Има решение за одложување на изборите

Груевски по вторпат ги ветува итните реформски приоритети за една година. Фото: ВМРО ДПМНЕ - официјален сајт

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во врска со аспекти од оддржувањето на избори на 5-ти јуни, во интервју за агенцијата Франс прес, изјави дека никој не нашол уставно решение да се одложат изборите:

Се наоѓаме во многу непријатна ситуација сега, ние сме единствената од четирите големи партии што ќе оди на избори”, рече Груевски во ексклузивното интервју на англиски јазик во импозантниот штаб на неговата партија во центарот на Скопје. Ако се одржат изборите следниот месец како што очекува тој, Груевски вели дека неговата партија “веднаш ќе биде подготвена” откако ќе се формира нов парламент да одат на уште едни избори на кои “ќе им дадат на граѓаните шанса да избираат”. “Сакаме заслужена победа, рече Груевски. Тој додава дека не гледа начин како да се одбегне одржување на изборите по распуштањето на Собранието.
Меѓународната заедница не е за одржување на изборите на 5 јуни, но никој нема најдено уставно решение да се одложи ова, објаснува тој.

[Извор: ВестДатум:14.05.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Никола Груевски дека „никој нема најдено уставно решение да се одложи ова“ (се мисли на одложување на изборите по распуштањето на Собранието), е недоследна и невистинита. Ова може да се заклучи од многуте мислења изразени од експерти дадени во јавноста во врска со ова прашање, кои главно се сведуваат на Уставот, на Деловникот за работа на Собранието на Законот за Собрание и на Заканот за пратеници.

Но, најпрво да ги видиме ставовите на експертите. Во изјава за Дојче Веле, редакција на македонски јазик, Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, вели:

Уставно право е да се учествува или не на избори, но кога причината за неучество е споделениот став од мнозинството партии за непостоење на услови за фер и демократска изборна трка, одлуката такви избори да не се одржат е политичка и морална, а не правна. Процесот на легитимирање е суштински проблематичен, а не учеството на само една партија/коалиција. Дополнително, да имавме отворени листи, каде се гласа за поединци, а не за партија, аргументот дека избор постои (помеѓу коалициските членови) ќе беше поиздржан. Вака изборот е фиксиран на утврдената листа, и фактички нема избор.

Слично мислење и Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, кој е доктор по правни науки. Тој во изјава за истиот текст на Дојче Веле, се повикува на темелните вредности на Уставот:

Одржување на избори на кои ќе учествува само една коалиција која е предводена од една доминантна партија, би претставувало целосна суспензија на уставно-правниот поредок на државата…Ова би значело свесно укинување на една од темелните вредности на уставниот поредок – политичкиот плурализам (чл. 8 од Уставот). Таквите избори не би го исполниле ниту условот на општост и тајност (спротивно на чл. 22 и 62 од Уставот), имајќи предвид дека во нив нема да учествува огромното мнозинство на гласачи, а на оние што ќе се одлучат да гласаат нема да им биде заштитена тајноста на нивниот глас.

Професорот по правни науки и академик Владо Камбовски е на истиот став како и претходните двајца експерти, дека одржувањето на избори е неуставно во ваква ситуација, па оттука го повикува претседателот на Собранието Трајко Велјановски да ја повлече одлуката и да го свика Собранието:

Има само една партија што сака да оди на предвремените парламентарни избори на петти јуни. Со тоа не се исполнети условите за повеќепартиски избори. Целиот наш систем, Уставот, Изборниот законик, засновани се врз плуралистички, повеќепартиски избори. Условот не е исполнет. Вељаноски е должен како што ги распиша лично изборите за петти јуни, кога веќе не беше претседател, така сега и да ја повлече одлуката, бидејќи нема услови за одржување на избори на петти јуни. Должен е првин да ја повлече одлуката, а потоа веднаш да го свика Собранието.

Но и без овие изјави, со внимателно читање на Уставот, Деловникот за работата на Собранието, и законите за Собрание и пратеници, станува јасно дека дилеми дали може да се свика седница на Собранието и да се одложат изборите, не постои. Во Уставот на РМ се наведува дека Мандатот на пратениците трае 4 години од денот на верификација на нивниот мандат (Член 63, став 1). Истото, дури и уште попрецзно се наоѓа во Законот за избор на пратеници, (член 5, став 2):

Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години.

И Уставот во член 64 и чл. 65 и Законот за пратеници во член 6 и во членовите 56-59 во Деловникот, предвидуваат во кој случај на пратениците им престанува мандатот, но ниту еден од наведените случаи не го опфаќа распуштањето на Собранието.

Оттука, сосема е јасно дека тезата оти било неуставно да свика Собранието, освен во воена или вонредна состојба, се однесува само ако има потреба мандатот да биде продолжен над четири години од верификацијата на мандатoт на последниот пратенички состав. Таа одредба се наоѓа во член 63, истиот тој кој во првиот став вели дека пратениците имаат мандат од четири, а во ставот четири се објаснува дека:

Мандатот на пратенииците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Сето ова, како и фактите дека Велјановски сè уште ја извршува функцијата Претседател на Собранието на РМ, а пратениците од сегашниот состав, сè уште примаат плата за своите функции пратеник, јасно укажува дека Собранието е се уште функционално, иако мнозинството пратеници решиле да донесат одлука за распуштање.

Распуштањето, според повеќе изјави во јавноста и на пратеници, е одлука кој се однесува да нема пленарни седници од моментот на распуштање до денот на одржување на изборите. Дотолку повеќе што член 66 Уставот вели дека Собранието е во постојано заседание, што би подразбирало дека Собранието постои и е функционално, дури и ако има одлука за распуштање. Конечно, што ако Државната изборна комисија го извести Велјановски дека нема услови за одржување на избори, како што веќе донесе таква одлука минатиот петок? Професорот по уставно право Осман Кадриу вели дека ДИК е клучен орган и дека тоа е сосема легитимна одлука за поништување на закажаните избори:

ДИК не е обичен административен орган, таа е суд во управна постапка кога станува збор за организирање на изборите, нивното спроведување и изборните резултати. Таа одговара за законитоста, таа е државен орган а не партиски. ДИК сега треба да го извести Парламентот дека нема услови за избори бидејќи само една партија има кандидатски листи.

Но, дури и да претпоставиме дека сите овие аргументи, сите овие членови на Уставот и законите би можеле да бидат предмет на различни толкувања, има една одредба од Уставот на РМ која ги решава сите дилеми. Имено, вo член 8 од Уставот, кој ги одредува Темелните вредности на уставниот поредок, во став 2 се вели:

Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Во Уставот, ниту во некој закон или подзаконски акт, не е забрането носител на највисока државна функција да поништо свое решение за распишување на избори, ниту пак да се свика Собранието на РМ, без оглед што има одлука за распуштање донесена од мнозинството пратеници.

Оттука, изјавата на Никола Груевски за Франс прес ја оценуваме како недоследна и невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција