. Ниту, пак, го прави предавник тоа што се донела политичка одлука изгласана и во Собрание, за промена на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија, како еден од елементите за затворање на спорот со Грција.

Се разбира дека граѓаните приватно можат да го доживуваат како „предавник“, но тој де факто тоа не е, ниту формално, ниту суштински. Зашто, за да се квалификува дури и неформално како предавник на народот, треба да постојат цврсти аргументи дека ѝ наштетил трајно на државата и нејзините граѓани. Такви цврсти аргументи нема, иако за голем дел од граѓаните, без оглед дали се или не се симпатизери на опозицијата, не е проблем да го квалификуваат Заев како предавник.

Конечно, квалификацијата предавник е опасна квалификација кога се изнесува во јавниот говор и таа е дел од говорот на омраза, кој може да предизвика злосторство од омраза. Слободата на говор не е безусловна и таа слобода не смее да ја премине границата на подбуцнувачкиот или говорот на омраза.

Постот со содржина во која Заев наспроти Делчев е означен како предвник на народот, иако е ставен на 2-ри јули на социјалната мрежа ФБ, само за последните 24 часа бил споделен 90-тина пати, од што најмногу на 14-ти и 15-ти септември, а погледнат бил повеќе од 11 илјади пати. Причината е јасна – вчерашниот (на 15-ти септември), протест на опозицијата за „одбрана на ликот на Гоце Делчев“. Тој дел од постот, во кој Заев се нарекува означува како, е невистина, покрај тоа што во себе содржи и елементи на говор на омраза, а тоа може да се види и во дел од коментарите кај тие што го споделиле, и токму затоа беше одбран за рецензија од страна на „Вистиномер“.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција