АНАЛИЗА: Нов раст на минималната плата за подобра живеачка ?!

Фото: pixabay.com

 

Само 15,4% од домаќинствата можат лесно или подносливо лесно да ги задоволат потребите со вкупните месечни приходи, а од нив само 3,2 % од домаќинствата живеат многу „лесно“, сите останати се соочуваат со проблеми, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.Додека податоците на Заводот за статистика покажуваат дека сиромаштијата во Македонија се зголемила на 22,2% во 2017 година, власта најавува пакет на мерки со кои цел ќе бидат социјално ранливите категории на граѓани – годинава буџетот за социјални трансфери се искачи на 1,75 милијарди евра.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ЖИВЕАЧКА ОД СОЦИЈАЛА, ТРАНСФЕРИ ОД СТРАНСТВО, ПЕНЗИИ, ПЛАТИ…

Годишниот просек на вкупни расположливи приходи во едно домаќинство во земјава изнесува 6,080 денари, но јазот меѓу првата најсиромашна и последната најбогата група на граѓани е голем. Месечно, просекот на вкупните приходи на едно домаќинство изнесува 507 евра, од нив 59% се остваруваат од плата, 21% се од пензии,13,9% од приходите се од самовработување, а 4% се од социјални трансфери.

Но, податоците покажуваат длабоки разлики меѓу првата, најсиромашна категорија на домаќинства и последната категорија на семејства кои, според висината на расположливи приходи, се сметаат за најбогати, Така, годишниот просек на расположливи приходи кај најсиромашните домаќинства изнесува скоро 2.100 евра или 175 евра месечно. Кај најбогатите семејства, вкупните просечни приходи на годишно ниво изнесуваат 10.900 евра или 908 евра месечно. Поради длабочината на сиромашија, кај овие семејства приходите од социјални трансфери и од приватни трансфери се со повисок износ во однос на богатите домаќинства.

Вкупни приходи                        најсиромашни домаќинства               најбогати домаќинства

приходи од плата                                   702 евра                                  7. 189 евра

приходи од пензија                                395 евра                                  2. 126 евра

приходи од социјални трансфери        387 евра                                      173 евра

приходи од приватни трансфери         170 евра                                        80  евра

 

За намалување, односно амортизирање на сиромаштијата, власта најави нови економски политики кои се комбинација од мерки за зголемување на социјалната поддршка и стимулирање на нови работи места, со особен таргет на младите невработени лица до 29 години. Со измените во законите со кои е опфатена  социјалната и детската заштита, според проценките на Министерството за труд и социјална политика, треба да стартува суштински процес за извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија.

Со овие реформи гарантираме подобар живот, намалување на сиромаштијата и еднакви шанси за секое дете, но и активација на невработените на пазарот на труд. Ги повикуваме пратениците да гласаат за социјалната и детската реформа со што ќе покажат дека општеството е зрело за позитивни промени кои ќе значат многу за намалување на детската сиромаштија – соопштија од  ресорното Министерството.

 

Според дел од аналитичарите, позитивно се оценуваат најавите за зголемување на социјалната помош, но ваквите политики за амортизирање на сиромаштијата ќе дадат ефект доколку не се преземаат други потези со кои на удар ќе биде животниот стандард.

Можеби единственото за поздравување е порастот на буџетските средства за надоместоците во социјалната област во буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Но, со оглед на тоа што паралелно планираат да удрат по најсиромашните, спречувајќи ги пензионерите, социјалаците и хонорарците преку продавање на пазар да врзуваат крај со крај во месецот, сериозно се поставува прашањето дали промените во даночната политика имаат за цел подобрување на животниот стандард на најсиромашните или прибирање на дополнителни буџетски средства, кои, да, ќе се користат за фрлање трошки и подобрување на имиџот, но и ќе завршуваат во приватни џебови“– вели Здравко Савески од „Левица“.

Според поставените контури, годинава со реформите пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати, со што детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца. Со цел намалување на длабокиот јаз меѓу сиромашните и богатите и подобрување на животниот стандард на граѓаните, премерот најави дека и годинава ќе се зголеми износот на загарантираната минимална плата.

Стапката на сиромаштија без социјални трансфери во Македонија би изнесувала 40,7%.

 

КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ…

Висината на расположливите приходи во едно домаќинство ги диктира квалитетот на животот, при што податоците покажуваат дека и оние кои работат или примаат пензија не значи дека се надвор од зоната на преживување, односно сиромаштија.

Од сите вработени лица  само 9 % се сиромашни, од сите невработени – 38.7 %, од пензионерите – 7.7 % и од другите неактивни 32.1 % се сиромашни“ – наведуваат од Заводот за статистика.

Според анкетата која е спроведена во рамките на истражувањето на државната статистика, дури 47,4% од домаќинствата изјавиле дека тешко или многу тешко можат да ги задоволат животните потреби со вкупните месечни примања, 25,8 % рекле дека тоа го прават со извесни тешкотии а 15,6% од домаќинствата подносливо лесно или лесно можат да ги задоволат потребите со месечните приходи. Графата резервирана за граѓани кои можат „многу лесно“ да ги задоволат потребите е празна за 2017 година.

Според податоците, во 2017-та година, стапката на сиромашни лица во земјава изнесуваше 22.2 %. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2017-та година е 20 %. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица е 9 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.7 %. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите), изнесува 32.5 %.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.