Зошто ги нема амбасадорите во македонските медиуми?

Неговата Екселенција, Метју Барзун, амбасадор од САД ги предава акредитивите на британската кралица за време на аудиенцијата во Бакингемската палата на 27 ноември 2013 година. Извор: British Monarchy
Неговата Екселенција, Метју Барзун, амбасадор на САД, ѝ ги предава акредитивите на Британската кралица за време на аудиенцијата во Бакингемската палата на 27 ноември 2013 година. Извор: British Monarchy

 

Дали анонимноста на амбасадорите е поради нивната недоволна  активност или поради незаинтересираноста на медиумите да ги следат нивните активности?

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Присуството на амбасадори и други видови дипломатски претставници во една земја е вообичаена практика која е востановена уште од  стариот Рим, иако законските рамки за дипломатијата во склоп на меѓународното право потекнуваат од конгресот во Виена одржан во 1915 година. По дефиниција амбасадорот е највисок претставник овластен да ги застапува интересите на својата земја надвор од нејзините граници во државата или меѓународната организација за која е овластен.

Дневник неодамна пишуваше за новите седум амбасадори кои ќе треба да стапат на должност во Република Македонија при што најголемо внимание беше посветено на биографијата на амбасадорите: каде биле пред да дојдат во Македонија, дали имаат или не дипломатско искуство, колку време се во нашата земја како претставници од матичната земја и слични податоци.

Па така ќе прочитате дека :

„На местото на досегашниот британски амбасадор Kристофер Ивон, кој истовремено беше и доајен на дипломатскиот кор во земјава, доаѓа Чарлс Едмонд Гарет. Тој во британската дипломатија работи од 1987 година, а зад себе има искуство во британските претставништва во Хонг Kонг, Никозија, Берн и во Тајпеј.“

Или дека

„Нов доајен на дипломатскиот кор, односно амбасадор со најдолг стаж во земјава, ќе биде швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото.“

Дека новиот кинески амбасадор магистрирал во Виена, амбасадорот на Република Албанија е поранешен новинар со дипломатско искуство во земји на ЕУ,  а за претставниците на Летонија и Република Ирска ги има само личните податоци и ништо друго.

Неспорно е дека тие податоци  се важни ако сакаме да сме информирани каков кадар праќаат земјите за амбасадори кај нас, но многу поважно е прашањето дали и колку се тие активни во времето на своето „ амбасадорување“ односно дали своето присуство го користат за реални активности и воспоставување на соработка  помеѓу земјата која ја претставуваат и Република Македонија.

Повод за ваквото размислување се неодамнешните состојби со поплавите  во соседните земји:  Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска кога нивните амбасадори во Република Македонија можеби за прв пат беа видени на некои од медиумите  МК news, МТВ 1. Неспорно е дека во ваквите моменти повеќе се присутни во медиумите посебно кога се бара мобилизација на поголем дел од населението, но се проблематизира прашањето зошто  овие лица не се присутни во медиумите и во други прилики од секојдневието на нашата земја. Или зошто не ги знаевме пред да се случат овие проблеми? Дали анонимноста на амбасадорите е поради нивната недоволна  активност или поради незаинтересираноста на медиумите да ги следат нивните активности?

Според листата на странски дипломатски претставници во РМ  амбасадори и овластени дипломати  кои треба да ги застапуваат своите земји во Македонија има повеќе од 70 лица.  Од нив барем триесетина се со седиште во Република Македонија. Помал е бројот на наши амбасадори и  дипломатски претставници во другите земји – педесетина. Но само мал дел од нив и се познати на македонската јавност а нивните активности се опфатени во медиумите.

За две локални средби на амбасадори со македонските градоначалници на Охрид и Ѓорче Петров известуваа порталот на Охрид 1  мк :

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ ОСТВАРИ СРЕДБА СО АМБАСАДОРКАТА НА АВСТРАЛИЈА ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЈУЛИЈА ФЕНИ ,,На средбата беа разменети мислења за јакнење на економската соработка, размена на искуства од областа на туризмот,  привлекувањето на австралиски инвестиции, како и користење на финансиски средства од невладини организации. Се разговараше и за можностите што ги нуди Охрид за влез на хотели од висока категорија на крајбрежјето, како и за можностите за развој на здравствен туризам.“

И  Курир : Хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ ја посети општина Ѓорче Петров

„Од општината информираат дека градоначалникот Митровски ги претставил стопанските и развојните потенцијали на општината Ѓорче Петров и предложил заедничка соработка преку конкретно воспоставување партнерство со некоја од општините во Р. Хрватска со што двете страни би имале заеднички интерес. За Општина Ѓорче Петров интересот од збратимувањето со општина од Р. Хрватска како членка на Европската Унија ќе има уште поголем бенефит бидејќи ќе се отвори можност за размена на искуства и развивање заеднички проекти, преку кои  ќе се доближиме до процесот на користење на европските фондови кои нудат поволни услови за побрз развој на партнерските страни.“

Од овие две информации може да се види дека има поле на кое амбасадорите во РМ можат да остваруваат комуникација во локалните средини, не само во Скопје, туку и со општините од внатрешноста. Впрочем и при предавањето на акредитивите амбасадорите ги истакнуваат нивните заложби пред претседателот на РМ и потребата за соработка со нивните матични земји:

„Континуирано ги поддржуваме препораките на Европската комисија за почеток на преговори со Република Македонија. Финска има цврст став дека интеграцискиот процес треба да се заснова на заеднички усвоените објективни критериуми.“

 

“Република Латвија во зависност од можностите и позицијата силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ. Латвија ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јануари 2015 година. Очекуваме главните мотиви на претседателството – развој, вклученост и одржливост, дека ќе бидат охрабрувачки и за Македонија“.

Актуелно24.мк  ги пренесува и ставовите на другите новоакредитирани амбасадори, при што се гледа дека на почетокот на нивните мандати имаат јасни видувања за своите активности.

Токму поради тоа и се поставува прашањето каде се во натамошниот период и зошто ги нема во секојдневните известувања на нашите медиуми?

Забелешките насочени кон  презентирањето на активностите на амбасадорите од други земји во Република Македонија подеднакво се валидни и за презентирањето на нашите амбасадори во другите земји. Најчесто се известува од седиштето на Обединетите нации НАТО,САД, ОБСЕ ЕУ, соседна Грција, но многу ретко во тие известувања се вклучени амбасадорите. Најчесто станува збор за владини претставници кои реализираат посети во овие земји или институции.

Дипломатскиот весник  кој го објавува МНР може да биде корисен извор на информации за нашите медиуми кои сакаат да извесуваат за активностите на амбасадорите на Република Македонија во земјите каде што е нивната мисија. Се разбира поголема е важноста и новинарскиот предизвик да се биде поразличен од другите медиуми и да се објават информации кои другите ги немаат – не поради тоа што се недостапни и премногу деликатни, туку едноставно од причина што не се сетиле дека има приказна и во нешто поразлично од прес конференциите на владините министерства и другите државни органи тогаш кога тие сметаат дека имаат нешто да презентираат за јавноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција