Бегството на поранешниот македонски моќник во Унгарија предизвика наплив од дезинформации

Сликата преработена од страна на македонскиот сатиричар Александар Дојранлиев

Преку објавувањето непотврдени, непроверени и неточни информации за летот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Унгарија за да избега од отслужување двегодишна затворска казна, многу балкански медиуми помогнаа да се создаде состојба на конфузија и недоверба меѓу општата јавност. Главниот извор на конфузијата беше повторното објавување написи од страна на македонски, унгарски, српски и албански медиуми без никаква основна новинарска верификација.

Според „Балкан инсајт“, веќе е познато дека Груевски нелегално преминал од Македонија во Албанија а потоа со дипломатски возила кои биле управувани од лица од унгарските амбасади во Црна Гора и Србија бил транспортиран до Унгарија преку истите земји.

Лет со непостоечка авиокомпанија?

Една од највлијателните информации дојде од поранешниот реномиран српски весник „Политика“, кој на 15 ноември објави напис во кој се вели дека Груевски „побегнал“ со лет на унгарската авиокомпанија „Малев“од главниот град на Албанија, Тирана до Будимпешта. Написот на „Политика“ вешто ја изостави Србија од описот на рутата која ја имал бегалецот, што ѝ одговара на српската влада која е тесно поврзана со македонските и унгарските популисти инволвирани во операцијата.

Многу балкански медиуми ја објавија сторијата без никакви интервенции и само некои од нив се одлучија за еден исклучителен чекор – да ги оценат и разоткријат информациите во самата сторија. На пример, македонската новинска агенција „Мета“ укажа на фактот дека унгарската авиокомпанија „Малев“ ја прекина својата дејност во 2012.

Слика од проверката на фактите од страна на „Раскринкавање.рс“ во написот на „Политика“: „Ексклузивно: Груевски избегал преку Албанија“, искористена со дозвола. Во написот има и точни (тој навистина бил во Албанија) и неточни тврдења (тој поминал преку Србија со авион наместо со автомобил) а со тоа се наведува јавноста на погрешна страна.

Српскиот портал за проверка на факти од медиумите „Раскринкавање.рс“ дополнително го разоткри написот на „Политика“ со тоа што извести дека единствениот лет од Тирана до Будимпешта со која било авиокомпанија на 13 ноември бил доцна вечерта а авиокомпанијата била нискобуџетната „Виз ер“. Околу 13:10 истиот ден, Груевски на својот профил на „Фејсбук“ објави дека е веќе во Будимпешта, така што невозможно е да бил на летот на „Виз ер“ или кој било друг лет од Тирана.

Написот за кој станува збор беше отстранет од веб-локацијата на „Политика“ и тоа без објаснување. Меѓутоа, македонскиот портал „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ зачува слика од страницата како дел од нивната проверка на факти. Покрај анализата на информациите во сторијата, „Критинк“ укажува дека анонимниот автор на неточниот напис не се повикал на ниту еден извор за да ги поткрепи своите тврдења.

За ниедна информација во написот, или за ниедно тврдење нема наведено од каде тие потекнуваат и кој ги дал информациите. Нема ни повикување на анонимни извори – било официјални или неофицијални, што, исто така, дополнително го зголемува сомневањето дека она што е објавено е, всушност, невистина.

Дали Груевски избегал преправен во жена?

Уште една популарна неточна информација беше изјавата која беше нашироко споделувана дека Груевски преминал граници облечен во женска облека. Оваа изјава предизвика создавање голем број мемеа, најверојатно како против одговор на користењето мизогинија и хомофобија како оружје од страна на неговиот режим како и анти-ЛГБТИ пропагандата за да се стекне поддршка.

Изворот на оваа изјава беше интервјуто со познатиот македонски професор по право Владо Камбовски од 14 ноември за реномираниот „СДК.мк“. Во време кога сите детали околу инцидентот беа сѐ уште непознати, Камбовски шпекулираше дека сѐ е можно, па дури и нешто нечуено како мачо конзервативниот политичар облечен во женска облека за да побегне од законот.

Големиот херој и патриот Никола Груевски, кој можеби и во женски алишта се скри и побегна од Македонија, стори двоен прекршок покрај кривичното дело за кое е осуден на двегодишна затворска казна која требаше да ја издржува… Тој со бегството си ја зацементира вината.

Некои унгарски медиуми буквално ја сфатија оваа забелешка која беше истресена од ракав и објавија статии со сензационалистички наслови во кои се тврди дека Груевски навистина ги поминал границите облечен како жена и го цитираа „СКД.мк“ како извор на информацијата.

За работите да станат уште покомплицирани, некои македонски медиуми ги засилија дезинформациите од овие извори со наслови како „Унгарски медиуми: Груевски ја преминал границата облечен во женска облека“. Овие медиуми толку многу се потпреа на овие извори од трета рака што дури и не сфатија дека гласините всушност доаѓаат од нивната земја.

Режимот на Груевски беше на власт во Македонија од 2006 до 2017 и за тоа време инвестираше многу во пропаганда и дезинформации. Голем дел од таа инфраструктура, вклучително и некои од неговите медиумски сојузници, сѐ уште постои и продолжува да манипулира со информациите кои честопати прераснуваат во сензационализам и неточност како што патуваат преку границите во регионот.

Новинарите и проектите за проверка на факти можеби работат макотрпно за да ги разоткријат, но напливот од неточни изјави и контраизјави во рамки на општата медиумска сфера врши ерозија на довербата во новинарството, кое претставува столб на демократијата за јавноста, со што ја турка во уште подлабока политичка апатија.

Портрет на Goran Rizaov

Напишано од Goran Rizaov
Преведено од Драган Куциров

 

Преземено од Global Voices со дозвола на редакцијата.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.